Економија
БЕГ: „Топлификација“ нанесе штета од 10 милиони евра, институциите да преземат мерки
„Балкан енерџи груп“ (БЕГ) преку соопштение се осврна на кривичната пријава што лани ја поднесе против „Топлификација“ АД и нејзината фирма ќерка „Дистрибуција на топлина“ ДООЕЛ за нанесување штета на имотот на Република Северна Македонија во износ од 10 милиони евра.
Од БЕГ велат дека во согласност со договорот за користење на дистрибутивната мрежа, склучен во 2000 година помеѓу „Топлификација“ АД и Агенцијата за приватизација на РМ, „Топлификација“, а подоцна и „Дистрибуција на топлина“ ДООЕЛ, била должна средствата пресметани од амортизација на топлинската мрежа во периодот од 1999 до 2013 година да ги употреби за инвестициско одржување и проширување на топлинската мрежа. Во согласност со договореното, средствата што немало да бидат потрошени за оваа намена требало да ѝ бидат дадени на располагање на Агенцијата за приватизација, сега АД за изградба и стопанисување со станбен простор и деловен простор од значење за Републиката – Скопје (АДСДП).
Меѓутоа, како што тврдат од БЕГ, „Топлификација“ не ги вложила во инвестициско одржување на средствата од амортизацијата на топловодната мрежа, а не ги ставиле ниту на располагање средствата што не се потрошени за оваа намена, со што ѝ нанеле штета на Република Северна Македонија во износ од 10 милиони евра.
Команијата во соопштението додава дека ова е видно од инвентарната книга на дистрибутивната топловодна мрежа, каде што се гледа дека во периодот од 1999 година до 2013 година вредноста на дистрибутивната тополоводна мрежа е намалена 10 милиони евра.
„Фактот дека парични средства не се пренесени на Агенцијата за приватизација и АДСДП е потврден и од АДСДП, кои пријавија побарување во стечајната постапка на ‘Топлификација’ АД во висина од 9,8 милиони евра бидејќи, како што е наведено во пријавата, „Топлификација“ АД им го должела наведениот износ поради неисполнување обврски од договорот за користење на дистрибутивната топловодна мрежа“, велат од БЕГ.
Оттука, ги повикуваат истражните органи, Финансиската полиција, како и Основното јавно обвинителство во најбрз можен рок да ги преземат сите неопходни дејства со цел да ѝ се надоместат штетите нанесени на Република Северна Македонија.
Исто така, ги повикуваат и охрабруваат истражните органи да испитаат дали инвестицијата на „Топлификација“ АД во компанијата „Те-То“ АД е извршена со приноси од казниво дело нанесување штета на имотот на Република Северна Македонија преку неинвестирање во топловодната дистрибутивна мрежа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.