Економија
(Видео) Заев ги повика битолските стопанственици да аплицираат за мерките за поддршка на малите и средните претпријатија
Премиерот Заев за време на денешната работна посета на Битола ги повика претставниците од бизнис-секторот од Битола и битолскиот крај да аплицираат за мерките и да ги исцрпат предвидените средства што ги нуди Владата за сите заедно да придонесат кон раст и развој на економијата. Премиерот Заев истакна дека во државниот буџет се обезбедени рекордни средства во висина од 10,5 милиони евра за поддршка на малите и средните претпријатија.
„Економскиот план обезбедува поддршка и за брзорастечките компании таканаречени газели, со 30 отсто поврат на направените инвестиции. За микрокомпаниите овозможуваме поддршка до 30 отсто од направените инвестиции и за развој на иновативноста на микро, малите и средните компании со поврат до 70 отсто од направените инвестиции во активности поврзани со иновации“, нагласи премиерот Заев.
Заев и Анѓушев ги презентираа мерките за поддршка на малите и средните претпријатија и политиките за поддршка на пораст на платите.
Пред битолските стопанственици премиерот истакна дека Владата и економските ресори ги продолжуваат политиките на пораст на платите и рече дека со оваа мерка државата обезбедува директна финансиска поддршка од 30 отсто од растот на бруто-платата на работници во трудоинтензивните дејности.
Анѓушев ги повика стопанствениците да аплицираат за мерките од планот за економски раст, кои веќе се активни, и за кои рече дека предизвикуваат голем интерес. Како што информира вицепремиерот, за овој краток временски период веќе се доставени 170 апликации за мерките за поддршка од третиот столб.
„Мерките важат за сите компании. Најголема поддршка е определена за микро, малите и средните претпријатија. Јас сум среќен што на објавениот оглас на Фондот за иновации и технолошки развој, кој е отворен до јули, веќе се пристигнати 170 апликации, што значи интересот е голем“, соопшти вицепремиерот Анѓушев.
„Генералната идеја е да им помогнеме на оние компании што имаат потенцијал да растат и да ја зголемуваат соработката со сите компании и на тој начин да им помогнат и на другите да остваруваат раст, со што сите економски субјекти би придонеле заедно кон економски раст на државата“, истакна вицепремиерот Анѓушев.
Текстилната и кожарската индустрија, како што рече вицепремиерот Анѓушев, се ослободени од вториот критериум, кој се однесува за ненамалување на просечниот број вработени и ги објасни мерките за поддршка што се однесуваат на малите и средните претпријатија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Јаболкото во Ресен ќе остане неоткупено поради големиот увоз на странско јаболко во Македонија
Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денес е во работна посета на Ресен каде што оствари работни средби со овоштарите од овој регион.
„Овоштарите од Ресен претрпуваат големи губитоци заради погрешните политики на СДС и големиот увоз на странско јаболко во Република Македонија. Согласно податоците, додека ресенското јаболко стои неоткупено, од 1 септември 2023 година до сега во Македонија се влезени околу 4 милиони килограми јаболко што е главна причина што ресенчани ги преживуваат најцрните денови во историјата на овоштарството во Македонија“, изјави Трипуновски.
Како поголеми проблеми на земјоделците од Ресенскиот регион, Трипуновски ги посочи неисплатените субвенции како и неисплатените штети од природните непогоди од пред некоја година, откупно-дистрибутивниот центар којшто требаше да биде завршен во 2023 година сѐ уште не е ни започнат со градба.
„Цврсто им ветив дека идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ има сериозен план и конкретни мерки со кои ќе се стави крај на маките на ресенчани“, заврши Трипуновски.
Економија
Ангеловска-Бежоска на Пролетните средби на ММФ и СБ: Носителите на политики ќе дискутираат за состојбите и перспективите во економијата
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, ја предводат нашата делегација, која учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Во делегацијата на Народната банка на овие средби ќе земе учество и вицегувернерот Фадил Бајрами.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Бајрами на претстојните Пролетни средби ќе одржат состаноци со заменик-директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, како и со извршниот директор на ММФ и алтернативниот извршен директор, Пол Хиберс и Лук Дресе. На состаноците со високите претставници на ММФ ќе стане збор за економските состојби во нашата земја и поставеноста на монетарната политика, којашто придонесе за стабилизирање на инфлацијата. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерката, ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Во рамките на Пролетните средби, Ангеловска-Бежоска ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Исто така, делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
Одржувањето на Пролетните средби секоја година на едно место ги собира носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки, кои ќе разговараат за политиките и финансиските реформи во насока на остварување на целите за одржлив раст (SDG), особено поврзани со климатските промени и родовата еднаквост.
Економија
Трипуновски: Ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост
Дополнителниот замени министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски на својата фејсбук страна објави дека ги потпишал првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост.
Во својата објава Трипуновски вели: „Почитувани земјоделци, штотуку ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, нека е аирлија!“
Трипуновски во неколку наврати ја алармираше јавноста дека во Република Македонија постојат договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост кои истекуваат оваа година, но на истите не им е овозможено продолжување и дека Николовски го кочи продолжување со образложение дека се потребни законски измени на законот за земјоделско земјиште.
„Сепак на крајот успеавме да го реализираме нашиот предлог за разрешница на овој проблем по многу побрза и поедноставна постапка, наспроти тврдењата на министерот Николовски кој постојано, од непознати причини, тврдеше дека се потребни измени на законот за земјоделско земјиште и дека со анексирање на договорите не се решава овој проблем. Со ова само се докажа дека Николовски повторно ве лаже како што тоа го прави изминативе 7 години“, дополни Трипуновски.
Позитивно е тоа што овој голем проблем доби решение и засегнатите земјоделци конечно ќе можат да ги продолжат своите договори согласно законските регулативи. Со ова Трипуновски покажа дека ќе биде предводник во промените и решавањето на проблемите во македонското земјоделство.
„ВМРО-ДПМНЕ секогаш било и ќе биде на страната на македонските земјоделци, доколку ние не го изнесовме овој проблем во јавноста, СДС и Николовски никогаш немаше да ги продолжат овие договори на вредните македонски земјоделци или пак тоа ќе го правеа селективно и повторно земјоделското земјиште ќе завршеше кај луѓе што не се земјоделци или истото ќе го трансформираа за плантажи со фотоволтаици. ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе може гордо и со крената глава да биде помеѓу светиниколчани и сите земјоделци во Република Македонија“, заврши Трипуновски во својата објава.