Економија
Апостолска: Владата ги поддржува процесите на дигитализација во нашата економија
Министеркaта без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска, вчера учествуваше на конференцијата AUSTRIA CONNECT SOUTHEAST EUROPE 4.0 – Digitalization – Competence – Transformation која во организација на Стопанската комора на Австрија се одржа во Блед, Република Словенија. Тематски фокусирана на предизвиците на дигитализацијата и трансформацијата на економските процеси, на конференцијата учествуваа менаџери на австриски фирми кои работат во регионот на Југоисточна Европа.
Во своето обраќање пред учесниците на конференцијата, осврнувајќи се на импликациите кои дигиталната трансформација на меѓународните економски активности ги има врз политиките за стимулирање на инвестициите, министерката Апостолска истакна дека владините економски политики за поттикнување и поддршка на инвестициите се комплементарни со овие глобални трендови кои ги носи четвртата индустриска револуција.
„Владата на Република Северна Македонија силно ги поддржува процесите на дигитализација во нашата економија, компаниите ја имаат нашата поддршка во зголемување на нивната ефикасност и ефективност, за зголемување на конкурентноста на меѓународните пазари. Преку конкретни мерки ја имаат нашата поддршка за интегрирање на нови дигитални технологии во производството на добрата и услугите, и на тој начин преку промена во структурата на трошоците сакаме да извршиме позитивни промени во нивните конкурентски позиции на пазарите“, порача министерката Апостолска.
Говерејќи за значењето кое странските директни инвестиции го имаат за остварувањето на одржлив економски раст и просперитет, министерката Апостолска нагласи дека Владата на Република Северна Македонија посветено работи на привлекување и поддршка на нови директни инвестиици од страна на компании кои ќе донесат прилив на знаење, иновативни технологии и ќе воспостават R&D центри, што ќе значи зголемување на конкурентноста на националната економија во регионални и глобални рамки.
На конференцијата министерката Апостолска реализираше и работна средба со Ерика Теоаман Бренер, трговско аташе на австриската стопанска комора за Србија, Северна Македонија и Црна Гора, како и со Константин Бекос, регионален менаџер во комората одговорен за регионот на Југоисточна Европа. На средбата се разговараше за условите за инвестирање во земјава и за можностите за продлабочување на соработката со австриската стопанска комора во насока на мотиварање на поголем број компании да ја препознаат Северна Македонија како идна дестинација за реализација на инвестициски проекти. Министерката Апостолска порача дека пред австриските компании во Република Северна Македонија се отворени економски перспективи кои ветуваат стабилна деловна клима и силна институционална поддршка за секоја инвестициска и иновативна идеја.
Учеството на конференцијата од страна на министерката Апостолска беше искористено и за повеќе билатерални средби со претставници на австриски компании, на кои беа презентирани владините економски политики за поттикнување и поддршка на нови инвестиции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.