Економија
Бесими: Продолжуваме со практиката да ги дискутираме плановите и политиките со бизнис заедницата
Планот за забрзан економски раст, кој е еден од стратешките документи што ги подготвува Министерството за финанси и кој е пред усвојување, како и можностите што ги нуди тој за инвестирање денеска беа претставени пред засегнатите страни во имплементацијата на предвидените активности од Планот.
Министерството за финансии ја продолжува практиката да ги дискутира своите планови и политики со бизнис заедницата. Затоа ја воспоставивме и СЕФФ платформата, која е активна по одржување на Првата конфернција на МФ во септември годинава, а во чии рамки се одржа и денешната дискусија со претставници на стопанските комори, банките, развојните партнери, како и институциите кои ќе бидат вклучени во реализација на Планот, односно директорите на Дирекцијата за ТИРЗ, Развојната банка на Северна Македонија и на Фондот за иновации и технолошки развој.
„Во насока на нашите заложби за фискална консолидација, а воедно и заложбите за удвојување на економскиот раст и постигнување годишни стапки на раст на БДП од околу 5%, Министерството за финансии го подготви Планот за ззабрзан економски раст. Целта на Планот е да се зголемат вкупните инвестиции во економијата, а притоа да се остане на зацртаниот курс постепено да се намалува фискалниот дефицит, а со тоа и да го задржиме долгот на стабилно ниво, рече министерот за финансии Фатмир Бесими.
Овој план нуди нови начини за пристап до капитал за финансирање на заздравувањето и забрзувањето на економскиот раст, преку инвестициски проекти во јавниот и приватниот сектор. Покрај традиционалните инструменти, предложени се и повеќе иновативни начини за финансирање на инвестициите, користење на расположливите средства од официјалните кредитори и искористување на сите можности за мобилизација на приватниот капитал.
“Главната поента на Планот е преку креирање и користење нови механизми, инструменти, фондови и извори на финансирање да се создаде позитивен мултипликативен ефект, односно покрај планираните јавни инвестиции во износ од околу 4 милијарди евра за периодот 2022-2026 година, финансирани од буџетот, ИПА фондовите и меѓународните финансиски институции, да се мобилизираат неколкукратно повеќе средства и инвестиции од приватниот сектор“, потенцира министерот и оцени дека со тоа ќе се влијае не само на зголемување на вкупните инвестиции и забрзување на растот, туку и на отворање нови работни места.
Планот за забрзан економски раст е насочен кон инвестиции во јавни проекти, инвестиции во приватниот сектор, реформски политики и институционални реформи, а приоритетни области на кои ќе биде фокусиран се зелена економија, дигитализација, иновации и технолошки развој, човечки капитал, физичка инфраструктура и социјална кохезија. Покрај од буџетот, средствата за реализација ќе се обезбедуваат преку меѓународни и билатерални финансиски инститиуции, приватни институционални инвеститори, банки и развојни партнери, како и грантови.
Планот за финансирање на економското заздравување и забрзаниот раст треба да се усвои од страна на Владата, а активностите се предвидени за периодот од 2022-2026 година.
Дел од инструментите кои веќе стојат на располагање и новите инструменти предвидени во Планот, во текот на дискусијата беа претставени од страна на директорот на Развојната банка, Кире Наумов, директорот на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), Коста Петров и директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ) Јован Деспотовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Јаболкото во Ресен ќе остане неоткупено поради големиот увоз на странско јаболко во Македонија
Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денес е во работна посета на Ресен каде што оствари работни средби со овоштарите од овој регион.
„Овоштарите од Ресен претрпуваат големи губитоци заради погрешните политики на СДС и големиот увоз на странско јаболко во Република Македонија. Согласно податоците, додека ресенското јаболко стои неоткупено, од 1 септември 2023 година до сега во Македонија се влезени околу 4 милиони килограми јаболко што е главна причина што ресенчани ги преживуваат најцрните денови во историјата на овоштарството во Македонија“, изјави Трипуновски.
Како поголеми проблеми на земјоделците од Ресенскиот регион, Трипуновски ги посочи неисплатените субвенции како и неисплатените штети од природните непогоди од пред некоја година, откупно-дистрибутивниот центар којшто требаше да биде завршен во 2023 година сѐ уште не е ни започнат со градба.
„Цврсто им ветив дека идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ има сериозен план и конкретни мерки со кои ќе се стави крај на маките на ресенчани“, заврши Трипуновски.
Економија
Ангеловска-Бежоска на Пролетните средби на ММФ и СБ: Носителите на политики ќе дискутираат за состојбите и перспективите во економијата
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, ја предводат нашата делегација, која учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Во делегацијата на Народната банка на овие средби ќе земе учество и вицегувернерот Фадил Бајрами.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Бајрами на претстојните Пролетни средби ќе одржат состаноци со заменик-директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, како и со извршниот директор на ММФ и алтернативниот извршен директор, Пол Хиберс и Лук Дресе. На состаноците со високите претставници на ММФ ќе стане збор за економските состојби во нашата земја и поставеноста на монетарната политика, којашто придонесе за стабилизирање на инфлацијата. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерката, ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Во рамките на Пролетните средби, Ангеловска-Бежоска ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Исто така, делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
Одржувањето на Пролетните средби секоја година на едно место ги собира носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки, кои ќе разговараат за политиките и финансиските реформи во насока на остварување на целите за одржлив раст (SDG), особено поврзани со климатските промени и родовата еднаквост.
Економија
Трипуновски: Ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост
Дополнителниот замени министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски на својата фејсбук страна објави дека ги потпишал првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост.
Во својата објава Трипуновски вели: „Почитувани земјоделци, штотуку ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, нека е аирлија!“
Трипуновски во неколку наврати ја алармираше јавноста дека во Република Македонија постојат договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост кои истекуваат оваа година, но на истите не им е овозможено продолжување и дека Николовски го кочи продолжување со образложение дека се потребни законски измени на законот за земјоделско земјиште.
„Сепак на крајот успеавме да го реализираме нашиот предлог за разрешница на овој проблем по многу побрза и поедноставна постапка, наспроти тврдењата на министерот Николовски кој постојано, од непознати причини, тврдеше дека се потребни измени на законот за земјоделско земјиште и дека со анексирање на договорите не се решава овој проблем. Со ова само се докажа дека Николовски повторно ве лаже како што тоа го прави изминативе 7 години“, дополни Трипуновски.
Позитивно е тоа што овој голем проблем доби решение и засегнатите земјоделци конечно ќе можат да ги продолжат своите договори согласно законските регулативи. Со ова Трипуновски покажа дека ќе биде предводник во промените и решавањето на проблемите во македонското земјоделство.
„ВМРО-ДПМНЕ секогаш било и ќе биде на страната на македонските земјоделци, доколку ние не го изнесовме овој проблем во јавноста, СДС и Николовски никогаш немаше да ги продолжат овие договори на вредните македонски земјоделци или пак тоа ќе го правеа селективно и повторно земјоделското земјиште ќе завршеше кај луѓе што не се земјоделци или истото ќе го трансформираа за плантажи со фотоволтаици. ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе може гордо и со крената глава да биде помеѓу светиниколчани и сите земјоделци во Република Македонија“, заврши Трипуновски во својата објава.