Економија
(Видео) Заев: Инвестицијата на „М6 Аграр“ и „Тиквеш“ во нови лозови насади на 120 хектари создава услови за производство на квалитетни македонски вина
Премиерот Зоран Заев присуствуваше на промоцијата на новата инвестиција на компанијата „М6 Аграр“ и Винарската визба „Тиквеш“, кои се дел од Групацијата М6.
На настанот, на кој покрај менаџерите од овие компании, присуствуваа и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Аријанит Хоџа и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, беше поздравено што во услови на криза предизвикана од пандемијата, „М6 Аграр“ и Винарската визба „Тиквеш“ преку групацијата М6 продолжија со инвестицискиот циклус во нови лозови насади на површина од 120 хектари, на локацијата Бабуна, во близината на Велес.
Најновата инвестиција на „М6 Аграр“ за унапредување на квалитетот на вината на ВВ „Тиквеш“ е вредна речиси 2,5 милиони евра, а дел од средствата се обезбедени со поддршка на ИПАРД-програмата.
„Оваа инвестиција ги потврдува неисцрпните можности на македонското сонце и земја за развој на земјоделството, особено за развој и експанзија на нашето грозје, како и за производство на квалитетни вина. Инвестицијата во нови лозови насади нема да придонесе само за унапредување на квалитетот на вината на ‘Тиквеш’, туку ќе создаде услови и за производство за поголеми количини за освојување на светските пазари. Со овој нов потенцијал, Винарската визба ‘Тиквеш’ со долгогодишната традиција на производството на врвни вина, со присуство на над 25 пазари ширум светот и освоени 130 високи награди на реномирани светски вински натпревари само минатата година, претставува најголем промотор на македонските вина на светската винска сцена. Многу е важно што оваа инвестиција ќе придонесе за понатамошно градење на имиџот на земјата како производител на висококвалитетни вина и за етаблирање на македонската винска индустрија“, нагласи претседателот на Владата на Северна Македонија, Зоран Заев, на настанот.
Новите лозови насади на локацијата Бабуна се дел од повеќегодишна инвестициска програма за унапредување на квалитетот на вината на ВВ „Тиквеш“, во чии рамки досега се инвестирани над 5 милиони евра во подигнување нови лозови насади и модерна механизација.
„Навистина е многу убаво чувството кога сме сведоци на нечиј развој. Јас сум истовремено и горд, бидејќи ова е заеднички успех како потврда на добрата политика на Владата и добрата соработка помеѓу институциите и приватниот сектор. Преку многу вакви примери, ние застанавме на лидерското место помеѓу земјите кориснички на ИПАРД во однос на степенот на искористеност на ИПАРД 2. Како резултат на добрата искористеност на средствата од Програмата, за првпат во историјата, две години по ред 2019 и 2020 година, а сега и во 2021 година, Република Северна Македонија нема да враќа неискористени средства од програмата“, истакна Аријанит Хоџа, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Инвестицискиот план за подигнување нови лозови насади предвидува во текот на 2022 година да се вложат дополнителни 3,3 милиони евра и да биде опфатена површина од нови 180 хектари, а овој тип инвестиции во земјоделството ги задоволуваат сите критериуми за поддршка од ИПАРД-програмата за развој на аграрот и руралниот развој.
„До денеска, преку ИПАРД 2-инструментот склучени се 1.723 договори со вкупна поддршка од 51 милиони евра. Агенцијата беше и ќе продолжи да биде најголем партнер на земјоделците и компаниите и двигател на растот и развојот на земјоделското производство и руралниот развој. Признание дека сме на добар пат и дека сме лидери во искористеност на средствата во регионот добивме и од ‘ДГ Агри’ на ЕУ, а веќе во ИПАРД 3-програмата која треба да ја започне со имплементација во 2022 година очекуваме многу поголем буџет од оној што го имавме во претходниот период“, изјави Никица Бачовски, директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Во своето обраќање на настанот претседателот на управниот одбор на ВВ „Тиквеш“ и партнер во Групацијата М6 Светозар Јаневски говореше за јасната визија за создавање врвни вина и развој на винска индустрија.
„И во овие услови на пандемија компанијата продолжи со инвестициите во нови лозови насади, модерна технологија и развој на човечките ресурси за понатамошно унапредување на квалитетот на вината на ‘Тиквеш’, нивно позиционирање на странските пазари и поголема промоција на македонските вина воопшто. Задоволни сме и благодарни за поддршката што ја обезбедуваат Владата, ресорното министерство и ЕУ фондовите за овој сектор, а во тие рамки и за ‘Тиквеш’ како двигател на развојот на македонската винска индустрија“, истакна претседателот на управниот одбор на ВВ „Тиквеш“ и партнер во Групацијата М6, Светозар Јаневски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Континуирана едукација и почитување на етичките и професионалните меѓународни стандарди се клучни за статусот и развојот на сметководството
Неопходни се одлучни чекори, јасна институционална поддршка и соработка помеѓу сите засегнати страни и партнери во процесот, како и искористување на искуствата на земјите од регионот, за да се овозможи натамошен развој на сметководствената дејност и унапредување на статусот на професионалните сметководители во нашата земја.
Ова се дел од препораките на учесниците на регионалната конференција посветена на трендовите, предизвиците, стандардите и перспективите на сметководството во регионот, која во организација на Институтот за сметководители и овластени сметководители (ИСОС) за првпат се одржува во нашата земја.
„Главната цел на ИСОС е да постави нови повисоки стандарди во струката кои ќе гарантираат висок степен на интегритет и професионализам, ќе го зголемат угледот и позицијата на сметководството и сметководителите, како и нивната улога и важност, не само за бизнисот, туку воопшто за целото општество. За да го постигнеме тоа треба посветено да работиме и заеднички да ги поставиме темелите на развојот за следните генерации, кои во оваа дејност ќе гледаат атрактивна и просперитетна професија. Оваа конференција секако е еден од чекорите кон остварување на оваа цел“, рече претседателката на ИСОС Весна Прентоска во своето обраќање на отворањето на конференцијата.
На настанот што се одвива под мотото „Во бројките веруваме”, присуствуваат околу 300 сметководители, претставници на професионални организации на сметководители и финансиски работници од регионот, на институции, организации и компании од земјава, како и домашни, регионални и меѓународни експерти од областа.
„За краток временски период од почетокот на примената на новиот Закон за вршење на сметководствени работи постигнат е значителен прогрес во неговата примена. Завршен е официјалниот превод на Меѓународните стандарди за финансиско известување – процес кој неоправдано бил одолговлекуван во минатото. Следува периодот кога овие стандарди треба да почнат да се применуваат и во нашата земја, што ќе донесе значајни придобивки за домашните компании и државата. Воедно, нивната имплементација претставува и значаен исчекор кон отпочнување на постапката за членство во Меѓународната федерација на сметководители, процес кој Министерството за финансии силно го поддржува“, потенцираше во своето воведно обраќање министерот за финансии Фатмир Бесими.
Поздравувајќи го одржувањето на оваа прва регионална конференција на професионалните сметководители во нашата земја, претседателот на Советот за унапредување и надзор над сметководствената професија Горан Рафајловски, истакна: „Придобивките од функционирањето на едно развиено, модерно сметководство, кое работи по меѓународни стандарди, се големи и ќе ги почувствуваат сите, почнувајќи од самите сметководители на кои им се отвораат нови перспективи, преку компаниите кои добиваат функција која треба да ја зголеми нивната конкурентност и секако државата, која добива алатка за поефикасна наплата на даноците. Ваквите придобивки се доволен мотив да го забрзаме процесот на воведување на најсовремените стандарди и практики во оваа дејност“.
Дискусиите во рамки на конференцијата се организирани во три панели. Првата панел-дискусија беше посветена на патот до членство во Меѓународната федерација на сметководители (IFAC), како една од главните стратешки цели на ИСОС. „Приклучувањето кон IFAC им дава до знаење на организациите од јавниот и приватниот сектор на локално, регионално и меѓународно ниво дека вашиот Институт на професионални сметководители има кредибилитет, капацитет и релевантност – и фокус кон јавниот интерес.
Членовите на IFAC се обврзуваат да усвојат меѓународни сметководствени стандарди и да ја поддржат нивната имплементација, вклучувајќи ги и образовните стандарди за почетна обука, како и за континуиран професионален развој. Исполнувањето на овие барања на патот кон аплицирање за членство во IFAC покажува дека меѓународните образовни, етички и сметководствени стандарди постојано се применуваат овде во Северна Македонија. Ова е причината зошто приклучувањето кон IFAC е повеќегодишен процес којшто се состои од повеќе чекори и вклучува повеќе засегнати страни“, рече претставничката на IFAC Јелена Мисита, претседател на советодавната група за поддршка на организациите на професионални сметководители во IFAC.
Во вториот конференциски панел, претставниците на организациите на професионалните сметководители од регионот дискутираа за состојбите и предизвиците со кои се соочува сметководството во нивните земји. Во рамки на третиот панел, претставници на деловната заедница, сметководители и домашни и меѓународни експерти од областа планирано е да дебатираат за актуелната положба и перспективите за натамошен развој на сметководствената професија во РС Македонија.
Инаку, собирот во Скопје беше искористен и да се поттикне поголема соработка помеѓу организациите на сметководителите во регионот, при што беше договорено во наредниот период да се заокружи процесот на формализирање на рамката за меѓусебна соработка во делот на размена на најдобри практики и искуства, како и во реализацијата на заеднички проекти за континуирана едукација на професионалните сметководители.
Економија
Битиќи и Деспотовски: Kреираме развој со поддршка на инвестиции на домашни и странски компании
Можностите за инвестиции и поддршка од државата особено за домашните компании, идни мерки како и презентација на примери на македонски компании кои со поддршката од државата градат успешни приказни беше во фокусот на денешната панел дискусија посветена на економијата и инвестициите. Настанот го организираа заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски, а на панелот учествува и стопанственици и поранешниот премиер Димитар Ковачевски. Заменик-премиерот Битиќи нагласи дека за првпат домашните компании имаат поголема финансиска поддршка споредено со странските инвеститори, како и дека поддршката во последниве шест години е порасната за речиси 13 пати.
„Со гордост можам да кажам дека нашите напори во поддршка на домашните компании преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции покажуваат конкретни резултати. Прво што направивме е изедначување на условите за финансиска поддршка на домашните со странските компании. Од нула поддржани компании во 2016 година до 919 денес, нашата заложба за економски развој и иновации станува реалност. За шест години, Владата ги има поддржано со околу 100 милиони евра за нивните инвестиции кои се над 500 милиони евра”.
Овој панел на кој учествуваа и стопанственици и експерти, стави акцент на синергијата меѓу Владата и приватниот сектор за стимулирање на економскиот раст. Учесниците имаа ретка шанса не само да се запознаат со најновите трендови во инвестициите, туку и активно да учествуваат во креирањето на стратегија за иднината на македонската економија.
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски посочи дека само во ТИРЗ во последниве три години се постигнати договори во вредност од една милијарда евра што е еднакво на нивото на инвестиции во ТИРЗ од 2006 до 2020 година.
„Покажавме дека знаеме и дека можеме. Од револуционерни до стратешки инвестиции, одново и одново докажавме дека не само што ја разбираме играта, туку и одлично ја играме постојано, не само на полувреме. Почнавме да играме и во европска и светска лига, со Јагео, Гересхајмер и други, а имаме и многу домашни успешни приказни“.
Сања Лазаревска сопственичка на компанијата Фор Лејди и Филип Арсов, ко-сопственик на Синапс Авиејшн ги споделија своите успеси и предизвици, давајќи увид во реалното влијание на владините политики врз домашните компании. И двајцата посочија дека програмите за поддршка на домашните компании им помогнале во реализација на плановите и развој на компаниите.
Поранешниот премиер Ковачевски истакна дека – „економската стабилност и поддршката на инвестициите секогаш беа на врвот на нашите приоритети, и денес можеме да ги видиме плодовите од тие напори“.
„Владата која ја предводев вложи значителни ресурси во приватниот сектор, што овозможи раст на инвестициите и зголемување на платите, дури и во време на големи предизвици. Поставивме таргет за 500 вера просечна плата, денеска е 650 евра или 290 евра повеќе од времето пред 2017 година. Нашата евроатлантска ориентација донесе највисоко ниво странски директни инвестиции од 754 милиони евра затоа што инвеститорите сакаат стабилен и безбеден амбиент за вложувања. Можностите за развој на компаниите ќе се зголемат уште повеќе со членството на Северна Македонија во ЕУ и затоа е важно да се продолжи европскиот пат. Овој пат носи подобар животен стандард за граѓаните, подобра работа за компаниите, дополнителни фондови за развој на нашата економија. Има уште многу што да се сработи“.
На оваа панел дискусија стопанствениците дадоа свои предлози за идни мерки кои им се потребни на домашните компании, како и конкретните чекори што треба да се преземат за да се осигура одржлива економска иднина за земјата.
Економија
Лозарите добиваат гарантирана откупна цена на винското грозје, Собранието го донесе новиот закон за вино
Собранието на Република Северна Македонија на денешната седница со 64 гласа „за“ го донесе новиот закон за вино, предложен од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Исполнивме уште еден даден збор пред лозарите, велат од МЗШВ.
Новиот закон за вино во целост е усогласен со одредбите на европското законодавство во делот на воведувањето нови производи од вино, како органско вино и ароматизирани вински производи.
Македонското вино најмногу се извезува кон земјите членки на Европската Унија и токму овој нов закон придонесува непречено да се зголеми, но и олесни извозот на македонско вино и производи од вино кон ЕУ.
Законот за вино во целост е на страна на лозарите решавајќи уште еден голем проблем за лозарите, а тоа е откупната цена. Со новиот закон за вино првпат се утврдува гарантирана производната цена на винско грозје за килограм најдоцна до 15 јули во тековната година и тоа за најмалку две најзастапени сорти. Пресметката на трошоците за производство на килограм винско грозје на определена површина и соодветен квалитет, во согласност со дадена методологија, се предвидува да ја врши високообразовна или научна институција од областа во земјоделството, соопшти МЗШВ.
Новиот закон предвидува и креирање нова годиншна, посебна програма за финасиска поддршка во лозарството и винарството, каде што преку конкретни мерки уште повеќе треба да се развиваат овие два значјни сектора.
Системот на заштитата на географските индикации на виното во целост е усогласен со европското законодавство. Новиот закон за вино во овој дел предвидува тие да се заштитуваат на национално и меѓународно ниво, со заштитена ознака за потекло или заштитена географска ознака. Традиционалниот назив на виното, на национално и меѓународно ниво, се заштитува со традиционална ознака.
Вината со географска ознака ќе треба да исполнуваат одредени барања во однос на квалитет или геогравски карактеристики, односно да бидат произведени од грозје што потекнува исклучиво или во најголем дел од дефинираното географското подрачје и производството на вино се одвива во дефинираното географско подрачје. Во насока на заштита на географските индикации на виното областите погодни за производство на вино во законот се делат на региони и реони и виногорја, локалитети, месности.
Производството на вино со географска ознака ќе биде следено од сертификациони тела, кој процесот ќе го верифицираат во сите фази почнувајќи од самиот почеток на производство на грозје до производство на вино со географска ознака. Сите заштитени ознаки на потекло и нивните корисници ќе бидат регистрирани во соодветен регистар во МЗШВ.
Министерот Николовски упати благодарност до сите фактори во креиарањето на новиот закон за вино, лозарите и земјоделските здруженија, стручната и научната јавност и винарниците.
Новиот закон за вино заедно со десетгодишната стратегија за развој на винарството и лозарството трасираат нов пат и сигурен развој на двата сектора – винарство и лозарство, преку стабилно произвдоство на винско грозје со мотивирани лозари, потоа зголемен извоз на македонско вино и уште повисоко позиционирање на светската винска мапа, се наведува во соопштението на МЗШВ.