Економија
Битиќи: Верувам во потенцијалот на домашниот старт ап екосистем
Заменик претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, присуствуваше на презентација на 10-те инвестиции поддржани од акселераторот УКИМ.
Вицепремиерот Битиќи изјави дека презентацијата е организирана со цел, тие да ги презентираат нивните решенија пред инвеститорите и секако пред претставниците на Владата и дека од почетокот на неговиот мандат го поддржува активно домашниот старт ап бидејќи верува во нивниот потенцијал и енергија.
Заменик претседателот на Владата додаде дека заедно со старт ап компаниите решаваме голем број на социјални и општествени проблеми, преку дигитализирање на нашите компании и институции, и заедно со нив да работиме на поголема инклузивност и диверзификација, со единствена цел да имаме подобар економски и општествен развој.
„Сите сме сведоци дека Владата константно работи на подобрување на старт ап еко системот затоа што тоа е единствениот одржлив пат на нашата економија. Го поддржуваме старт ап еко системот преку различни програми во Фондот за иновации и технолошки развој туку и преку законот за финансиска поддршка на инвестициите во кои се обидуваме вредносните ланци во разните индустрии да ги имаме дома“.
Вицепремиерот додаде дека такво решение од домашна старт ап иновативна компанија веќе се имплментира во државните институции, АДА – првиот дигитален аи асистент базиран на вештачка интелигенција во јавниот сектор.
„Затоа денеска со нетрпение очекувам да ја видам презентацијата на 10-те инвестиции од акселераторот УКИМ. Среќен сум дека како Влада имаме креирано простор и систем кој овозможува развој и поддршка за ваквите компании. За младите бизниси, инкубаторите и акселераторите се исклучително важни и мислам дека досега имаме многу направено, но истовремено сум свесен дека тоа не е доволно и дека треба уште. Стартапите се моторот на новото време, турбините на современите економии. Затоа веќе со години трпеливо го градиме еко системот кој ќе им овозможи шанса“, изјави вицепремиерот Фатмир Битиќи.
Александар Стамболиев Управител на Акцелераторот УКИМ информираше дека од оваа година освен досегашните активности што ги имаме за развој на нашето портфоио стартапи, сме и Секретаријат на европскиот институт на иновации и технологии, што им овозможува на сите компании, институции и стартапи да пристапат до изворите на финансирање кои ги има оваа институција.
Пратеничката во Собранието на Република Северна Македонија, Моника Зајкова, изјави дека поддршката за стартапите од државата е една од стратешките цели на Националната стратегија за младите која се разгледуваше минатата недела во Собранието, и додаде дека е многу важно да ги поддржуваме ваквите идеи на младите преку тоа што создаваме економска стабилност и професионален раст на младите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.