Економија
Бочварски: Преку новиот закон за градење ги олеснуваме постапките во градењето
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, денеска присуствуваше на стручна дебата по повод предлог-законот за градење, во организација на Друштвото на патиштата на Македонија.
Во своето излагање тој истакна дека Владата ја справедува досега најголемата реформа во градежната дејност во државата преку имплементација на новиот Закон за урбанистичкото планирање и изготвување на новиот закон за градење.
Со предлог-законот за градење, потенцира министерот Бочварски, на современ и стручен начин се уредува материјата на изградбата на градби преку која се стимулира просторниот и економскиот развој на државата и се олеснуваат постапките за градење.
„Пред нас е предизвикот да ги спроведеме неопходните реформи за да може да воведеме високо ниво на професионалност и стандардизација на прописите и нормите во делот на градежната дејност. По секоја цена не сакавме да креираме закон кој би бил штетен како и претходните. Затоа, изминатиов период целата стручна јавност, граѓанските организации и сите други фактори вклучени во оваа проблематика учествувавте во креирањето на овој нов закон со свои предлози и решенија“, истакна Бочварски.
Објасни дека градежништвото учествува со над 30 проценти во домашниот бруто-производ, вработува над 40 илјади работници, а поддржува уште 36 други стопански гранки.
Затоа, како што рече, многу е важно да создаваме услови на континуитет на градежна експанзија во земјата, но притоа мора да понудиме нови знаења, нови норми и методи, кои ќе ги приспособиме на домашната легислатива, истакна Бочварски.
Според него, со предлогот на новиот закон за градење се уредуваат постапките од фазата на изработка на проектната документација, градењето, употребата и одржувањето на градбите, со обезбедување усогласеност на изградбата со просторните и урбанистичките планови и проекти, преку заштита и унапредување на животната средина. Понатаму, се регулираат управните и другите постапки со кои се дозволуваат и контролираат изградбата, правата и обврските на учесниците во изградбата и други прашања поврзани со изградба на градбите.
„Во моментот законот сѐ уште е во изработка, сите доставени предлози ги разгледуваме и ги усогласуваме, вклучително и предлозите за пристапност на лицата со инвалидитет“, нагласи министерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.