Економија
(Видео) Бектеши и Царовска во рудникот САСА: Рударството е важен двигател на економијата
Министерката за труд и социјална работа, Мила Царовка и министерот за економија, Крешник Бектеши по повод Денот на рударите – 28 август го посетија рудникот за олово и цинк САСА од Македонска Каменица.
Министрите се запознаа со мерките и вложувањата во областите на безбедност и здравје при работа и за заштита на животната средина, инвестициите во современа технологија и во производниот процес на рудникот САСА.
Бектеши истакна дека на Владата ѝ е особено значајно оваа гранка да се развива за да обезбеди економски раст за државата, но и перспективно да влијае врз секој сегмент на општеството.
„Последните податоци говорат дека во јуни годинава рударството бележи пораст од 5,2%, споредено со истиот месец минатата година.Овој важен стопански сектор, и придружните сектори кои го опслужуваат бројат над 10.000 вработени, а во вкупното индустриско производство секторот Рударство и вадењето на камен учествува со 8,3%. Тоа значи дека инвестициите во рудниците, но и поддршката која ја дава Владата на овој сектор даваат резултати. Натамошниот развој во овој сектор е единствено можен со континуирани вложувања во модернизација со што ќе се обезбеди заштита на животната средина и ќе го поттикне локалниот економски развој. Министерството за економија постојано ги следи активностите во рударството и како институционален партнер постојано се стремиме, преку подобрување на регулативата, да овозможиме што подобри услови за развој на секторот. Рудникот за олово и цинк САСА е пример за одговорно рударство и развој преку вистинско партнерство со заедницата и што е најважно нуди солидни услови за работа и грижа за вработените“, истакна ресорниот министер.
Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска осврнувајќи се на измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, со кои рударите, од почетокот на оваа година добија намалување на старосната граница за пензионирање, изјави дека изминатиот период Владата работеше на унапредување на правата на рударите.
„Ветивме и го исполнивме долгогодишното барање за намалување на старосната граница за пензионирање на рударите коишто работат во подземен коп. Наместо на 58 години возраст, со законските измени тие во старосна пензија заминуваат на 50 години, односно со 40 години стаж за мажи и 35 години стаж за жени. Од почетокот на годината до сега по новиот закон во пензија заминаа 51 рудар од кои 43 се од САСА”, рече Царовска.
Министерката потенцираше дека Владата ќе продолжи да работи на политики за подобрување условите за работа на вработените во овој сектор и поттикнување на младите да се вклучат во рударството.
Рудникот за олово и цинк САСА е најголемиот рудник со подземна експлоатација во земјата. Има 700 вработени и годишно во просек се ископуваат околу 800.000 тони руда.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.