Економија
Битиќи: Северна Македонија е атрактивна за инвестиции што ќе донесат просперитетна иднина
Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, денеска се обрати на настанот на првата трговска мисија на компании од Република Грција во Република Северна Македонија, во организација на Американската стопанска комора во Северна Македонија и Американско-грчката стопанска комора.
На настанот, покрај вицепремиерот Битиќи, се обратија и амбасадорката на Соединетите Американски Држави во нашата зема, Кејт Мари Брнз, и Дејвид Бургер, заменик-шеф на мисијата во Амбасадата на САД во Република Грција.
Првата трговска мисија на компании од Република Грција во Република Северна Македонија, во организација на Американската стопанска комора во Северна Македонија и Американско-грчката стопанска комора, собра повеќе од 30 компании од двете земји, пред кои беа презентирани можностите за соработка и проширување на нивните потенцијали за развој врз основа на погодностите за инвестирање што ги нуди нашата земја преку разните програми за државна помош и преку Законот за стратешките инвестиции.
„Додека гледаме раст на економската соработка меѓу двете земји, уверен сум дека има многу потенцијал за дополнително проширување и се надевам дека денеска ќе ги отвориме вратите преку споделување идеи и можности за инвестирање. Оваа Влада гледа на бизнис-секторот и на инвеститорите во нашата земја како на партнери. Градиме силни и искрени односи и тоа носи резултати“, истакна Битиќи.
Потсети дека пред неколку години, како што рече, ги избришавме разликите меѓу домашните и странските компании.
„Сите компании кои работат во нашата земја добиваат исти можности. Да се аплицира и да се добие државна помош е процес кој е целосно отворен и транспарентен. Секоја компанија, секоја засегната страна е однапред свесна за поддршката што може да ја очекува при инвестицијата. Ова создава предвидливост и стабилност за водење бизнис во нашата земја и што е најважно, создава добра бизнис клима за инвеститорите, што ги поместува нашите граници и ја става Северна Македонија на мапата на земји со најатрактивна средина за инвеститори“, рече Битиќи.
Според него, бидејќи сме на прагот на Европската Унија, нудиме единствена можност за пласирање на пазарот, како и силни синџири на снабдување кои можат да се шират низ регионот на Западен Балкан.
„Мојата надеж и визија за нашиот регион во овој пост Ковид период лежи во капитализирање на целосниот потенцијал на хармонизирање на економиите со соседните земји (Near-shoring), што се покажа како неопходност за време на пандемијата. Кога далечните меѓународните добавувачи не успеаја да испорачаат, она што стана очигледно повеќе од кога било се можностите и потенцијалот на регионалните синџири на вредности, кои може да генерираат економска стабилност и раст за сите.
Заедно можеме да создадеме визија и да направиме просперитетна и одржлива иднина за нашиот регион и нашите граѓани“, нагласи тој во своето обраќање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Рекорден трговски дефицит во 2023 година во износ од 436 милиони евра
Дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, преку фејсбук-објава извести за рекорден трговски дефицит во 2023 година за земјоделско-прехранбени производи во висина од 436 милиони евра.
„Рекорден трговски дефицит во 2023 година во износ од 436 милиони евра. Еве како СДС го уништува македонското земјоделство, Македонија со СДС стана земја увозно зависна од храна. Негрижата за македонските земјоделци и тотално погрешните земјоделски политики на СДС ги принудија земјоделците да го напуштат полето, а со тоа македонските граѓани да јадат увозни земјоделски производи, Македонија од земја извозник стана земја увозник на храна под власта на СДС. Земјоделците ќе имаат вистински партнер во новата влада на ВМРО-ДПМНЕ и заедно ќе го вратиме македонското земјоделство во онаа препознатлива состојба, а Македонија повторно ќе биде земја извозник на храна“, рече Трипуновски.
Економија
Надворешен долг, побарувања и меѓународна инвестициска позиција во четвртото тримесечје од 2023 година
Објавено е редовното статистичко соопштение за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција.
На крајот на четвртиот квартал од 2023 година:
На 31.12.2023 година, нето надворешниот долг изнесува 4.458 милиони евра (или 32,6% од проценетиот БДП). Нето надворешниот долг на земјата, во четвртиот квартал од 2023 година, е зголемен за 305 милиони евра, или за 7,3%. Од аспект на структурата, приватниот нето-долг и натаму има поголемо учество во вкупниот нето-долг со 67%.
Во текот на четвртиот квартал од 2023 година, негативната нето меѓународна инвестициска позиција (МИП) е зголемена за 160 милиони евра и изнесува 8.500 милиони евра, односно 62,2% од проценетиот БДП за 2023 година.
Најновото соопштение за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција е достапно на следниот линк.
Економија
Во вториот квартал од 2025 година стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот ќе остане 1,5 отсто, одржана седница на Советот на Народната банка
Советот на Народната банка, на својата редовна седница, одржана на 28 март 2024 година, врз основа на редовната квартална оцена на системските ризици, донесе одлука за задржување на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките во Република Северна Македонија во висина од 1,5%, којашто ќе се применува и во вториот квартал од 2025 година. Одлуката се заснова врз оцените за постепено стабилизирање на нагорните циклични системски ризици и постојана стабилност на банкарскиот систем. Исто така, ги зема предвид условите од окружувањето коешто и натаму е неизвесно и придружено со ризици, што е причина за претпазливо спроведување на макропрудентните мерки заради натамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот сектор. Со одржувањето на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот се придонесува за спречување и за намалување на можните ризици.
Народната банка ќе продолжи со внимателно следење на системските ризици и ќе ја преоценува висината на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот на редовна квартална основа. Притоа, имајќи ја предвид природата на противцикличниот заштитен слој на капиталот и насоките на релевантните европски институции, Народната банка може да ја оцени потребата за зголемување на стапката, при раст на ризиците и неизвесностите од окружувањето, во услови на поволни остварувања на банките. Во случај, пак, на значително остварување на ризиците во билансите на банките, може да се оцени и потребата од делумно или целосно ослободување на овој заштитен слој на капиталот, како поддршка во работењето на банките при евентуални неповолни сценарија.
Советот на Народната банка на седницата разгледа и други материјали поврзани со работата на централната банка.