Економија
Бесими во пресрет на Скопје Економски Финансиски Форум – СЕФФ прими делегација на Светска банка
Министерот за финансии Фатмир Бесими, попладнево прими делегација од Светска банка предводена од потпретседателката на Групацијата на Светска банка за регионот Ана Бјерде. Средбата, на која присуствуваа и регионалната директорка за Западен Балкан Линда Ван Гелдер, новиот регионален директор за Западен Балкан Шиаочин Ју и претставникот на СБ во земјава Масимилијано Паолучи, се одржа во пресрет на Втората годишна конференција на Министерството за финансии која почнува утре во Скопје.
На средбата соговорниците се осврнаа на влијанието на актуелната енергетска и ценовна криза и војната во Украина, при што од страна на министерот беа напоменати мерките и политиките што ги презема Владата, а кои се на краток рок насочени кон одговор на кризата и заштита на животниот стандард на граѓаните и ликвидноста на стопанството. Како што нагласи на среден и долг рок останува заложбата на Владата за макроекономска стабилност и фискална консолидација, со цел постигнување забрзан економски раст.
„Во 2021 година, по пандемијата од Ковид 19, домашната економија закрепна согласно очекуваната динамика. Во оваа година економската активност, иако под влијание на економските последици од руско-украинскиот конфликт, се очекува таа да се врати на ниво пред ковид-кризата, односно проектирана е на ниво од 3,2 %. На среден рок се очекува таа да се интензивира со просечни стапки на раст над 5 %, рече министерот Бесими, кој изрази задоволство за поддршката што ја дава оваа финансиска инститиуција на земјата во креирање и спроведување реформи за постигнување забрзан раст.
Соработката на земјава со оваа меѓународна финансиска институција се темели на Стратегијата за партнерство на РС Македонија со Светска банка, во која приоритети се енергетската ефикасност, дигитализацијата, подобрување на патната и железничката инфраструктура, општинските услуги, образованието, социјалните услуги и слично. Поддршката од Светска банка се пресликува преку реализација на над 60 проекти во вредност од над 2,8 милијарди американски долари и активното работење на девет проекти со вкупен износ од 480,8 милиони американски долари, коишто се фокусирани токму во областите утврдени со Стратегијата. Земјата имаше значајна поддршката добиена од Светска банка и во справувањето со здравствено-економската криза предизвикана од пандемијата на Ковид-19. Во наредниот период активностите може да бидат насочени кон одржлив раст, човечки капитал, како и инфраструктурни проекти, кои се дефинирани приоритети и во Планот за забрзан раст. Планот нуди нови механизми и инструменти за финансисрање на проектите, а очекувание инвестиции од јавниот и приватниот сектор се над 8 милијарди евра.
Делегацијата на Светска банка утре и задутре ќе учествува на Втората годишна конференција на Министерството за финансии, на тема „Одржување на растот во време на неизвесност и потоа“. Фокусот ќе биде на макроекономски предизвици во турбулентни времиња, отпорност, конкурентност и регионална соработка, енергија, зелена транзиција и инфраструктура, и што по кризата: двигатели за одржлив раст.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.