Економија
(Видео) Заев: Иднината е во развивањето и менаџирањето на талентот
Иднината е во развивањето и менаџирањето на талентот, на човечкиот капитал и затоа посветено работиме на поддршка на иновативното претприемништво, изјави премиерот Зоран Заев, кој на покана на организаторот, денеска со свое обраќање го отвори првиот Балкански самит на претприемништво.
На самитот присуствуваа и заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, евроамбасадорот Жбогар, како и членови на бизнис-заедницата и на дипломатскиот кор во државата.
Во своето обраќање, Заев истакна дека една од првите задачи на Владата беше ослободување на заробената држава, а следствено и креирање клима во која конечно ќе разговараме за бизнис-идеи.
„Стравот долго време ја парализираше оваа држава. Решивме храбро да се соочиме со предизвикувачки одлуки, за да дојдеме токму до вакви моменти – настани во кои ќе зборуваме за бизнис-идеи, за предизвици да се изгради нов бизнис и да се биде успешен и истраен во таа мисија. Знаејќи дека најголем предизвик на иднината ќе биде развивањето и менаџирањето на талентот – човечкиот капитал, ние посветено работиме на зголемување на продуктивноста преку инвестирање во образование, знаење и вештини, паметна специјализација и дуално образование“, истакна Заев.
Премиерот се осврна и на владините мерки за поддршка на креирањето нови бизниси и инвестиции во човечкиот капитал.
Во својот поздравен говор, вицепремиерот Кочо Анѓушев се надоврза на говорот на премиерот и ја искажа силната поддршка што оваа Влада ја дава на приватниот сектор и развивањето на претприемачки менталитет кај младите.
„Јас длабоко верувам дека одржлив раст на БДП во една држава може да се генерира само врз база на реалната економија, на приватната инвестиција, на приватната иницијатива и врз база на претприемачкиот дух на младата генерација. Анкетите покажуваат дека младите луѓе сакаат да работат во државна администрација, но тоа е погрешно. Младите луѓе треба да сакаат да креираат свои фирми, односно за да може да ја предвидат својата иднина да се обидат да ја создаваат, да не оставаат друг да ја создава во нивно име, а најдобро ќе ја создаваат ако имаат претприемачки дух и најдобро ќе ја создаваат ако креираат свои компании и имаат издржана и целосна идеја. Верувајте ми, од лично искуство ви кажувам дека секој претприемач треба да живее свој сон и да не се срами да сонува затоа што сонот е тој што ќе ве води во остварување на вашите цели . Тоа е тоа што треба да ви кажува вашиот инстинкт и вашето срце во кој правец треба да ја движите вашата иднина од економски аспект и само така ќе успеете, бидејќи тој што не сонува големи соништа никогаш не ги ни доживува“, посочи во своето обраќање Анѓушев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.