Економија
Ангеловска-Бежоска: Ги преземаме сите мерки за осигурување на среднорочната ценовна стабилност
Како централна банка постојано работиме на обезбедување среднорочна ценовна стабилност. Тековното затегнување на монетарната политика има цел да придонесе за намалување на инфлациските очекувања и стабилизирање на инфлацијата. Како резултат на постепеното намалување на цените на примарните производи, но и на мерките преземени досега, од ноември се забележува постепено забавување на инфлацијата во услови на задржана стабилност на девизниот курс и на финансискиот сектор, рече гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, говорејќи на панел-дискусијата со наслов „Фискални, монетарни и даночни политики во време на криза“, во рамките на годишната владина конференција со наслов „Година на нови можности“.
Ангеловска-Бежоска во своето излагање рече дека сме сведоци на најсинхронизираниот одговор на централните банки во светот преку затегање на монетарните политики за стабилизирање на инфлацијата, посилен во споредба со 70-тите години. Таа посочи дека иако не станува збор за стандарден шок на побарувачката, поради високите стапки и дисперзирноста на инфлацијата, централните банки немаат друг избор, освен да ја затегнуваат монетарната политика, а видот на инструментите и силината зависат од монетарната стратегија, инструментариумот и одделните фактори што влијаат врз инфлацијата.
„Со оглед на нашата монетарна стратегија на стабилен курс на денарот, поставеноста на нашата монетарна политика зависи од два клучни фактора – состојбите на девизниот пазар и притисоците на курсот и инфлациските движења. Првите притисоци во овие два сегмента беа забележани со појавата на енергетската криза кон крајот на 2021 година кога почна нашата реакција преку постепено намалување на ликвидноста со интервенции на девизниот пазар. Продолживме со зголемување на основната каматна стапка, но и на каматната стапка на депозитите преку ноќ, седумдневните, кредитите преку ноќ, каматната стапка на репо-операциите. Во неколку наврати направивме измена кај инструментот задолжителна резерва, преку што се влијае и на циклусот на затегање, но и се поттикнува процесот на денаризација и зеленото финансирање, а сето тоа придонесува за поддршка на стабилноста во економијата. Во основа ние сме во групата земји што меѓу првите почнаа со интервенции, уште во 2021 година, користејќи многу поширок спектар инструменти, а не само основната каматна стапка“, рече гувернерката.
__________
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.