Економија
Ангеловска и Бектеши со угостителите: Олеснети условите за користење на мерката плата 14.500 денари по вработен и нова линија бескаматни кредити
Преку појаснување на мерките, како и прилагодување на истите согласно потребите и барања, владата ќе излезе во пресрет на угостителите, беше заклучено на денешниот состанок на министерката за финансии – Нина Ангеловска, министерот за економија – Крешник Бектеши и претставници на кластерите за угостителство при стопанските комори.
Министерката за финансии, Ангеловска, рече дека се отворени за брза комуникација, да ги објаснат, но и прилагодат мерките за да се излезе во пресрет на барањата на реалниот сектор.
Таа посочи дека се направени промени во уредбата за мерката плата 14.500 денари по вработен за мали и микро претпријатија со која се овозможува сопственикот и управителот ако се вработени во фирмата да можат да аплицираат за мерката. Исто така, покрај овој услов, беше променет и условот 2 месеца наместо 4, да се задржи истиот број на вработени по користење на истата.
„Дополнителна дилема која ја расчистивме е за кои работници може да се користи оваа мерка. Мерката може да се користи од секоја компанија која има пад од повеќе од 30% од приходите за сите работници кои имаат плата под 39.900 денари и кои користат активни ослободувања од придонеси и персонален данок, односно за работодавачи кои користат целосно ослободување од придонеси од проектите ‘Македонија вработува 1 и 2’ . Не се работи за мерката за покачување на платите која беше лансирана минатата година. Ако ја искористиле мерката за субвенционитрање на придонеси за покачување плата тоа може да ја користи и оваа мерка“, рече Ангеловска.
Таа најави дека Развојната банка наскоро ќе ја пушти втората кредитна линија од 8 милиони евра и кредитите ќе изнесуваат 90.000 евра согласно бројот на вработени. Истата ќе биде отворена за трите погодени сектори, но и за сите останати сектори погодени од кризата.
Министерот Бектеши информираше дека Министерството за економија веќе има обезбедено средства за директна поддршка на туристичко-угостителскиот сектор преку Фондот за туризам кој веќе е основан, но ќе биде активен по завршување на кризата, односно во периодот на закрепнување.
„Тој ќе биде насочен за директна поддршка на туристичкиот сектор и во моментов се обезбедени 95 милиони евра, средства кои е предвидено да се зголемат во наредниот период во согласност со штетите кои ќе ги претпрпат овие компании. В понеделник очекуваме дополнителни предлози и насоки од туристичко-угистителскиот сектор за тоа во која насока е најлесно да се користат мерките од нивна страна кои ќе бидат разгледани во вторник на состанокот на Координативното тело по што ако има потреба ќе бидат донесени дополнителни мерки“, истакна Бектеши.
„Во делот на новите уредби кои ги донесе Владата покажаа позитивен чекор за некои од работите кои ние ги укажувавме и е добар чекор и се надевам дека ќе продолжи така соработката и понатаму. Ни фалеше ваков конструктивен дијалог. Ќе се потрудиме да ги пренесеме нашите мерки најдобро што можеме и сакам да нагласам дека приматот го ставаме на како да ги задржиме нашите вработени и како да добиеме најмногу средства за нив“, рече Мартин Ангеловски, претставник на угостителскиот сектор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Рекорден трговски дефицит во 2023 година во износ од 436 милиони евра
Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски преку „Фејсбук“ објава извести за рекорден трговски дефицит во 2023 година за за земјоделско-прехрамбени производи во висина од 436 милиони евра.
„Рекорден трговски дефицит во 2023 година во износ од 436 милиони евра. Еве како СДС го уништува македонското земјоделство, Македонија со СДС стана земја увозно зависна од храна. Негрижата за македонските земјоделци и тотално погрешните земјоделски политики на СДС ги примора земјоделците да го напуштат полето, а со тоа македонските граѓани да јадат увозни земјоделски производи, Македонија од земја извозник стана земја увозник на храна под власта на СДС. Земјоделците ќе имаат вистински партнер во новата Влада на ВМРО-ДПМНЕ и заедно ќе го вратиме македонското земјоделство во онаа препознатлива состојба, а Македонија повторно ќе биде земја извозник на храна“, рече Трипуновски.
Економија
Надворешен долг, побарувања и меѓународна инвестициска позиција во четвртото тримесечје од 2023 година
Објавено е редовното статистичко соопштение за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција.
На крајот на четвртиот квартал од 2023 година:
На 31.12.2023 година, нето надворешниот долг изнесува 4.458 милиони евра (или 32,6% од проценетиот БДП). Нето надворешниот долг на земјата, во четвртиот квартал од 2023 година, е зголемен за 305 милиони евра, или за 7,3%. Од аспект на структурата, приватниот нето-долг и натаму има поголемо учество во вкупниот нето-долг со 67%.
Во текот на четвртиот квартал од 2023 година, негативната нето меѓународна инвестициска позиција (МИП) е зголемена за 160 милиони евра и изнесува 8.500 милиони евра, односно 62,2% од проценетиот БДП за 2023 година.
Најновото соопштение за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција е достапно на следниот линк.
Економија
Во вториот квартал од 2025 година стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот ќе остане 1,5 отсто, одржана седница на Советот на Народната банка
Советот на Народната банка, на својата редовна седница, одржана на 28 март 2024 година, врз основа на редовната квартална оцена на системските ризици, донесе одлука за задржување на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките во Република Северна Македонија во висина од 1,5%, којашто ќе се применува и во вториот квартал од 2025 година. Одлуката се заснова врз оцените за постепено стабилизирање на нагорните циклични системски ризици и постојана стабилност на банкарскиот систем. Исто така, ги зема предвид условите од окружувањето коешто и натаму е неизвесно и придружено со ризици, што е причина за претпазливо спроведување на макропрудентните мерки заради натамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот сектор. Со одржувањето на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот се придонесува за спречување и за намалување на можните ризици.
Народната банка ќе продолжи со внимателно следење на системските ризици и ќе ја преоценува висината на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот на редовна квартална основа. Притоа, имајќи ја предвид природата на противцикличниот заштитен слој на капиталот и насоките на релевантните европски институции, Народната банка може да ја оцени потребата за зголемување на стапката, при раст на ризиците и неизвесностите од окружувањето, во услови на поволни остварувања на банките. Во случај, пак, на значително остварување на ризиците во билансите на банките, може да се оцени и потребата од делумно или целосно ослободување на овој заштитен слој на капиталот, како поддршка во работењето на банките при евентуални неповолни сценарија.
Советот на Народната банка на седницата разгледа и други материјали поврзани со работата на централната банка.