Економија
Амбасадата на Швајцарија и „Алкалоид“ во партнерство реализираат обука за вработување млад кадар со средна стручна подготовка
Квалитетното образование и соодветната обука имаат клучна улога во регрутирањето кадар при процесот на вработување. Одговорноста е уште поголема доколку станува збор за кадар од стручните сфери, претенденти за позиции во фармацевтската индустрија, кои е неопходно да бидат соодветно подготвени и обучени за предизвиците и за одговорностите што ги носи овој сегмент.
Во таа насока, Амбасадата на Швајцарија, преку проектот „Образование за вработување“, во партнерство со „Алкалоид“ АД, со Средното медицинско училиште „д-р Панче Караѓозов“ и со Фармацевтскиот факултет при УКИМ, започна со реализација на обука за лабораториски техничари. Обуката ќе се одвива во согласност со стандардната пропишана програма за обука, но теоретскиот дел од 45 часа ќе биде во целост реализиран виртуелно, на дигиталните платформи за учење, а практичниот дел од 30 часа ќе се одвива во лабораториите на „Алкалоид“ АД.Проектот „Образование за вработување“ е наменет за обука кандидати со средна стручна подготовка, на возраст од 18 до 29 години, кои не се во работен однос. Првата група од 18 пријавени кандидати започна со теоретската обука на 16 јуни, а по тој повод беше одржана виртуелна средба на претставниците на партнерските институции, проекти и компании.
Амбасадорката на Швајцарија, нејзината екселенција г-ѓа Сибил Сутер Техада, истакна дека конкурентноста на швајцарската економија во еден дел се должи на квалификуваната работна сила.
„Швајцарија има развиен систем на стручно образование, а приватниот сектор игра клучна улога во тоа. Врз основа на швајцарското искуство, веруваме дека квалитетниот систем на стручно образование е единствено можен преку цврсто партнерство со приватниот сектор“ додаде таа. Во моментов се работи на Швајцарската програма за соработка за периодот 2021-2024 година, во којашто дигитализацијата и соработката со приватниот сектор се особено важни теми.
Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје, истакна дека оваа соработка е резултат на меѓусебната координација и на искуството што го поседува проектот E4E на швајцарската интеркооперација „Хелветас“, како и на алкалоидовата цел за издигнување на компетенциите на средношколските кандидати за вработување на ниво потребно за самостојно извршување на активностите на лабораториските техничари во склоп на компанијата.
„Започнуваме со првата група од 18 кандидати, од вкупно 30 предвидени со проектот, а по завршувањето на вториот круг од обуката, 15 од регрутираните кандидати својата кариера ќе ја почнат во лабораториите на сегментот Фармација во ‘Алкалоид’, каде што голем дел од работата ќе ја извршуваат самостојно. Во рамките на овој проект, швајцарската интеркооперација ‘Хелветас’ обезбеди средства во висина од 500.000 денари, а ‘Алкалоид’ АД Скопје ќе вложи дополнителни 3,7 милиони денариод сопствените ресурси“, истакна Мукаетов.
Воедно,тој нагласи дека соработката со професорите од Фармацевтскиот факултет при УКИМ и при СМУГС „д-р Панче Караѓозов“ ќе биде голема додадена вредност во овој процес, заблагодарувајќи им се на професорите за нивната посветеност.
„Проектот ‘Образование за вработување’, преку кој е поддржана оваа активност, е применет од швајцарската развојна организација ‘Хелветас’, Стопанската комора на Македонија и од Македонскиот центар за граѓанско образование, а во фокусот е подобрување на формалното и на неформалното средно стручно образование и обука“, истакна г. Курт Витрих, тим-лидер на проектот.
Професорката Маја Салиу, директорка на Средното медицинско училиште „Д-р Панче Караѓозов“, изрази благодарност за вклученоста во реализацијата на обуката, која води до зголемување на шансите за вработување на младите лица, поддржувајќи ја трасираната соработка меѓу креаторите на политиките и пазарот на труд. „На овој начин ги промовираме стручното образование и обука, а социјалниот карактер на оваа соработка е чист пример за нашите заеднички напори за креирање квалитетен стручен кадар подготвен за работа“, истакна директорката Салиу.
Соработката меѓу институциите од високото и од средното образование, со поддршка на компаниите, најверојатно е рецептот за успех. Во таа насока, проф. д-р Светлана Кулеванова, декан на Фармацевтскиот факултет во Скопје, ја истакна клучната улога на стручните обуки во насока на задоволување на барањата на компаниите, особено кога во нивната реализација се вклучени и компании како што е„Алкалоид“, која е лидер во фармацевтската индустрија. „Проектот ‘Образование за вработување’ е првиот проект во кој сме вклучени, а кој се однесува на неформалното образование и се надевам дека ќе даде голем успех“, наведе професорката Кулеванова.
Оваа соработка меѓу институциите во иднина ќе се продлабочи и во други сегменти од работењето.
(ПР текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.