Економија
Анѓушев: 40 милиони евра за отпадни води и регионален пристап за депониите
Денеска на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, во организација на Балканската асоцијација за животна средина БЕНА, почна конференцијата ГРЕДИТ 2018: „Загаденоста на воздухот и нерегулирани депонии“, каде што во два дена ќе бидат презентирани преку 150 научни трудови на научници од 20 држави.
Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, на свеченото отворање на конференцијата ја цитираше изјавата на Чарлс Дарвин: „Не преживуваат најјаките видови, ниту најинтелигентните, туку оние кои се најприлагодливи на промените“.
„Токму затоа, во светот кој брзо се менува Македонија мора постојано да биде во тек со новите технологии и иновации, во секоја област, па и во екологијата и заштитата на животната средина“, нагласи вицепремиерот. Анѓушев посочи дека климатските промени се реалност и токму поради тоа екологијата и заштитата на животната средина се високо во агендата на Владата, со цел намалување на ефектите од климатски промени. Тој дополни дека во периодот што следи ќе се реализираат проекти со кои ќе се овозможи поздрава животна средина и подобар живот за македонските граѓани.
„Практично, сите сме сведоци како климатските и еколошките промени нè предупредуваат. За жал, сите забораваме на овие предупредувања откако ќе помине кризата, но само до следната криза, која може да биде поголема. Затоа, треба да се определиме за похрабри чекори кон решавање на проблемите со животната средина. Прв ваков чекор е да се реши проблемот со дивите, но и со организираните депонии на смет во државата. Во рамките на Владата се договоривме за организиран, регионален пристап кон овој проблем и затоа, ќе отвориме 4 регионални депонии, за собирање и преработка на сметот. Втор чекор е решавање на проблемот со отпадните води кои треба да се соберат во организиран канализационен систем и да бидат прочистени пред да се пуштат во природните води. Средствата кои беа планирани за изградба на карго-аеродром во близина на Штип, околу 40 милиони евра, за кој нема финаниска исплатливост, ќе гледаме да ги пренамениме токму за овој проект“, дополни Анѓушев.
На отворањето на конференцијата се обратија и потпретседателот на Балканската асоцијација за животна средина, Џабер Занбак, претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева, и претседателот на ГРЕДИТ конференција и професор на Машинскиот факултет во Скопје, Даме Димитриевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.