Економија
Ангеловска: Со ребалансот се поддржуваат мерки за поголеми плати
Повеќе пари кај граѓаните и силна финансиска поддршка за бизнисот за отворање нови работни места и исплата на повисоки плати, се целите на ребалансот на буџетот за 2019 година што министерката за финансии, Нина Ангеловска, ги посочи пред пратениците на Пленарна седница во Собранието. Со ребалансот се алоцираат средства онаму каде што ќе има најголема ефикасност и каде што може да се постигнат поголеми ефекти.
„Од овој ребаланс за граѓаните обезбедуваме поддршка за поголеми плати за вработените во приватниот сектор, поголеми плати за вработените во јавната администрација, повеќе средства за поддршка на активните мерки за вработување за невработените граѓани и, конечно, за нешто помалку од три месеци првпат на граѓаните ќе им бидат вратени првите пари преку проектот МојДДВ. А ова не е единствената придобивка од овој проект, зашто преку МојДДВ граѓаните директно ја помагаат борбата за намалување на сивата економија“, истакна минисерката, која првпат пред пратениците брани ваков документ, откако е избрана на оваа функција.
Како што посочи министерката, поставените цели за 2019 година целосно се насочени во функција на постигнување на клучните приоритети на општеството: повисоки стапки на раст на економијата, зголемување на продуктивното вработување, подигнување на животниот стандард на населението, постигнување повисоко ниво на социјална правда и интензивирање на интеграциските процеси за ЕУ и НАТО. Притоа потсети дека веќе почна исплатата на зголемените за пет отсто плати во јавната администрација, во здравството, во образованието, во градинките, во полицијата, културата, одбраната и во другите дејности во јавната администрација.
Вкупните приходи со измените и дополнувањата на буџетот на Република Северна Македонија за 2019 година се планирани на ниво од 210,5 милијарди денари, додека вкупните расходи се утврдени на износ од 228,2 милијарди денари. Во овие рамки дефицитот останува непроменет во однос на планираниот со буџетот, односно е позициониран во износ од 17,7 милијарди денари, односно 2,5 отсто од БДП.
Ангеловска рече дека со измените е направена реалокација на средства помеѓу буџетските корисници, намалување на одредени позиции кај капиталните расходи на буџетските корисници кај кои е евидентирана забавена динамика на реализација, особено кај проекти финансирани со странски кредитни линии, ревидирање на приходите кои буџетските корисници ги остваруваат на сопствените сметки, намалување на каматните расходи за 924 милиони денари, согласно континуираните напори на Министерството за финансии за намалување на каматните стапки на задолжувањето, обезбедување средства за непречено функционирање на новоформираната Агенција за национална безбедност во износ од 99 милиони денари, обезбедување дополнителни средства во износ од 560 милиони денари (а во првата половина на годината со реалокации се обезбедени уште 355 милиони денари) како директна поддршка во земјоделството и справување со болеста африканска чума кај свињите. Понатаму, алоцирање средства во износ од 183 милиони денари за колекторски систем за заштита на Охридското Езеро, како поддршка на напорите на централната и локалната власт за исполнување на препораките од УНЕСКО, обезбедување дополнителни средства во износ од 244 милиони денари за правосудниот систем, односно судството и обвинителството, со цел јакнење на финансиската состојба и решавање на прашањето поврзано со исплатата на надоместоците на вработените во овој ресор, 200 милиони денари зголемување на државната помош во Фондот за иновации и Агенција за странски инвестиции и поттикнување на извозот, алоцирање средства за откуп на акции за целосна државна сопственост на АД ГА- МА, средства за поврат на дел од данокот на додадена вредност кон физичките лица во износ од 300 милиони денари, дополнителни 200 милиони денари за активни политики и мерки како поддршка на вработувањето, во кои е вклучена и новата мерка за поддршка на младите во производството, субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата во износ од 400 милиони денари, дополнителни средства за набавка на лекови за ретки болести и инсулин во износ од 193 милиони денари, како и алоцирање дополнителни средства во износ од 660 милиони денари во Фондот за здравствено осигурување со цел непречено остварување на право на здравствена заштита и боледувања, како и поголем трансфер од буџетот на Фондот за пензиско и здравствено осигурување од 815 милиони денари кон пензиските друштва од вториот пензиски столб, согласно месечните исплати за бројот на осигуреници, што во суштина го потврдува и трендот за зголемување на вработеноста.
Осврнувајќи се на реализацијата на вкупните расходи во буџетот од јануари до септември 2019 година, рече дека се реализираа во износ од 155,3 милијарди денари, што претставува 68 отсто во однос на годишно планираниот износ, односно раст од 8,1 отсто во однос на истиот период од минатата година.
Ангеловска рече дека редовно се сервисираа обврските на државата по основ на исполнување на правата за загарантирана социјална заштита на населението за чија намена се реализираа седум милијарди денари. Најголем дел од овие средства се парични надоместоци за социјална помош на граѓаните, права од областа на детската заштита, родителскиот додаток, како и други надоместоци за ранливите категории граѓани. За исплата на пензиите се наменија 42,1 милијарди денари, додека преку Агенцијата за вработување се реализираа средства во износ од 1,1 милијарда денари за исплата на паричен надоместок во случај на невработеност и 654 милиони денари за активни мерки за вработување.
За сервисирање на обврските по основ на камати се одвоени средства во износ од 6,5 милијарди денари, согласно амортизационите планови за домашно и надворешно задолжување, како и отплата на главницата за преземените обврски по кредити во износ од 10,2 милијарди денари.
Во периодот јануари-септември 2019 година остварен е дефицит на буџетот на Република Северна Македонија во висина од 8,1 милијарди денари или 1,2 отсто од проектираниот БДП за 2019 година.
Пред пратениците министерката зборувајќи за остварените макроекономски движења и проекции рече дека растот на економската активност продолжи со посилен интензитет споредено со растот во 2018 година и изнесува 3,6 отсто и дека растот е резултат на позитивните остварувања кај сите дејности.
„Континуираното забрзување на економскиот раст во текот на 2018 година, како и позитивните поместувања во првата половина од 2019 година изразени преку поинтензивен раст на инвестициите, силна поддршка на потрошувачката врз економскиот раст, континуиран силен раст на извозната активност, засилено кредитирање на приватниот сектор, раст на активноста во градежништвото и индустријата, претставуваат реална основа за остварување на проектираниот економски раст за 2019 година од 3,5 отсто“, рече Ангеловска.
За државниот долг на Република Северна Македонија рече дека на 30 јуни 2019 година изнесува 4.374,6 милиони евра, односно 38,4 отсто од БДП, додека јавниот долг изнесува 5.300,2 милиони евра, односно 46,6 отсто од БДП со што Република Северна Македонија е умерено задолжена земја. Таа додаде дека вкупните потреби за финансирање во 2019 година изнесуваат 34 милијарди денари и дека ќе се обезбедат преку комбинација на задолжување во странство и на домашниот пазар на државни хартии од вредност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Јаболкото во Ресен ќе остане неоткупено поради големиот увоз на странско јаболко во Македонија
Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денес е во работна посета на Ресен каде што оствари работни средби со овоштарите од овој регион.
„Овоштарите од Ресен претрпуваат големи губитоци заради погрешните политики на СДС и големиот увоз на странско јаболко во Република Македонија. Согласно податоците, додека ресенското јаболко стои неоткупено, од 1 септември 2023 година до сега во Македонија се влезени околу 4 милиони килограми јаболко што е главна причина што ресенчани ги преживуваат најцрните денови во историјата на овоштарството во Македонија“, изјави Трипуновски.
Како поголеми проблеми на земјоделците од Ресенскиот регион, Трипуновски ги посочи неисплатените субвенции како и неисплатените штети од природните непогоди од пред некоја година, откупно-дистрибутивниот центар којшто требаше да биде завршен во 2023 година сѐ уште не е ни започнат со градба.
„Цврсто им ветив дека идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ има сериозен план и конкретни мерки со кои ќе се стави крај на маките на ресенчани“, заврши Трипуновски.
Економија
Ангеловска-Бежоска на Пролетните средби на ММФ и СБ: Носителите на политики ќе дискутираат за состојбите и перспективите во економијата
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, ја предводат нашата делегација, која учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Во делегацијата на Народната банка на овие средби ќе земе учество и вицегувернерот Фадил Бајрами.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Бајрами на претстојните Пролетни средби ќе одржат состаноци со заменик-директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, како и со извршниот директор на ММФ и алтернативниот извршен директор, Пол Хиберс и Лук Дресе. На состаноците со високите претставници на ММФ ќе стане збор за економските состојби во нашата земја и поставеноста на монетарната политика, којашто придонесе за стабилизирање на инфлацијата. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерката, ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Во рамките на Пролетните средби, Ангеловска-Бежоска ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Исто така, делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
Одржувањето на Пролетните средби секоја година на едно место ги собира носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки, кои ќе разговараат за политиките и финансиските реформи во насока на остварување на целите за одржлив раст (SDG), особено поврзани со климатските промени и родовата еднаквост.
Економија
Трипуновски: Ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост
Дополнителниот замени министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски на својата фејсбук страна објави дека ги потпишал првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост.
Во својата објава Трипуновски вели: „Почитувани земјоделци, штотуку ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, нека е аирлија!“
Трипуновски во неколку наврати ја алармираше јавноста дека во Република Македонија постојат договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост кои истекуваат оваа година, но на истите не им е овозможено продолжување и дека Николовски го кочи продолжување со образложение дека се потребни законски измени на законот за земјоделско земјиште.
„Сепак на крајот успеавме да го реализираме нашиот предлог за разрешница на овој проблем по многу побрза и поедноставна постапка, наспроти тврдењата на министерот Николовски кој постојано, од непознати причини, тврдеше дека се потребни измени на законот за земјоделско земјиште и дека со анексирање на договорите не се решава овој проблем. Со ова само се докажа дека Николовски повторно ве лаже како што тоа го прави изминативе 7 години“, дополни Трипуновски.
Позитивно е тоа што овој голем проблем доби решение и засегнатите земјоделци конечно ќе можат да ги продолжат своите договори согласно законските регулативи. Со ова Трипуновски покажа дека ќе биде предводник во промените и решавањето на проблемите во македонското земјоделство.
„ВМРО-ДПМНЕ секогаш било и ќе биде на страната на македонските земјоделци, доколку ние не го изнесовме овој проблем во јавноста, СДС и Николовски никогаш немаше да ги продолжат овие договори на вредните македонски земјоделци или пак тоа ќе го правеа селективно и повторно земјоделското земјиште ќе завршеше кај луѓе што не се земјоделци или истото ќе го трансформираа за плантажи со фотоволтаици. ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе може гордо и со крената глава да биде помеѓу светиниколчани и сите земјоделци во Република Македонија“, заврши Трипуновски во својата објава.