Економија
(Видео) Ковачевски: Го оживеавме проектот Топлификација на Битола, изградбата почнува во октомври
После 40 години постоење на РЕК Битола и децениско размислување за реализирање топлификација, ние, од проект оставен во фиока и тргнат на страна, за само две години стигнавме до потпишување договор и подготовка за изградба на топловодот од РЕК Битола до градот Битола, изјави Васко Ковачевски, генерален директор на АД ЕСМ.
Како што нагласи тој, топлификацијата се гради со кредит од германската KFW банка во вредност од околу 40 милиони евра, а компанија дополнително ќе инвестира 7 милиони евра сопствени средства.
„За разлика од сите претходни најави за изградба на топлификацијата од РЕК до Битола, овојпат има неколку суштински причини заради кои ја уверувам јавноста дека овој проект ќе се реализира.
Јавниот повик за претквалификација беше распишан во октомври 2019 година, јавниот повик за комплетни понуди за првата фаза беше распишан годинава, а договорот со избраниот изведувач беше потпишан пред 10 дена. KFW Банката, консултантот IC consulenten и нашиот тим од Секторот развој и инвестиции вложија максимални напори во 20 месеци да спроведат успешна постапка и да имаме договорен орган. Тоа е конзорциумот RBA Termo JV, составен од три реномирани фирми: АД Гранит, Рапид билд и бугарската фирма Атом енерго ремонт, коj ги исполни сите критериуми на KFW банката како кредитор и на нашата компанија како инвеститор, односно нарачател.
Изведувачот има рок од две години за изведување на првата фаза од проектот за која е потпишан договорот, а тоа е ископ за трасирање на топловодот и поставување на топловодните цевки од РЕК Битола до градот Битола, како и секундарна мрежа во градот. Веќе следниот месец, започнуваат активностите на терен, по што ќе биде поставена потстаница која ќе го поврзе РЕК Битола со цевките, а потоа и потстаница на влезот на Битола која ќе го поврзува топловодот со разгранетата мрежа низ градот.
Планот е на топлификацијата, на почетокот да се приклучат 35 општински и државни институции во Битола кои ќе искористат една третина од капацитетот на системот. Со другите две третини ќе се задоволат потребите на големите станбени и деловни згради и на индивидуалните куќи во Битола, Новаци и Могила.
Топловодот дополнително ќе даде можност и за загревање на земјоделски оранжерии, со што ќе обезбеди поддршка на развојот на земјоделството во пелагонискиот регион.
Сакам да потенцирам дека овој проект за Топлификација што го реализираме, АД ЕСМ го направи економски исплатлив, што не беше случај претходно. Имено, со предвидената изградба на когенеративна гасна електрана во РЕК Битола за производство на електрична и топлинска енергија, инвестицијата во топловодната мрежа станува економски оправдана во иднина. Претходно беше нејасно што ќе биде со топловодната мрежа кога РЕК Битола ќе го замени јагленот со еколошки прифатливи ресурси за производство на струја.
Кога сме кај екологијата, еколошките придобивки од Топлификацијата се исклучително значајни, односно со воведување на ваков вид на греење во голема мера ќе се исфрли од употреба загревањето на горива кои загадуваат, како во институциите така и во домовите. На тој начин, создаваме долгорочно и одржливо решение за намалување на загадувањето во Битола и околината”, истакна Ковачевски во своето обраќање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Ангеловска-Бежоска на Пролетните средби на ММФ и СБ: Носителите на политики ќе дискутираат за состојбите и перспективите во економијата
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, ја предводат нашата делегација, која учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Во делегацијата на Народната банка на овие средби ќе земе учество и вицегувернерот Фадил Бајрами.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Бајрами на претстојните Пролетни средби ќе одржат состаноци со заменик-директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, како и со извршниот директор на ММФ и алтернативниот извршен директор, Пол Хиберс и Лук Дресе. На состаноците со високите претставници на ММФ ќе стане збор за економските состојби во нашата земја и поставеноста на монетарната политика, којашто придонесе за стабилизирање на инфлацијата. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерката, ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Во рамките на Пролетните средби, Ангеловска-Бежоска ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Исто така, делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
Одржувањето на Пролетните средби секоја година на едно место ги собира носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки, кои ќе разговараат за политиките и финансиските реформи во насока на остварување на целите за одржлив раст (SDG), особено поврзани со климатските промени и родовата еднаквост.
Економија
Трипуновски: Ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост
Дополнителниот замени министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски на својата фејсбук страна објави дека ги потпишал првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост.
Во својата објава Трипуновски вели: „Почитувани земјоделци, штотуку ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, нека е аирлија!“
Трипуновски во неколку наврати ја алармираше јавноста дека во Република Македонија постојат договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост кои истекуваат оваа година, но на истите не им е овозможено продолжување и дека Николовски го кочи продолжување со образложение дека се потребни законски измени на законот за земјоделско земјиште.
„Сепак на крајот успеавме да го реализираме нашиот предлог за разрешница на овој проблем по многу побрза и поедноставна постапка, наспроти тврдењата на министерот Николовски кој постојано, од непознати причини, тврдеше дека се потребни измени на законот за земјоделско земјиште и дека со анексирање на договорите не се решава овој проблем. Со ова само се докажа дека Николовски повторно ве лаже како што тоа го прави изминативе 7 години“, дополни Трипуновски.
Позитивно е тоа што овој голем проблем доби решение и засегнатите земјоделци конечно ќе можат да ги продолжат своите договори согласно законските регулативи. Со ова Трипуновски покажа дека ќе биде предводник во промените и решавањето на проблемите во македонското земјоделство.
„ВМРО-ДПМНЕ секогаш било и ќе биде на страната на македонските земјоделци, доколку ние не го изнесовме овој проблем во јавноста, СДС и Николовски никогаш немаше да ги продолжат овие договори на вредните македонски земјоделци или пак тоа ќе го правеа селективно и повторно земјоделското земјиште ќе завршеше кај луѓе што не се земјоделци или истото ќе го трансформираа за плантажи со фотоволтаици. ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе може гордо и со крената глава да биде помеѓу светиниколчани и сите земјоделци во Република Македонија“, заврши Трипуновски во својата објава.
Економија
Народна банка: Основната каматна стапка се задржува на нивото од 6,30 отсто
На 16 април 2024 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на која беа разгледани најновите податоци и информации за глобалната и за домашната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.
На седницата на Комитетот беше оценето дека тековнaта поставеност на монетарната политика е соодветна на условите во економијата. Така, каматната стапка на благајничките записи останува на нивото од 6,30%, а каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена на нивоата од 4,20% и 4,25%, соодветно. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е исто така непроменета и изнесува 10 милијарди денари. И натаму се очекува дека тековното ниво на каматните стапки, заедно со досегашните промени кај задолжителната резерва и преземените макропрудентни мерки ќе придонесат за натамошно забавување на инфлацијата и за задржување на стабилноста на девизниот курс. Притоа, последните промени кај инструментот задолжителна резерва, чијашто примена започнува од јуни 2024 година, значат и дополнителна поддршка на прудентниот карактер на монетарната политика, извести Народната банка.
Во услови на стабилен девизен пазар, главниот акцент при носењето на одлуката за задржување на тековната поставеност на монетарната политика беше ставен на потребата од стабилизирање на инфлацијата на историски ниските нивоа и инфлациските очекувања на потрајна основа, имајќи ги предвид присутните ризици, коишто во голема мера се поврзани со геополитичките тензии. Имено, инфлацијата очекувано забрза во март 2024 година на 4% на годишно ниво (3% во февруари), со оглед на престанокот на важноста на мерките за гарантирани цени на дел од прехранбените производи и пијалаци и за укинување/намалување на дел од увозните давачки. Сепак, остварувањето е под проекцијата на Народната банка, при значително намален притисок од цените на храната и енергијата, но и пониски ценовни притисоци од помалку променливите категории во првиот квартал, во согласност и со преземените монетарни мерки. Цените на примарните производи на берзите и натаму надолно се приспособуваат, со исклучок на нафтата којашто има одредени флуктуации. Остварувањата кај инфлацијата од почетокот на годината се пониски од очекувањата, но нивото сѐ уште е над историскиот просек, а ризиците во однос на идната динамика на цените и натаму постојат. Оттука, беше оценето дека е потребна натамошна претпазливост при водењето на политиките, вклучително и на политиките што делуваат врз побарувачката во економијата. Во однос на политиката на Европската централна банка (ЕЦБ), на последната седница во април повторно беше донесена одлука за задржување на основните каматни стапки на истото ниво.
Состојбата на девизниот пазар е стабилна и движењата се поволни. Нивото на девизните резерви на крајот на март изнесува 4.287,1 милион евра, што е соодветно за задржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Движењата на девизниот пазар се поволни и придонесуваат за интервенции со нето-откуп на девизи од страна на Народната банка, при умерено намалена нето-побарувачка од корпоративниот сектор и натамошен висок прилив на девизи на менувачкиот пазар. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, трговскиот дефицит во првите два месеца од 2024 година е малку повисок од очекувањата според октомврискиот циклус проекции. Остварувањата на менувачкиот пазар заклучно со март се малку пониски од проектираните нето-приливи од приватните трансфери.
Остварениот економски раст во последниот квартал на 2023 година, како и за целата година, е под проектираниот, што упатува на посилно забавување на економскиот раст од очекуваното. Имено, реалниот раст на домашната економија во 2023 година изнесува 1%, при раст на БДП во четвртиот квартал од годината од 0,9% на годишна основа. Високофреквентните податоци за првиот квартал од 2024 година со кои се располага упатуваат на годишен раст кај индустриското производство и угостителството, при мал реален годишен пад на прометот во вкупната трговија и кај градежништвото. Сепак, расположливоста на податоците е ограничена и не е доволна за попрецизна оцена. Во однос на ризиците за растот во следниот период, тие и натаму постојат и се поврзани пред сѐ со случувањата во надворешното окружување, но и со интензитетот на остварувањето на домашните инфраструктурни проекти.
Во монетарниот сектор, според првичните податоци за март 2024 година, депозитите растат со слична динамика како и претходниот месец, но малку посилно од очекувањата. Од друга страна, кредитната активност на банките умерено забавува, но годишниот раст е малку над проекциите за првиот квартал.
Сѐ на сѐ, амбиентот за водење на монетарната политика е умерено поповолен од очекувањата. Сепак, ризиците кај инфлацијата наметнуваат потреба од натамошно внимателно следење на динамиката и факторите на инфлацијата и претпазливост во однос на водењето на макроекономските политики коишто влијаат врз побарувачката во економијата, вклучително и преку пазарот на труд каде што има високи стапки на реален раст на платите. Народната банка и натаму е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема соодветни мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс, стабилизирање на инфлациските очекувања и за ценовна стабилност на среден рок, соопшти НБ.