Економија
(Видео) Заев на средба со бизнисмени од Македонија, Грција и од Бугарија
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска, во Гевгелија се сретна со стопанственици од југоисточниот регион на Македонија и од Грција и Бугарија, со кои разговараше за економските придобивки од членството на Македонија во ЕУ и НАТО и од воспоставеното пријателство со Република Грција преку постигнувањето на договорот во Преспа.
Премиерот Заев, кој беше придружуван од амбасадорот на Република Грција Димитрис Јанакакис, заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, градоначалникот на Гевгелија, Сашо Поцков, и други градоначалници од регионот, со претприемачите разговараше за подобрувањето на односите и за градење пријателски релации со Република Грција и со другите соседи на нашата земја.
„Овој регион е многу важен бидејќи партиципира сериозно во вкупниот БДП, трговската размена, извозот и увозот што Македонија ги има. Потенцијалот што го отвораме по успешниот референдум е уште поголем. Грција е втор најголем трговски партнер на Македонија по Германија. Ми е многу драго што уште во најава на имплементацијата на договорот веќе бројките покажуваат сериозно следење од страна на бизнис-заедницата на трендот на раст на тоа пријателство и партнерство. Повеќето од фирмите од Македонија и Грција се партнери, со мешовит капитал, пријателството отвора сериозни перспективи. Во првите седум месеци од 2018 година, во споредба со јануари-јули 2017 година, вкупната трговија пораснала 16,5 проценти изразена во евра или 27,9 проценти изразена во долари. Ако била 419 милиони евра трговијата меѓу Македонија и Грција, во првиот квартал или првите седум месеци од 2018 година таа пораснала на 489 милиони евра, а договорот е во фаза на имплементација, по што следува референдумот“, рече премиерот Заев, кој посебно истакна дека Република Грција е втора по ред земја со која Македонија има најголема трговска размена по обем, веднаш по Германија, што покажува дека се подобрува економската соработка и се очекува во иднина уште поголемо интензивирање на ваквите позитивни трендови“, рече премиерот Заев.
Премиерот Заев пред присутните бизнисмени истакна дека вториот дел од договорот за решавање на македонско-грчкиот спор и стратешко партнерство, кој не е многу експониран во јавноста, определува интензивирање и збогатување на соработката помеѓу двете земји, што ќе обезбедува само бенефити за стопанствениците од двете земји.
Амбасадорот на Република Грција, Јанакакис, се заблагодари на позитивните оценки на премиерот Заев за пограничната соработка меѓу Грција и Македонија наведувајќи го како пример на добра соработка меѓу двете земји денешното пуштање во употреба на пречистителната станица на отпадни води во Гевгелија, инвестиција со вкупна вредност од 10 милиони евра, финансиска поддршка на швајцарската влада и од владите на Република Македонија и Република Грција и општина Гевгелија.
Грчкиот амбасадор изрази уверување дека заедничката соработка меѓу соседните земји Македонија и Грција уште повеќе ќе се интензивира кога ќе се реализира договорот, кој беше потпишан во Преспа.
Премиерот Заев упати апел до бизнисмените, до производствените компании, оние што го прошируваат својот обем на работа и воведуваат иновативност, да конкурираат да добијат подршка од буџетот за проекти во ТИР-зоните, каде што е предвидено ослободување од данок, односно да се заинтересираат за мерките што Владата ги презема да ги мотивира стопанствениците.
Како проект, кој ќе обезбеди дополнителна работа за приватните компании, премиерот Заев го спомена договорот со Грција за гасификација на целиот Југоисточен Регион, како и средствата за прекугранична соработка обезбедени од ЕУ.
Премиерот Заев повтори дека Македонија нема друга перспектива, освен зачленувањето во ЕУ и НАТО, акцентирајќи дека со отворањето на граничните премини на бизнисмените од регионот ќе им се отвори европскиот пазар на половина милион жители, што ќе обезбеди економски развој на државата и повисоки приходи за граѓаните, поголеми инвестиции и нови работни места.
На средбата со премиерот Заев претприемачите разговараа за конкретни начини за поддршка на бизнис-проекти и беше поздравена иницијативата за погранична соработка меѓу стопанствениците од Македонија и од Грција со цел размена на искуства и поттикнување взаемни инвестиции.
Истовремено, претставниците на деловната заедница изразија поддршка на реформските политики на Владата на РМ во областа на земјоделството, енергијата, животната средина, индустријата, инфраструктурата, инвестициите, туризмот, трговијата и транспортот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.