Економија
Бесими: Приходите заклучно јуни повисоки за над 14 проценти, средствата ќе се насочат кон инвестиции во стопанството
Навистина добрата наплата на давачките во буџетот од почетокот на годината, овозможија да се издвојат дополнителни средства за мерки за поддршка на стопанството и за капитални инвестиции. Од почетокот на годината до 21 јуни, вкупните приходи се повисоки за 14,5% во однос на лани, што се должи на навистина добрата наплата на даноци и придонеси, посочи министерот за финансии Фатмир Бесими на панелот „Економско закрепнување на Република Северна Македонија“ на Скопскиот економски форум.
-Заклучно најновите податоци со кои располагаме за наплатата на давачки во буџетот, односно од почетокот на годината до 21 јуни, вкупните приходи се повисоки за 14,5%, со тоа што даночните приходи се повисоки за 19,3%, а придонесите за 5,8%. Иако споредбената основа лани вклучува и месеци кога реализацијата на приходите беше под силен ефект на Ковид-19 кризата, добра наплата на давачките во буџетот имаше и до средината на март – односно период кој не беше зафатен од кризата. Буџетот е во добра кондиција. Расходите се извршуваат редовно и навремено, а некои обврски се исплаќаат дури и предвреме, во насока на заштита на одредени категории граѓани, како што е случајот со предвремената исплата на пензиите – рече Бесими.
Министерот за финансии посочи дека со ребалансот на буџетот, подобрата наплата на давачки во државната каса ќе се насочи кон потребите за имплементирање на мерки за справување со кризата, субвенции, како и во насока на раст на капиталните инвестиции.
-Капиталните расходи се планирани на ниво од 30,5 милијарди денари или за 6,5 милијарди денари повисоки во однос на планот за 2021 година. Со овие измени и дополнувања на Буџетот за 2021 година извршено е редизајнирање на расходите со поголемо учество на капиталните расходи во вкупните расходи, односно од иницијалните планирани 9,4% се зголемува на 11,3% што е повисоко ниво од просекот во последните десет години (9,5%). Порастот се должи на обезбедување на средства за кредити со 0% камата преку Развојната банка за најпогодените сектори од областа на туризмот, занаетчиството, угостителството, транспортот, индустријата за организација на настани, приватните здравствени установи, понатаму за кредитната гарантна шема и формирање на Фонд за истражување и развој. Исто така, се обезбедуваат дополнителни средства кај буџетските корисници за реконструкција на јавни здравствени установи, капитални инвестиции во областа на детската заштита и социјалата, во патната инфраструктура, дополнителни средства за социјални станови и зголемен износ на средства за рурален развој – рече Бесими.
Министерот за финансии посочи дека по заздравување на економијата ќе се применат политики за постепена фискална децентрализација, во насока на одржување на стабилноста на долгот. Тој рече дека таа ќе се спроведе преку подобрување на наплатата на буџетските приходи (преку зајакнување на капацитетите и подобрување на услугите на УЈП и Царина, преку мерки за намалување на сивата економија и мерки за спречување и сузбивање на корупцијата итн.), намалување и реструктурирање на буџетските расходи (преку кратење на неприоритетните и несуштински трошоци, намалување на тековните расходи, поголема поддршка на приватниот сектор, иновации и зајакнување на конкурентноста, изразена социјална компонента и ревидирање на методологиите за трансферите и субвенциите итн.) и промени на изворите за финансирање на буџетскиот дефицит (План за финансирање на заздравувањето и раст на економијата).
Министерот Бесими рече дека преку Планот за финансирање на заздравувањето и забрзаниот економски раст ќе се настојува да се зголемат вкупните инвестиции во економијата, а притоа да се остане на зацртаниот курс за намалување на фискалниот дефицит на среден рок. Исто така и преку забрзувањето на економскиот раст на среден рок ќе се делува во насока на стабилизирање на долгот поради зголемениот фискален простор за негово сервисирање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.