Економија
Ангеловска: Приходите во буџетот во мај се реализираат согласно поволното сценарио
Приходите во буџетот заклучно мај се согласно поволното сценарио на Министерството за финансии, што значи дека патеката на движење беше соодветно проектирана и досегашната реализација се движи во линија со планираното, односно имаме позитивно отстапување или подобра наплата од околу 300 милиони денари на приходите од акциза, рече денеска министерката за финансии Нина Ангеловска во изјава за медиумите за извршување на буџетот од почетокот на годината заклучно мај, како и за неговото финансирање.
Од почетокот на годината заклучно мај, наплатата на приходите во буџетот е за 8,9% пониска на годишна основа. Наплатата на даночните приходи е за 12,9% пониска во однос на 2019 истиот период. Наплатата на придонесите има раст од 7,1% во однос на минатата година, што е показател дека годината започна одлично со раст на вработеноста и платитe, а во растот на платите значајна улога одигра и мерката за поддршка на приватниот сектор за покачување на платите која ја искористија над 22.000 компании и ги зголемија платите на околу 120.000 вработени, посочи Ангеловска.
Расходната страна е повисока за 7.9% од почетокот на годината заклучно мај, при што кај реализацијата на капитални расходи за првите 5 месеци бележи мал раст од 1.6% во однос на лани.
Во однос на Ребалансот, вкупните приходи се реализирани во износ од 37.3%, додека вкупните расходи 38% од планираното. Дефицитот заклучно со мај изнесува 18,9 милијарди денари или 2,8% од БДП.
-Важен аспект е дека во време на неизвесност и глобална пандемија која предизвика економски рецесии и во најголемите економии, кога има нарушување во синџирите на набавка, намалена економска активност и зголемена улога на државата во помагање на граѓаните и стопанството, ликвидноста на буџетот е стабилна и финансирањето е обезбедено под поволни услови – рече Ангеловска.
Остварувањето на буџетските приходи само во мај изнесува 12,7 милијарди денари што претставува годишен пад од 24% споредено со мај 2019 година. Даночните приходи во мај се остварија во износ од 6,5 милијарди денари или споредено со мај 2019 регистрираа пад од 28%, додека придонесите се реализирани во износ од 5 милијарди денари што е речиси на исто ниво со лани.
Во основното сценарио на Министерството за финансии, таканареченото поволно сценарио, проектираниот пад на даночните приходи за мај бил 31%. Ова значи дека патеката на движење беше соодветно проектирана и досегашната реализација се движи во линија со планираното, односно имаме позитивно отстапување или подобра наплата од околку 300 милиони денари на приходите од акциза, истакна Ангеловска.
-Како резултат на појавата и ширењето на коронавирусот, нужно зло беше да се преземат рестриктивни мерки кои имаат за цел заштита на здравјето на граѓаните, спречување на ширење на вирусот и нанесување неспоредливо поголема штета, хумана и материјална односно економска. Беше очекувано дека тоа ќе предизвика запирање на дел од економските активности и дека ќе го отежни функционирањето на некои синџири на набавка. Следствено на ова, падот на приходната страна беше очекуван.- вели Ангеловска.
Што се однесува до расходната страна во месец мај вкупните расходи се реализирани повисоки за 1.9 милијарда денари или 11% повеќе споредено со мај минатата година. Ова зголемување се должи пред се на поголемата исплата на субвенции и трансфери, односно исплата на мерката за справување со COVID-19 која се однесува на субвенционирање на плати во приватен сектор. Истата беше реализирана во месец мај во износ од 1.8 милијарди денари (или околу 30 милиони евра).
Финансирањето на дефицитот, како и на старите долгови кои доспеваат за враќање во износ од 685 милиони евра, ќе се покриваат со издадената еврообврзница во износ од еврообврзница од 700 милиони евра, заем од ММФ заем во износ од 176 милиони евра, заем од ЕУ од 160 милиони евра, заеми од Светска банка во износ од 140 милиони евра (од кои 57 милиони евра се предвидени да се влечат во 2020 година), како и повлекувања од други кредити за реализација на капитални проекти. Исто така предвидено е нето повлекување преку државни хартии од вредност од 250 милиони евра.
-Ова е најоптималното портфолио, најдобра комбинација согласно трошок и рочност, односно услови за понатамошно сервисирање на долгот. Еврообврзницата ја издадовме во вистинско време, што се огледа од побарувачката за истата која беше пет пати поголема од понудата, што е највисока во регионот од Југоисточна Европа од почетокот на кризата. Исто така, цената за еврообврзницата која ја постигнавме е 3,675% што е втора најниска камата од сите 7 еврообврзници кои се издадени од земјава. Треба да се има на ум и дека оваа евробврзница е издадена во време на криза, што значи дека доколку беше издадена во нормални услови каматата ќе беше значително помала помала- рече Ангеловска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Јаболкото во Ресен ќе остане неоткупено поради големиот увоз на странско јаболко во Македонија
Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денес е во работна посета на Ресен каде што оствари работни средби со овоштарите од овој регион.
„Овоштарите од Ресен претрпуваат големи губитоци заради погрешните политики на СДС и големиот увоз на странско јаболко во Република Македонија. Согласно податоците, додека ресенското јаболко стои неоткупено, од 1 септември 2023 година до сега во Македонија се влезени околу 4 милиони килограми јаболко што е главна причина што ресенчани ги преживуваат најцрните денови во историјата на овоштарството во Македонија“, изјави Трипуновски.
Како поголеми проблеми на земјоделците од Ресенскиот регион, Трипуновски ги посочи неисплатените субвенции како и неисплатените штети од природните непогоди од пред некоја година, откупно-дистрибутивниот центар којшто требаше да биде завршен во 2023 година сѐ уште не е ни започнат со градба.
„Цврсто им ветив дека идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ има сериозен план и конкретни мерки со кои ќе се стави крај на маките на ресенчани“, заврши Трипуновски.
Економија
Ангеловска-Бежоска на Пролетните средби на ММФ и СБ: Носителите на политики ќе дискутираат за состојбите и перспективите во економијата
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, ја предводат нашата делегација, која учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Во делегацијата на Народната банка на овие средби ќе земе учество и вицегувернерот Фадил Бајрами.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Бајрами на претстојните Пролетни средби ќе одржат состаноци со заменик-директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, како и со извршниот директор на ММФ и алтернативниот извршен директор, Пол Хиберс и Лук Дресе. На состаноците со високите претставници на ММФ ќе стане збор за економските состојби во нашата земја и поставеноста на монетарната политика, којашто придонесе за стабилизирање на инфлацијата. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерката, ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Во рамките на Пролетните средби, Ангеловска-Бежоска ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Исто така, делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
Одржувањето на Пролетните средби секоја година на едно место ги собира носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки, кои ќе разговараат за политиките и финансиските реформи во насока на остварување на целите за одржлив раст (SDG), особено поврзани со климатските промени и родовата еднаквост.
Економија
Трипуновски: Ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост
Дополнителниот замени министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски на својата фејсбук страна објави дека ги потпишал првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост.
Во својата објава Трипуновски вели: „Почитувани земјоделци, штотуку ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, нека е аирлија!“
Трипуновски во неколку наврати ја алармираше јавноста дека во Република Македонија постојат договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост кои истекуваат оваа година, но на истите не им е овозможено продолжување и дека Николовски го кочи продолжување со образложение дека се потребни законски измени на законот за земјоделско земјиште.
„Сепак на крајот успеавме да го реализираме нашиот предлог за разрешница на овој проблем по многу побрза и поедноставна постапка, наспроти тврдењата на министерот Николовски кој постојано, од непознати причини, тврдеше дека се потребни измени на законот за земјоделско земјиште и дека со анексирање на договорите не се решава овој проблем. Со ова само се докажа дека Николовски повторно ве лаже како што тоа го прави изминативе 7 години“, дополни Трипуновски.
Позитивно е тоа што овој голем проблем доби решение и засегнатите земјоделци конечно ќе можат да ги продолжат своите договори согласно законските регулативи. Со ова Трипуновски покажа дека ќе биде предводник во промените и решавањето на проблемите во македонското земјоделство.
„ВМРО-ДПМНЕ секогаш било и ќе биде на страната на македонските земјоделци, доколку ние не го изнесовме овој проблем во јавноста, СДС и Николовски никогаш немаше да ги продолжат овие договори на вредните македонски земјоделци или пак тоа ќе го правеа селективно и повторно земјоделското земјиште ќе завршеше кај луѓе што не се земјоделци или истото ќе го трансформираа за плантажи со фотоволтаици. ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе може гордо и со крената глава да биде помеѓу светиниколчани и сите земјоделци во Република Македонија“, заврши Трипуновски во својата објава.