Економија
Бочварски – Китанов: Градиме модерна патна инфраструктура за жителите на Кавадарци
Градежните работи за модернизација на патната инфраструктура во државата се одвиваат со добра динамика. Денеска сведочиме на завршувањето на еден доста значаен проект за граѓаните на Кавадарци и околината, кој е резултат на заедничката соработка меѓу локалната и централната власт, а тоа е рехабилитација на Транзитниот дел на Кавадарци. Дополнително, преку проектот за локални патишта, Министерството за транспорт и врски додели 1,1 милион евра за санација на улици и патишта во оваа општина“, истакна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, кој денеска заедно со директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов и градоначалникот на општина Кавадарци Митко Јанчев, изврши увид во градежните за работи за реконструкција на регионален пат Р1103 Транзит – Кавадарци.
Транзитниот дел на Кавадарци се рехабилитира во должина од 1,2 километри, инвестиција со вредност од околу 50 милиони денари, од кои 18,7 милиони денари се обезбедени преку ЈП за државни патишта и 31 милиони денари кои ги инвестира Општина Кавадарци.
Градежните работи се во завршна фаза, во моментов се работи на асфалтирање на патот и во текот на следната недела рехабилитацијата ќе биде комплетно завршена, два месеци пред рокот предвиден со договорот.
„Продолжуваме со модернизација на целокупната патна инфраструктура во државата. Покрај изградба и рехабилитација на автопати, магистрални, експресни и регионални патишта, преку Проектот за поврзување на локални патишта силно инвестираме во подобрување на локалните патни мрежи во внатрешноста на општините, преку реконструкција и санација на голем број локални патишта и улици. Станува збор за еден сериозен проект во вредност од 70 милиони евра, од кој произлегуваат низа успешни приказни и кој е од огромно значење на квалитетот на живот на граѓаните. Во рамките на овој проект општина Кавадарци доби на располагање 1,1 милион евра и во првиот тендер што е во фаза на евалуација, ќе се работи на реконструкција на три улици: Илинденска, Пионерска и Браќа Џунови, со вкупна вредност од 374 илјади евра. Во вториот тендер, општина Кавадарци влегува со реконструкција на две улици со вкупна вредност од 220 илјади евра: улица Дисанска и Западен Булевар“, изјави Бочварски.
Директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов истакна дека граѓаните на Кавадарци конечно добиваат нов, безбеден и модерен влез и од страната на Неготино.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Рекорден трговски дефицит во 2023 година во износ од 436 милиони евра
Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски преку „Фејсбук“ објава извести за рекорден трговски дефицит во 2023 година за за земјоделско-прехрамбени производи во висина од 436 милиони евра.
„Рекорден трговски дефицит во 2023 година во износ од 436 милиони евра. Еве како СДС го уништува македонското земјоделство, Македонија со СДС стана земја увозно зависна од храна. Негрижата за македонските земјоделци и тотално погрешните земјоделски политики на СДС ги примора земјоделците да го напуштат полето, а со тоа македонските граѓани да јадат увозни земјоделски производи, Македонија од земја извозник стана земја увозник на храна под власта на СДС. Земјоделците ќе имаат вистински партнер во новата Влада на ВМРО-ДПМНЕ и заедно ќе го вратиме македонското земјоделство во онаа препознатлива состојба, а Македонија повторно ќе биде земја извозник на храна“, рече Трипуновски.
Економија
Надворешен долг, побарувања и меѓународна инвестициска позиција во четвртото тримесечје од 2023 година
Објавено е редовното статистичко соопштение за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција.
На крајот на четвртиот квартал од 2023 година:
На 31.12.2023 година, нето надворешниот долг изнесува 4.458 милиони евра (или 32,6% од проценетиот БДП). Нето надворешниот долг на земјата, во четвртиот квартал од 2023 година, е зголемен за 305 милиони евра, или за 7,3%. Од аспект на структурата, приватниот нето-долг и натаму има поголемо учество во вкупниот нето-долг со 67%.
Во текот на четвртиот квартал од 2023 година, негативната нето меѓународна инвестициска позиција (МИП) е зголемена за 160 милиони евра и изнесува 8.500 милиони евра, односно 62,2% од проценетиот БДП за 2023 година.
Најновото соопштение за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција е достапно на следниот линк.
Економија
Во вториот квартал од 2025 година стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот ќе остане 1,5 отсто, одржана седница на Советот на Народната банка
Советот на Народната банка, на својата редовна седница, одржана на 28 март 2024 година, врз основа на редовната квартална оцена на системските ризици, донесе одлука за задржување на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките во Република Северна Македонија во висина од 1,5%, којашто ќе се применува и во вториот квартал од 2025 година. Одлуката се заснова врз оцените за постепено стабилизирање на нагорните циклични системски ризици и постојана стабилност на банкарскиот систем. Исто така, ги зема предвид условите од окружувањето коешто и натаму е неизвесно и придружено со ризици, што е причина за претпазливо спроведување на макропрудентните мерки заради натамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот сектор. Со одржувањето на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот се придонесува за спречување и за намалување на можните ризици.
Народната банка ќе продолжи со внимателно следење на системските ризици и ќе ја преоценува висината на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот на редовна квартална основа. Притоа, имајќи ја предвид природата на противцикличниот заштитен слој на капиталот и насоките на релевантните европски институции, Народната банка може да ја оцени потребата за зголемување на стапката, при раст на ризиците и неизвесностите од окружувањето, во услови на поволни остварувања на банките. Во случај, пак, на значително остварување на ризиците во билансите на банките, може да се оцени и потребата од делумно или целосно ослободување на овој заштитен слој на капиталот, како поддршка во работењето на банките при евентуални неповолни сценарија.
Советот на Народната банка на седницата разгледа и други материјали поврзани со работата на централната банка.