Економија
БЕГ: Потрошувачите да проверат дали зградите се подготвени за грејната сезона
Согласно со законските прописи, грејната сезона може да почне секој ден по 1 октомври доколку временските услови тоа го наложуваат. Сите подготовки на системот за централно греење се направени и истиот е целосно подготвен за новата грејна сезона 2018/2019 година, соопшти БЕГ.
„За да може грејната сезона да започне насекаде и навремено, неопходно е станарите да ги завршат проверките и интервенциите на внатрешната инсталација и истото веднаш да го пријават во „Снабдување со топлина Балкан енерџи’. Исто така, заедниците на сопственици на станови или управителите, за службените лица на компанијата треба да овозможат непречен пристап до топлинските станици во зградите и да обезбедат постојано напојување со електрична енергија, неопходна за нивно редовно фунционирање – платени сметки за електрична енергија за топлинската станица и функционална електрична инсталација.
Само доколку сите овие предуслови бидат исполнети, ќе може непречено да биде доставена топлинската енергија до сите потрошувачи“, соопшти компанијата.
Од таму велат дека во моментов во околу 190 објекти сè уште не се обезбедени бараните услови, односно имаат дефекти во внатрешна инсталација, оневозможен им е пристап на екипите на компанијата до топлинските станици или немаат електрична енергија во топлинските станици.
„’Снабдување со топлина Балкан Енерџи’ ги повикува потрошувачите, заедниците на станари и управителите да ги обезбедат условите во своја надлежност неопходни за старт на грејната сезона. Само доколку се исполнети сите предуслови, топлинската енергија ќе може непречено да биде доставувана до сите потрошувачи“, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Ангеловска-Бежоска: Родовата еднаквост не само квантитативно, туку и квалитативно ќе го поттикне економскиот раст
Последователните економски шокови изминатите години дополнително го отежнуваат намалувањето на родовата нееднаквост, поради нивното понеповолно влијание врз женската популација. Така, кај повеќето земји од регионот на Западен Балкан стапката на активност е повеќе намалена кај жените отколку кај мажите, што е слично и со глобалните трендови. Според анализата на Светската банка, земјите во регионот од Западен Балкан секоја година губат околу 18% од БДП поради родовиот јаз на пазарот на труд, при што две третини од загубата се објаснува со ниската стапка на активност на жените, а преостанатиот дел на разликите во изборот на занимањата помеѓу мажите и жените. Оттаму, водењето соодветни политики за поголема вклученост на жените на пазарот на трудот може значително да придонесе за повисок економски раст, порача гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на работилницата „Улогата на жената во економската трансформација на општеството“ во организација на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Глобално и во регионот, неодамнешните кризи посилно ги погодија секторите со поголемо учество на жените и неповолно се одразија врз активноста и јазот. „Според Светскиот економски форум (СЕФ), ако напредокот продолжи со досегашната динамика, на глобално ниво ќе бидат потребни 131 година за да се постигне целосна рамноправност. За споредба, пред пандемијата беше проценето дека се потребни 100 години за да се постигне родова еднаквост, што укажува на последиците од неодамнешните шокови врз женската популација и родовиот јаз“, посочи Ангеловска-Бежоска.
Ангеловска-Бежоска посочува дека позитивен ефект од намалувањето на родовиот јаз врз растот би имало не само од зголемениот број на работната сила, туку и од различните вештини и карактеристики на жените, коишто можат да дадат поинаква квалитативна димензија на пазарот на трудот и пооптимално одлучување.
Гувернерката додаде дека за да се постигне тоа се потребни реформи во повеќе сегменти, како откривање на сите извори на родовите разлики присутни во институционалните, регулаторните, образовните и традиционалните норми, развивање политики коишто ќе ги поттикнат жените да се вратат на пазарот на труд, разбивање на стереотипите и создавање еднакви можности за кариерен развој на жените (учество во лидерските и високите позиции), соодветна поддршка на жените од државата и работодавачите во однос на обврските кон семејството/децата, осмислување нови иновативни технолошки решенија коишто ќе овозможат поголема финансиска инклузија и пристап до финансирање на жените со ниски примања.
На работилницата во организација на Катедрата по економија, на која и гувернерката одржа предавање, учествуваа и ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Билјана Ангелова и претседателката на Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ), Владанка Трајкоска. Работилницата ја отвори деканот на Економскиот факултет, Предраг Трпески, а воведни обраќања имаа и професорките Даниела Бојаџиева и Билјана Ташевска.
Економија
Комерцијална банка склучи договор за продажба на „Еуроникел“
Комерцијална банка информира дека склучи договор за продажба на имотот на комбинатот „Еуроникел индустри“ од Кавадарци со друштва основани од холандската холдинг-компанија Polynickel Holding BV, која е дел од групацијта Yildirim Group. За финална реализација на купопродажниот договор останува уште да се исполнат сите правни и регулаторни предуслови, се наведува во соопштението.
Во исто време, банката со групацијата Yildirim склучи договор за продажба и на имотот на фабриката „Нова рефрактори“ во Пехчево.
„Убедени сме дека продажбата е долгорочно решение за комбинатот ‘Еуроникел’ имајќи ги предвид кредибилитетот и капацитетот на групацијата Yildirim. Веруваме дека со ова е надминат неизвесниот период за сите доверители и, пред сè, за вработените во комбинатот, кои покажаа максимална посветеност и професионалност и покрај тешката состојба во која се најдоа не по нивна вина.
Групацијата Yildirim е глобален индустриски конгломерат со седиште во Амстердам и во Истанбул. Основана е 1963 година и моментно работи во 56 земји на 5 континенти, вработува 25.000 лица во девет индустрии: метали и рударство, управување со пристаништа, вештачки ѓубрива и хемикалии, енергија и енергетски производи, транспорт и логистика, финансиски услуги, градежништво и недвижности и меѓународната трговија.
Во целиот изминат период од декември 2023 година, кога Комерцијална банка го презеде имотот на комбинатот во своја сопственост, бевме посветени на наоѓањето сериозен инвеститор, кој ќе ја продолжи дејноста на еден од најзначајните индустриски капацитети во земјата. Со цел да се одржи комбинатот во добра состојба за безбедно и ефикасно рестартирање на производниот процес, банката во изминатите четири месеци обезбеди речиси 100 милиони денари за одржување на технолошкиот минимум на комбинатот и за давање шанса за продолжување на работењето“.
Банката, како што се дополнува во информацијата, останува посветена и понатаму да придонесе со сите свои капацитети за фер наплата на доверителите и вработените во рамките на стечајната постапка. Прв услов за тоа е сите должници на ‘Еуроникел’ веднаш да ги платат своите обврски“.
Економија
Од полноќ поскапуваат горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,33 % во однос на одлуката од 22.3.2024 година.
Од 26.3.2024 година од 00.01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 85,00 (денари/литар)
моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 87,00 (денари/литар)
дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 77,00 (денари/литар)
масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
„мазут М-1 НС“ – 44,776 (денари/килограм)
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 не се менува.
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемуваат 1,00 денар/л, а малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕРОТ БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на „мазутот М-1 НС“ се зголемува 0,979 денари/кг и сега ќе изнесува 44,776 денари/кг.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 0,028 %.