Економија
Бесими: Ја следиме состојбата и по потреба ќе дејствуваме со мерки за заштита на економијата и стандардот на граѓаните
Подготвени сме да носиме мерки и политики во интерес на граѓаните, првенствено за заштита на најранливите категории на граѓани, како и за поддршка на економијата, пишува во својата колумна посветена на руско-украинската криза, министерот за финансии, Фатмир Бесими.
„Во вакви кризи, од големо значење е темелна анализа, земање во предвид на сите параметри, дури и оние кои се чинат во моментот мали и неважни, за да се дојде до што попрецизни очекувања. Не треба да шириме ниту песимизам, ниту оптимизам, туку да бидеме реални и да преземаме активности согласно ситуацијата. Со таква стратегија дејствувавме и за време на пандемијата, кога донесовме 6 пакети на антикризни мерки за поддршка на граѓаните и стопанството и за што во сите извештаи на меѓународните институции добивавме признание дека сме дале силен и навремен одговор“ пишува министерот за финансии.
Наведува дека во насока на заштита на стандардот на граѓаните веќе се преземени соодветни мерки, преку утврдување на лимит за маржата на дел од основните производи. Исто така, државата го намали и ДДВ-то на електричната енергија за и на тој начин да се намалат трошоците кои граѓаните ја плаќаат за струјата.
„Ние будно ги следиме случувањата и развиваме соодветни сценарија за можните исходи. Стоковите резерви се на соодветно ниво, буџетот е ликвиден и имаме средства да реагираме доколку има потреба. Имаме и инструменти да ги ставиме на располагање за прилагодување во услови на поголеми пореметувања на пазарите“, посочува Бесими.
Во анализата за изложеноста на нашата кон руската и украинската економија, министерот вели дека директната изложеност е релативно мала. Увозот и извозот кон секоја од овие две земји гравитира околу 1%. Исто така, нивната застапеност во странските директни инвестиции во земјава, како и во приливот на паричните дознаки е под 1%.
Сепак наведува дека предизвиците за нашата економија, ќе дојдат преку европската економија. Развојот на настаните во Украина може да има негативни ефект врз европската и глобалната економија, преку дополнителни нарушувања на синџирите за снабдување, односно негативен ефект врз странската побарувачка. Како мала и отворена економија, која е високоповрзана со европската, ние би ги почуствувале тие нарушувања. Исто така, може да дојде до поголема претпазливост кај странските и домашните инвеститори, што би се одразило на нивото на инвестиции, вели Бесими.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.