Економија
(Видео) Заев: Инвестициските можности на нашата земја се отворени и постојано се зголемуваат
Во рамките на работната посета на Обединетото Кралство премиерот Заев и вицепремиерот Анѓушев учествуваа на форумот „Инвестициски можности во брзорастечкиот регион“ во организација на „Фајненшл тајмс“, посветен на земјите од Западен Балкан.
Во чест на гостите на форумот, заменик-премиерот на Обединетото Кралство, Дејвид Лидингтон, организира и работен појадок за премиерите на земјите-учеснички од Западен Балкан – Србија, Албанија и Северна Македонија, на кој се разговараше за перспективите за унапредување на регионалната соработка и за значајната улога што Обединетото Kралство ја има во воспоставувањето добри и релаксирани политички релации меѓу земјите од Западен Балкан и за унапредување на економската соработка и размена.
Денешниот форум во организација на „Фајненшл тајмс“ беше оценет како значаен чекор во исполнувањето на тие цели. Свои воведни обраќања на форумот имаа директорот на Европската банка за обнова и развој, Сума Чакрабарти, кој ја оцени нашата земја како успешен пример на лидерство кое ги отвори перспективите за развој на земјата преку храбри одлуки и регионалната директорката на Светската банка за Западен Балкан, Линда ван Гелдер, која рече дека земјите од Западен Балкан треба да работат на забрзување на економскиот раст и ја наведе нашата земја како успешен пример бидејќи се наоѓа на десеттото место на Дуинг бизнис, извештај на Светската банка.
„Инвестициските можности на земјата се отвораат и се зголемуваат. Агенцијата ‘Фич’ го подобри кредитниот рејтинг на нашата земја од ББ на ББ+ и тоа е прво подобрување на кредитниот рејтинг на земјата по цели 13 години. Ова е потврда на квалитетот на економските политики и на одличните ефекти што тие ги даваат“, рече премиерот Заев на панел-дискусијата со премиерите на Србија и Албанија, Ана Брнабиќ и Еди Рама.
Премиерот Заев рече дека Западен Балкан се разликува многу за разлика од периодот пред 10 години, земјите денеска работат на поврзување и на интензивирање на економската соработка, што е добра причина инвеститорите да го препознаат овој дел од Европа како атрактивна бизнис-дестинација.
„По завршувањето на билатералните спорови и постигнувањето договори со Грција и Бугарија, ние ги отворивме нашите евроинтеграциски процеси и перспективите за економски развој. Со Грција ја зголемивме трговијата речиси 20 проценти по постигнувањето на договорот. Вкупниот извоз ни бележи раст од 16,8 отсто. Очекувам конкретни позитивни одлуки за нашата земја и Албанија“, рече премиерот Заев.
Тој додаде дека според последно објавениот извештај на Конференцијата на ОН за трговија и развој за инвестициите во светот, странските директни инвестиции пораснале 260 отсто од просекот во последните години и минатата година изнесувале 737 милиони долари и посочи дека економските индикатори се значително подобрени, намалена е невработеноста 4,8 отсто, 8 отсто пораснато е индустриското производство, економскиот раст во првиот квартал изнесува 4,1 отсто, а ќе се работи посветено на негово забрзување за да се достигнат стапки од 6 или 7 отсто потребни за побрзо да се достигне европскиот стандард.
Премиерот Заев рече дека земјите од Западен Балкан работат на зголемување на регионалната соработка преку берлинскиот процес и како пример го наведе отворањето на One Stop Shop како модел за олеснување на трговијата меѓу земјите. Премиерот Заев ги повика присутните претставници на компании од Обединетото Кралство да инвестираат во земјите од Западен Балкан кои нудат добри можности за нови инвестиции, што за компаниите ќе значи профит, а за нашите држави нови работни места, пренос на знаења и компетенции и раст на БДП.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.