Економија
Битиќи и Лукаревска на Бизнис-форум во Валандово: Заедно се справуваме со предизвиците
„Поддржавме повеќе од 20.000 компании и зачувавме околу 80.000 работни места. Само преку Планот за економски раст ги поддржавме компаниите со близу 49 милиони евра. Преку Законот за контрола на државна помош од Владата и од ДТИРЗ, се исплатени 19,5 милиони евра, додека околу 16 милиони евра исплативме преку инструментите на ФИТР. Дополнителни 13 милиони евра, исплативме преку мерките од Законот за финансиска поддршка. Преку ‘Планот за економски раст’ овозможивме компаниите да не престанат да размислуваат стратешки. Напротив ги мотивиравме да ги планираат развојните компоненти на компаниите на среден и на долг рок “, истакна заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи во своето обраќање на „Бизнис-форум 2022“ одржан во Валандово, каде учествуваа и директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска и градоначалникот Костадинов.
Вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, истакна дека Владата во изминатите две години и покрај кризата со ковид пандемијата воведе мерки преку кои го стимулираше стопанството. Преку сетовите на економски мерки како што истакна Битиќи, Владата успеа да ја одржи ликвидноста на компаниите како и да ги зачува работните места.
Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, истакна дека УЈП во целиот овој период овозможи мерките да се реализираат на брз лесен и ефикасен начин, сé со цел градење на праведно и правично општество кое нуди еднакви шанси за сите големи, мали или микро претпријатија.
„Целта е да овозможиме поволни услови за раст и развој на домашните претпријатија. Во таа насока, заедно со Владата и стопанствениците, донесовме пакет од 26 мерки преку кои овозможуваме поволни услови за заштита на стандардот на граѓаните и одржување на ликвидноста на претпријатијата. Успешно ги спроведовме мерките за финансиска поддршка за исплата на плати на работодавачи погодени од пандемијата, мерките за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување, за одложено плаќање на даночен долг и низа други поволности сé со цел градење на партнерски однос со стопанството“, истакна директорката на УЈП Лукаревска.
Градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов, истакна дека општината со која раководи поради добрата локација, има многу природни ресурси кои ако се искористат од страна на бизнис заедницата, може позитивно да се одразат врз домашната економија. Костадинов, ги повика стопанствениците да инвестираат во општината со која раководи, им ги презентира поволностите кои ги нуди општината за развој на бизниси.
„Имаме особено голем потенцијал за реализација на инвестиции за производство на енергија. Особено, огромна можност нуди искористување на соларната енергија. Особено денеска, кога сите сме соочени со енергетска криза и нестабилност на пазарот на енергенси. Валандово е одличен потенцијал за развој на вакви инвестиции. Имаме сонце над 300 денови во годината, најниска стапка на оданочување, транспарентна и брза администрација“, истакна градоначалникот на Валандово, Костадинов.
Бизнисмените, ја поздравија заложбата на Владата за креирање на позитивна бизнис клима и постојаното поддржување на проекти низ целата држава со што директно се влијае врз рамномерниот регионален развој на Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.