Економија
„Ам чам“ презентира универзални деловни принципи како основен предуслов за создавање на безбедна работна средина за жените
Во знак на поддршка на заложбите за подигнување на јавната свест за родовата еднаквост, а во рамките на кампањата „Слушни ја! – 16 дена активизам против родово базираното насилство“, Американската стопанска комора во Македонија („Ам чам“) во соработка со Амбасадата на Соединетите Американски Држави, денеска беше домаќин на настанот „Создавање безбедна работна средина за жените“.
На настанот зедоа учество многубројни претставници од јавните и меѓународните институции, како и претставници од корпоративниот сектор, кои имаа можност да ги чујат мислењата и ставовите на врвни локални и странски експерти, кои дискутираа за ситуацијата на жените на работните места, како и за најдобрите светски практики кои нудат практични механизми за решавање на родово базирани прашања во работната околина.
Една од клучните забелешки што произлегоа од настанот е дека е неопходна имплементација на таканаречените универзални деловни принципи во сите сегменти од деловното работење, принципи што ги промовира и поддржува Американската стопанска комора во Македонија и очекува нејзините членки да ги следат, а кои вклучуваат: усогласеност со законите, одговорно управување, почитување на индивидуалноста и достоинството на вработениот, охрабрување на разноликоста и обезбедување на сигурна и безбедна работна средина за жените, вложување во континуиран тренинг и развој на вработените, еколошко одговорни деловни практики, подобрување на пристапот до пазарот и промовирање на правата на интелектуалната сопственост и високи стандарди за професионална и бизнис-етика.
„Суштината на работењето на ‘Ам чам’ се заснова на филозофијата дека добрата етика и доброто работење се синоними. Веруваме дека бизнисите играат важна улога и претставуваат катализатор за постигнување на позитивни општествени промени, промовирајќи ја добросостојбата на секој поединец и принципите за слободно претприемништво. Затоа, ‘Ам чам Македонија’ континуирано ги охрабрува своите членови да поставуваат високи стандарди за етичкото работење и да бидат предводници и примери во своите индустрии, но и во економијата во целост“, истакна Дијана Десподов, извршен директор на „Ам чам Македонија“.
На настанот свое обраќање имаше и Барбара Мозџез, задолжена за човечки ресурси во Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Скопје, која одблиску ги запозна присутните со начините на кои владата на САД создава безбедно работно место за жените истакнувајќи:
„Дискриминацијата и сексуалното вознемирување на работното место се комплексни проблеми, но имаат многу едноставно решение – однесување кон сите вработени со достоинство и почит. Навистина е толку едноставно“.
На настанот беа претставени и прелиминарните резултати од тековното истражување за безбедноста на жените во работната средина спроведувано од „Реактор“.
„Прелиминарните резултати покажуваат дека дури 45 отсто од испитаниците искусиле некој вид сексуално вознемирување на работното место. Од нив, 44,5 отсто никогаш не го пријавиле инцидентот. Тоа покажува дека треба да создадеме атмосфера во која жртвите на насилство и вознемирување ќе може слободно, без страв и срам, да ги пријавуваат инцидентите и да се чувствуваат заштитено и од законски и од социјален аспект“, истакна Снешка Илиќ, истражувач во „Реактор“.
„Ам чам“ заедно со своите партнери продолжува посветено да работи во насока на промоција на одговорно и етичко работење на сите стопански субјекти притоа пренесувајќи ги позитивните и функционалните примери и практики од САД.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.