Економија
Арсовска: Македонија ја нема на ранг листата на светски препознатливи брендови
Македонските брендови тешко се позиционираат, мала e застапеностa на нашите производи на глобалните пазари, a истото се должи генерално на непостоење национална стратегија за институционална поддршка за индивидуално јакнење на домашните брендови. Поддршката на македонските компании кои како двигател на стопанството имаат развиено квалитетни производи и услуги, преку вложување во развој и градење на силни брендови, позитивно ќе се одрази врз севкупниот раст на националната економија, но и на промоција на Македонија како земја на потекло на препознатливи бренд производи.
Согласно анализата на британската Brand Finance за 2019 година во топ 100 национално рангирањето на брендови по вредност, Македонија ја нема на листата. Од земјите во регионот Грција е на 57 место, Словенија на 60, Бугарија на 68, Србија на 76 место, а Хрватска на 78 место.
Претседателот на Сојуз на стопански комори, Данела Арсовска во најава на неделата на Македонски квалитет 2019, истакна дека покрај тоа што компаниите треба да размислуваат за својот развој, економската политика во земјата е од големо значење за поддршка во градење на домашните брендови преку стратегија за настап на странските пазари, нивна индивидуална промоција како и спречување на поголеми нарушувања на пазарот од нелојална конкуренција.
„На македонските производи индивидуално може да им се помогне во креација на уникатна додадена вредност, да се насочат на пазари каде можат да постигнат успех, да им се помогне со нови технологии, што би ја зголемило продуктивноста, да се покрене кампања на препознатливост во земјата, регионот па глобално. Голем број производи наместо да се преработуваат кај нас, се извезуваат како суровини или полупроизводи и се продаваат како дел од препознатливи брендови на други земји.
Причините за ваквата состојба се бројни, но главно се од финансиска природа, резултат на малиот пазар и малата економска моќ на компаниите да вложуваат во сопствениот бренд. Токму затоа, треба да се постават јасни цели, да се поддржат индивидуално компаниите кои имаат предуслови за развој на сопствениот бренд, преку таргетирање на овие компании, на пазарите каде треба да се пласираат производите, да им даде поддршка со информации за законската регулатива на земјата во која се извезува, за потрошувачите и конкуренцијата на тој пазар како и поддршка за пласман и позиционирање.
Сојузот на стопански комори на Македонија предлага отпочнување со пилот проекти каде би се инвестирало во поединечни компании со голем потенцијал, кои можат да дадат резултати не само да се постигне раст на поединечна компанија и бренд, туку и Македонија да се мапира и да отпочне да се препознава како земјата на потекло на тие поединечни успешни брендови” истакна Арсовска.
Јакнење на домашните брендови значи и јакнење на националниот бренд како најважен капитал на секоја држава во денешниот глобален свет, кој ги промовира инвестициите, додава вредност на извозот и ќе не постави во иднина на ранг листите, како земја од која потекнуваат препознатливи и квалитетни бренд производи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.