Економија
Бектеши: Почнува исплатата за субвенции за печки на пелети, се реализираат и другите програми
Министерот за економија, Крешник Бектеши, на прес-конференција информираше за реализација на мерките и Програмите на Министерството за економија.
Од почетокот на годината Министерството објави неколку јавни повици за поддршка на стопанството преку Програмата за конкурентност и иновации, Програмата за енергетска ефикасност и Програмата за индустриска политика.
„Од Програмата за енергетска ефикасност сакам да ве информирам дека е спроведен јавниот повик за субвенции на печки на пелети. Од оваа мерка оваа година субвенции добија вкупно 454 граѓани кои аплицираа заклучно со крајниот рок, во вкупен износ од 10,7 милиони денари. Вкупно 20 од граѓаните кои добиле субвенции за печки на пелети се домаќинства со ниски примања, за што е предвидена субвенција од 75% од средствата, но не повеќе од 25.000 денари. Останатите домаќинства беа поддржани со 50% од трошоците за набавка на печки на пелети, но не повеќе од 20.000 денари“, кажа Бектеши и додаде дека до 8 мај ќе бидат објавени листите на добитници и ќе бидат изготвени решенијата за исплата.
Бектеши исто така информираше дека од Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво од почетокот на годината се објавени и реализирани пет јавни повици:
„Завршен е јавниот повик за субвенции за занаетчии при што годинава субвенционирани се вкупно 43 занаетчии и вршители на занаетчиска дејност во вкупен износ од 4,47 милиони денари. Исто така, минатата недела заврши јавниот повик за кофинансирање на проекти на занаетчиските комори за развој и промоција на занаетчиството. Вкупниот буџет е 1,74 милиони денари. Следи евалуација на пристигнатите апликации и потпишување на договори за имплементација на проектите“, објасни министерот.
Во делот на поддршка на занаетчиството тој информираше дека сè уште е отворен јавниот повик за ангажирање чираци, која е нова мерка произлезена од барањата на занаетчиските комори.
„Јавниот повик е отворен до 20 јули, а вкупно за оваа намена се предвидени 300.000 денари“, кажа министерот.
Во делот на поддршка на компаниите, Бектеши информираше дека е завршен јавниот повик за финансиска поддршка на микро, мали и средни претпријатија.
„Од оваа мерка, годинава субвенционирани се вкупно 55 претпријатија во вкупен износ од 14 милиони денари“, истакна Бектеши и ги повика сите жени да аплицираат на јавниот повик за финансиска поддршка за женско претприемништво кој трае до крајот на месец мај, за што се обезбедени 1,5 милиони денари.
„Во делот на мерките за индустриска политика, сакам да ги повикам сите преработувачки капацитети да аплицираат на јавниот повик наменет за преработувачката индустрија. Крајниот рок за аплицирање за оваа мерка е 31 јули, а предвидени се 4,5 милиони евра за поддршка на претпријатијата за развој на деловниот субјект, развој на производ и развој на пазар“, посочи министерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.