Економија
(Видео) Анѓушев: Преку регионална соработка на земјите од Западен Балкан побргу до ЕУ
Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, учествуваше на „Стратешкиот дијалог за Западен Балкан“, настан во организација на Светскиот економски форум и на Виенскиот економски форум, настани во рамките на самитот ЕУ-Западен Балкан, кој се организира во Софија.
Вицепремиерот Анѓушев истакна дека за економски раст и развој на Република Македонија, покрај имплементирање економски мерки, од особено значење е да се обезбеди политичка стабилност и владеење на правото и во таа насока Владата спроведува низа реформи во сите сектори.
Тој потенцира дека за побрза европска интеграција од особено значење е земјите од регионот на Западен Балкан да работат на унапредување на меѓусебната и на регионалната соработка.
„Република Македонија како мала земја треба да ја зголемува соработката со земјите од регионот и преку зголемена регионална соработка да се забрзаат европските интеграции. Зголемувањето на регионалната соработка е нешто кон кое сите влади во регионот треба да бидат посветени. Тоа подразбира активности во надминување на административните бариери што сега постојат, но и реализација на капитални инфраструктруни проекти за наше меѓусебно поврзување“, нагласи вицепремиерот Анѓушев.
Тој посочи дека Владата ќе биде посветена на реализација на проекти со кои ќе се придонесе кон подобра регионална соработка, а особен фокус ќе биде ставен на реализација на патната и железничката инфраструктура на Паневропскиот коридор 8.
„Добивме позитивни сигнали од меѓународните финансиски институции за поддршка во реализацијата на инфраструктурни проекти. Владата на Република Македонија е посветена на транспарентно и корисно насочување на финансиските средства од меѓународните институции, како и на средствата од даночните обврзници. Тие средства ќе бидат наменети на вистински начин за изградба на патишта, железница, како и за изградба на гасоводна мрежа и конектирање со Трансјадранскиот гасовод (TAP) и терминалите за природен гас во соседна Грција за да обезбедиме конкурентност и во снабдувањето со природен гас. Работиме и на зацврстување на инфраструктурата во електроенергетскиот пренос и во таа насока се инвестира во изградба на 400 киловолтен далновод, кој ќе ги поврзе Република Македонија и Република Албанија“, посочи Анѓушев.
Денес се потпиша и меморандумот за разбирање за спојување на пазарите еден ден однапред со електрична енергија помеѓу министрите за економија на Република Македонија и министерката за енергетика на Република Бугарија, м-р Крешник Бектеши и Теменушка Петкова.
Активностите во рамките на самитот ЕУ-Западен Балкан завршуваат денес, а со овој самит се одбележува завршувањето на претседавањето на Република Бугарија со ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.