Економија
Бектеши со повик до турските компании за инвестирање во Македонија
Министерот за економија Крешник Бектеши во рамки на официјалната посета на Турција оствари средба со претставници на Унијата на комори и стоковни берзи на Турција (ТООБ), како и со претавници на Асоцијацијата на градежници на Турција и со одделни стопанственици.
Министерот Бектеши на средбата со Али Копуз, потпретседател на ТООБ, истакна дека Северна Македонија и Турција имаат долгогодишни цврсти односи и пријателски чувства. И покрај тоа што билатералната трговијата меѓу двете земји во континуитет расте, има голем простор трговскиот обем да порасне уште повеќе. Информираше дека со цел да се подобри трговската соработка веќе е започната постапка за ревидирање и надградување на Договорот за слободна трговија меѓу двете земји.
„Сакаме да упатиме порака до стопанствениците дека како пријателска земја, како Влада ќе направиме сè за да ги подобриме условите за зголемување на соработката, како и за влез на нови турски инвестиции во земјата. Сакаме да направиме нов договор кој ќе значи дополнително зголемување нашите билатерални односи“, кажа Бектеши по средбата во ТООБ.
На средбата Митхат Јенугун, претседател на Асоцијацијата на градежници на Турција, ги презентираше сите поголеми инфраструктурни проекти кои се предвидени да се реализираат во нашата земја во наредниот период и ги повика градежните компании од Турција да аплицираат на тендерите кои ќе бидат објавени. Турските градежни компании традиционално се едни од најприсутните на македонскиот пазар.
„Северна Македонија е мала земја, но има голем потенцијал. Во наредниот период ќе бидеме насочени кон изградба на неколку инфраструктурни проекти, како што е патничкиот и железничкиот дел од Коридорот 8, работиме забрзано на изградба на гасоводниот систем во државата, за што две турски компании се во трка за изградба на дистрибутивната мрежа. Сакаме да поттикнеме уште поголема соработка со турските компании“, кажа министерот.
Во рамки на официјалната посета во Турција, министерот ја посети турската компанија „Гиришим електрик“ којашто работи на изградба на фотонапонска електрана од 10 мегавати во Осломеј.
Менаџментот на компанијата го информираше министерот дека фотонапонската електрана ќе биде пуштена наското, а беше разговарани и за зголемување на нивните инвестиции на македонскиот пазар во повеќе полиња.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.