Економија
(Видео) Ангеловска: Ќе има нов пакет економски мерки, приоритет е обезбедување на средства веднаш
„Да се обезбеди сигурност на буџетот во секое сценарио и да се обезбеди ликвидносна и финансиска инјекција во стопанството преку мерки за помош на фирмите се сегашните приоритети“, рече министерката за финансии Нина Ангеловска на прес-конференција за финансирање на буџетот во услови на корона кризата.
Министерката за финансии најави дека планот е да се повлечат 400 милиони евра поволни средства преку инструментот за премостување, 87 милиони евра од фондовите на ММФ, како средства за развојни политики за итни ситуации од Светска банка, каде се очекува да се повлече износ од околу 100 милиони евра.
„Потребно е да обезбедиме средства веднаш. Ги разгледавме сите можности и опции кои ни стојат на располагање, ги оценивме сите ризици и го одбравме најоптималниот план. На вчерашната седница предлогот беше доставен до Владата и истиот беше усвоен. Имајќи предвид дека издавањето на еврообврзница е подолг процес кој трае повеќе од два месеци, дека непредвидливоста е голема и кај пазарите на капитал, како и дека до вчера бевме во предизборие и не можевме порано да го почнеме тој процес, Министерството за финансии предложи за финансирањето сега да се искористи специјален инструмент заем-до-обврзница (bridge to bond facility) во износ 400 милиони евра со рок до доспевање до 12 месеци, кој ќе ја поддржи ликвидноста на државата во време на пандемијата и намалувањето на економската активност, потребите во секторот здравство, како и стопанството. Овој заем како што и самото име имплицира заем-до-еврообврзница ќе биде целосно отплатен со средства кога ќе се издаде еврообврзницата. Станува збор за заем од странски банки под поволни услови. Очекуваме поволна каматна стапка за овој инструмент, дури и пониска од претходно издадената еврообврзница од 2018, која имаше историски најниска каматна стапка од 2,75 проценти“, рече Ангеловска.
Taa посочи дека наскоро ќе се објават и нови мерки бидејќи во скоро време ќе се обезбеди поголема ликвидност, а со тоа и поголем финансиски простор за преземање на покрупни мерки.
„Како што министерот за здравство се грижи да превенира и спречи ширење и ниеден пациент да не стаса до респираторна машина, така целта на економскиот тим е да ја заштити ликвидноста на буџетот и да го заштити секое едно работно место и секој граѓанин. Првиот пакет со кој излеговме беше карактеризиран како недоволен, а некои го критикуваа и тајмингот. За да ситуацијата од корона шокот кој го снајде светот биде уште потешка за менаџирање кај нас, ние бевме во услови на техничка влада и распишани избори, кога рацете ни беа врзани за речиси сите потребни работи кои требаше да се преземаат. Така, без да обезбедиме дополнителни средства и ликвидност, предлагањето на агресивни мерки би било несериозно во услови не неизвесност за можноста за нивно спроведување. За многу од мерките како што знаете потребни се законски измени кои не беа возможно да се направат пред прогласувањето на вонредна состојба“, рече Ангеловска.
Taa очекува најголемите ефекти од корона кризата да се почувствуваат во следните три месеци, со што во вториот квартал се очекува забавување на економската активност, па и негативна стапка на раст.
„Во третиот квартал веќе се очекува подобрување, но тоа за одредени сектори нема да придонесе за драстично оправување. Четвртиот квартал е оној кој се проектира за rebound, односно позитивен пресврт и опоравување. Како што кажав и на почетокот Владата е тука за фирмите, бидејќи тие се оние кои креираат работни места и тие кои продуцираат нова вредност. Приоритет ќе ни биде фирмите да опстојат, а работните места да ги задржиме. Новите мерки кои ќе се претстават се во таа насока“, истакна министерката за финансии.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Јаболкото во Ресен ќе остане неоткупено поради големиот увоз на странско јаболко во Македонија
Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денес е во работна посета на Ресен каде што оствари работни средби со овоштарите од овој регион.
„Овоштарите од Ресен претрпуваат големи губитоци заради погрешните политики на СДС и големиот увоз на странско јаболко во Република Македонија. Согласно податоците, додека ресенското јаболко стои неоткупено, од 1 септември 2023 година до сега во Македонија се влезени околу 4 милиони килограми јаболко што е главна причина што ресенчани ги преживуваат најцрните денови во историјата на овоштарството во Македонија“, изјави Трипуновски.
Како поголеми проблеми на земјоделците од Ресенскиот регион, Трипуновски ги посочи неисплатените субвенции како и неисплатените штети од природните непогоди од пред некоја година, откупно-дистрибутивниот центар којшто требаше да биде завршен во 2023 година сѐ уште не е ни започнат со градба.
„Цврсто им ветив дека идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ има сериозен план и конкретни мерки со кои ќе се стави крај на маките на ресенчани“, заврши Трипуновски.
Економија
Ангеловска-Бежоска на Пролетните средби на ММФ и СБ: Носителите на политики ќе дискутираат за состојбите и перспективите во економијата
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, ја предводат нашата делегација, која учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Во делегацијата на Народната банка на овие средби ќе земе учество и вицегувернерот Фадил Бајрами.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Бајрами на претстојните Пролетни средби ќе одржат состаноци со заменик-директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, како и со извршниот директор на ММФ и алтернативниот извршен директор, Пол Хиберс и Лук Дресе. На состаноците со високите претставници на ММФ ќе стане збор за економските состојби во нашата земја и поставеноста на монетарната политика, којашто придонесе за стабилизирање на инфлацијата. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерката, ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Во рамките на Пролетните средби, Ангеловска-Бежоска ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Исто така, делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
Одржувањето на Пролетните средби секоја година на едно место ги собира носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки, кои ќе разговараат за политиките и финансиските реформи во насока на остварување на целите за одржлив раст (SDG), особено поврзани со климатските промени и родовата еднаквост.
Економија
Трипуновски: Ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост
Дополнителниот замени министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски на својата фејсбук страна објави дека ги потпишал првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост.
Во својата објава Трипуновски вели: „Почитувани земјоделци, штотуку ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, нека е аирлија!“
Трипуновски во неколку наврати ја алармираше јавноста дека во Република Македонија постојат договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост кои истекуваат оваа година, но на истите не им е овозможено продолжување и дека Николовски го кочи продолжување со образложение дека се потребни законски измени на законот за земјоделско земјиште.
„Сепак на крајот успеавме да го реализираме нашиот предлог за разрешница на овој проблем по многу побрза и поедноставна постапка, наспроти тврдењата на министерот Николовски кој постојано, од непознати причини, тврдеше дека се потребни измени на законот за земјоделско земјиште и дека со анексирање на договорите не се решава овој проблем. Со ова само се докажа дека Николовски повторно ве лаже како што тоа го прави изминативе 7 години“, дополни Трипуновски.
Позитивно е тоа што овој голем проблем доби решение и засегнатите земјоделци конечно ќе можат да ги продолжат своите договори согласно законските регулативи. Со ова Трипуновски покажа дека ќе биде предводник во промените и решавањето на проблемите во македонското земјоделство.
„ВМРО-ДПМНЕ секогаш било и ќе биде на страната на македонските земјоделци, доколку ние не го изнесовме овој проблем во јавноста, СДС и Николовски никогаш немаше да ги продолжат овие договори на вредните македонски земјоделци или пак тоа ќе го правеа селективно и повторно земјоделското земјиште ќе завршеше кај луѓе што не се земјоделци или истото ќе го трансформираа за плантажи со фотоволтаици. ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе може гордо и со крената глава да биде помеѓу светиниколчани и сите земјоделци во Република Македонија“, заврши Трипуновски во својата објава.