Економија
Димковски: Земјоделците да ја користат платформата „Понуда и побарувачка“ за продажба на производите
Владата ќе ги овозможи сите потребни услови за одржливо земјоделско производство, пласман, и ќе одговори на барањата на земјоделците, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски.
Тој посочи дека засега нема никаков притисок врз сигурноста на храната, но земјоделците се соочуваат со тешкотии во пласманот на земјоделски производи.
„Токму поради тоа, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја воведе и ја стави во функција платформата ‘Понуда и побарувачка’, која сите земјоделци може да ја користат. На оваа платформа земјоделците може да ги понудат своите производи. Ги повикувам земјоделците да ја користат и платформата ‘Понуда и побарувачка‘, што ја воведе Министерството за земјоделство, а преку која може да ги понудат своите производи. За да го заштитиме домашното производство, ги повикувам граѓаните да купуваат домашни производи, со што ќе се поддржи локалното производство. Зелените коридори за побрз транспорт на стока веќе функционираат и тоа во значителна мера ќе ја олесни трговијата со земјоделски производи“, изјави Димковски.
Тој посочи дека производството на храна мора да продолжи да се одвива непречено и во наредниот период, земјоделците мора да ги продолжат своите работни активности, a Владата презема мерки со кои ќе се ублажат последиците од пандемијата врз земјоделството и руралниот развој.
„Изминатиот период како ресорно министерство преземавме мерки што ќе им помогнат на земјоделците и на стопанствениците од агросекторот во оваа вонредна состојба да имаат рентабилно земјоделско производство и пласман за производите. Рокот за плаќање на годишната закупнина за државно земјоделско земјиште за 2019 се продолжува до 12 ноември 2020 година. До истиот рок нема да се врши еднострано раскинување на договорите за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост поради неплатена годишна закупнина“, рече Димковски.
Исто така, додаде тој, склучувањето договори на производителите на тутун со регистрираните откупувачи на тутун е продолжен до 30 април, а ставени се во мирување и роковите за сите јавни повици за поднесување проекти и реализација на инвестиции од националните програми и од ИПАРД 2-програмата.
Исто така, со цел да се намали загубата на одгледувачите на овци, вкупната поддршка за женско јагне е зголемена на 2.500 денари за грло.
Покрај оваа поддршка, министерот Димковски истакна дека земјоделците што се самостојни вршители на дејност, а се регистрирани според Законот за трговските друштва, ќе имаат можност да користат и дел од економскиот пакет на мерки, како финансиската поддршка од 14.500 денари за април и мај.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.