Економија
(Видео) ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од Анѓушев
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ побара оставка од вицепремиерот за економија, Кочо Анѓушев, од морални причини. Според партијата, крајно време е тој да направи нешто позитивно за Македонија и за граѓаните на Република Македонија.
„Одговорност за економското пропаѓање на државата мора да има. Не смее целиот товар за неспособноста на актуелната власт да го плаќаат граѓаните. Колку порано си замине Кочо Анѓушев, толку е помала цената што ќе ја платат граѓаните. Македонија, за жал, е на дното во Европа по растот на БДП. Извештајот на Заводот за статистика е поразителен за целата држава и покажува со какво темпо неспособната Влада на Зоран Заев ја влече државата кон економски колапс“, изјави Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој рече дека според официјалните податоци на Државниот завод за статистика, БДП во првиот квартал од 2018 година стагнирал, односно забележал раст од минимални 0,1 отсто, што е жално. „Тоа е истиот оној квартал за кој нè лажеа Заев и Кочо Анѓушев дека влегле стотици милиони нови странски инвестиции и економијата цветала. Тоа е истиот оној квартал кога СДСМ ја задолжи целата држава и сите граѓани со нови 300 милиони нето-долг“, рече Арсовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Рекорден трговски дефицит во 2023 година во износ од 436 милиони евра
Дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, преку фејсбук-објава извести за рекорден трговски дефицит во 2023 година за земјоделско-прехранбени производи во висина од 436 милиони евра.
„Рекорден трговски дефицит во 2023 година во износ од 436 милиони евра. Еве како СДС го уништува македонското земјоделство, Македонија со СДС стана земја увозно зависна од храна. Негрижата за македонските земјоделци и тотално погрешните земјоделски политики на СДС ги принудија земјоделците да го напуштат полето, а со тоа македонските граѓани да јадат увозни земјоделски производи, Македонија од земја извозник стана земја увозник на храна под власта на СДС. Земјоделците ќе имаат вистински партнер во новата влада на ВМРО-ДПМНЕ и заедно ќе го вратиме македонското земјоделство во онаа препознатлива состојба, а Македонија повторно ќе биде земја извозник на храна“, рече Трипуновски.
Економија
Надворешен долг, побарувања и меѓународна инвестициска позиција во четвртото тримесечје од 2023 година
Објавено е редовното статистичко соопштение за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција.
На крајот на четвртиот квартал од 2023 година:
На 31.12.2023 година, нето надворешниот долг изнесува 4.458 милиони евра (или 32,6% од проценетиот БДП). Нето надворешниот долг на земјата, во четвртиот квартал од 2023 година, е зголемен за 305 милиони евра, или за 7,3%. Од аспект на структурата, приватниот нето-долг и натаму има поголемо учество во вкупниот нето-долг со 67%.
Во текот на четвртиот квартал од 2023 година, негативната нето меѓународна инвестициска позиција (МИП) е зголемена за 160 милиони евра и изнесува 8.500 милиони евра, односно 62,2% од проценетиот БДП за 2023 година.
Најновото соопштение за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција е достапно на следниот линк.
Економија
Во вториот квартал од 2025 година стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот ќе остане 1,5 отсто, одржана седница на Советот на Народната банка
Советот на Народната банка, на својата редовна седница, одржана на 28 март 2024 година, врз основа на редовната квартална оцена на системските ризици, донесе одлука за задржување на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките во Република Северна Македонија во висина од 1,5%, којашто ќе се применува и во вториот квартал од 2025 година. Одлуката се заснова врз оцените за постепено стабилизирање на нагорните циклични системски ризици и постојана стабилност на банкарскиот систем. Исто така, ги зема предвид условите од окружувањето коешто и натаму е неизвесно и придружено со ризици, што е причина за претпазливо спроведување на макропрудентните мерки заради натамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот сектор. Со одржувањето на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот се придонесува за спречување и за намалување на можните ризици.
Народната банка ќе продолжи со внимателно следење на системските ризици и ќе ја преоценува висината на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот на редовна квартална основа. Притоа, имајќи ја предвид природата на противцикличниот заштитен слој на капиталот и насоките на релевантните европски институции, Народната банка може да ја оцени потребата за зголемување на стапката, при раст на ризиците и неизвесностите од окружувањето, во услови на поволни остварувања на банките. Во случај, пак, на значително остварување на ризиците во билансите на банките, може да се оцени и потребата од делумно или целосно ослободување на овој заштитен слој на капиталот, како поддршка во работењето на банките при евентуални неповолни сценарија.
Советот на Народната банка на седницата разгледа и други материјали поврзани со работата на централната банка.