Економија
(Видео) Заев и Тевдовски: ЕБОР е наш стратешки економски партнер за создавање одржлива пазарна економија
Главни теми на кои се разговараше се регионалната поврзаност, зголемување на конкурентноста и капацитетите на нашите компании, зголемување на соработката на целиот регион, дигитализацијата, патната инфраструктура и енергетската инфраструктура, сето она што живот значи и во нашата земја, рече премиерот Заев, кој заедно со министерот за финансии, Драган Тевдовски, учествува на Генералното собрание на ЕБОР во рамките на годишните средби на Европската банка за обнова и развој, кое се одржува во Сараево.
„Европската банка за обнова и развој е инвеститор од 1,9 милијарди евра во нашата земја, која имплементира над 150 проекти што го дефинираат севкупниот развој на нашата земја, затоа е многу важно да ги искористиме сите можности што значат и пренесување знаење, позитивни искуства за реализација на одредени проекти, а истовремено да охрабриме и побрзи процедури во делот на ЕБРД, подобри пракси и на крајот позабрзан раст и развој на нашата земја“, рече премиерот Заев.
Тој додаде дека ЕБОР претставува исклучително важен стратешки економски партнер на Република Северна Македонија со години во спроведување на реформите, во создавањето одржлива пазарна економија и во приближувањето на земјата кон ЕУ.
„Сето тоа што се случува во Република Северна Македонија по сите политички договори, дефинитивно ја става земјата во позиција да ги максимизира своите ефекти за да го забрза својот раст и развој, да ја намалиме невработеноста, да ги зголемиме платите на граѓаните, а ЕБРД може да одигра значајна улога. Нашиот фокус е да ги мотивираме да пласираат повеќе пари кај малите и средните претпријатија поради тоа што развојот на земјата го гледаме токму преку тоа. Верувам дека тоа ќе се случува во периодот што претстои пред нас, во реализацијата на големите капитални инвестиции, како што се патната инфраструктура, третата фаза од железничката пруга, продолжување на проектите, како што се гасификација, енергетска поврзаност, нови енергетски извори, и многу други проекти важни за граѓаните и за севкупниот раст и развој на економијата на Северна Македонија“, нагласи премиерот Заев.
Министерот Тевдовски најави дека во јуни на бордот на директори на ЕБОР треба да се одобри новата стратегија за соработка со Република Северна Македонија 2019-2024 година. Во новата стратегија има повеќе проекти, кои треба да поддржат три приоритети.
„Првиот приоритет е поддршка на конкурентноста. Преку овие проекти треба: да се подобрат деловните вештини, да се подобри пристапот до работни места за млади, жени и население што живее во недоволно покриени подрачја, како и да се подобри конкурентноста на приватниот сектор. Вториот приоритет е јакнење на регионалната интеграција и поддршка на приближувањето кон ЕУ. Преку овие проекти треба да се подобри поврзувањето преку вложување во транспортна и енергетска инфраструктура, дигитализација и усогласување на деловните практики. Третиот приоритет е насочување кон зелената економија, односно одржлива енергија и поголема ефикасност при управување со ресурсите“, истакна Тевдовски и додаде дека реализацијата на сите овие проекти ќе придонесе и за праведен и одржлив економски раст и ќе придонесат за подобар живот на граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.