Економија
Анѓушев: Потенцијалот за соработка помеѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство е голем
Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, денеска, заедно со премиерот Зоран Заев, учествуваат на инвестициски форум во организација на „Фајненшал Тајмс“ и Европската банка за обнова и развој, кој се одржува во Лондон.
Вицепремиерот на интерактивна сесија презентирал дека потенцијалот за соработка помеѓу Република Северна Македонија и Обединетото Кралство е голем, а компаниите од двете земји имаат многу можности да ја зголемат меѓусебната соработка.
„Доколку сакате да бидете инвеститор во Северна Македонија, имате модел кој споредбено со регионот, нуди најмногу поддршка. Ако сакате да најдете производи и да соработувате со компании од Северна Македонија, може да најдете многу квалитетни компании и често ова знам да го кажам, компании со европски квалитет, а ниски цени. Сметам дека ова е важно да се напомене. Токму поради тоа сметам дека минатата година го зголемивме нашиот извоз за 15% годишно“, рекол вицепремиерот, сопштија од Владата.
Анѓушев се осврнал и на реформите во енергетскиот сектор, како и можностите кои се отвораат со донесување на новиот Закон за енергетика, усогласен со европските регулативи и директиви.
„Минатата година, во мај, усвоивме нов Закон за енергетика со кој ги отворивме вратите за обновливи извори на енергија, отворивме простор за фотоволтаици до 300 МW што за нашата мала држава и систем е навистина голема бројка. Исто така, зборуваме за ветерници, електрани на био-гаси био-маса и затоа сите инвеститори се добредојдени да ги истражат овие можности. Што се однесува до фотоволтаиците, нудиме модели со Премија, за ветерници и био-гас нудиме фидин тарифи. Тоа значи дека нудиме голема поддршка и сакаме да постигнеме највисоки нивоа на инсталиран енергетски капацитет во обновливи извори. Се надевам дека, бидејќи во моментов немаме повеќе од 150 MW инсталиран капацитет, ќе успееме да ја зголемиме оваа цифра за трипати во следниве пет години. Затоа, сметам дека ова е вистинско време да се дојде во Северна Македонија, да се истражат можностите за бизнис, без разлика во која насока, дали како инвеститор или како купувач на производи, но и да се разгледаат можностите за инвестирање во енергетскиот сектор“, рекол вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.