Економија
(Видео) Митева: Автопатот Кичево – Охрид е 4 години во застој, власта проектира само нови трошоци
Автопатот Кичево – Охрид е почнат во 2014 година, со вкупна должина од 57 километри. При примопредавање на власта во 2017 имаше сериозен прогрес од приближно 50 % и веќе цели 4 години не можеме да видиме дека овој процент драстично расте. Постојано нешто се допроектира, во континуитет се склучуваат нови анекси, се продолжува рокот на изградбата на автопатот и наместо да имаме готов автопат во 2018 година, се доцни до тој степен што најновиот рок е 2024 година. Со ова темпо и со ова неработење имаме сериозни сомнежи дека и овој рок нема да биде запазен. Само за потсетување, претходниот рок од Владата предводена од СДСМ беше 30 јуни 2021 година. И, нормално, рокот е далеку од запазен. Неспособноста на СДСМ уште еднаш е покажана на дело, истакна на денешната прес-конференција Марија Митева, портпаролка на ВМРО-ДПМНЕ.
„Побрза изведба на автопатот значи и помалку трошоци за буџетот на РМ. Надзор на неработење не постои. Доколку автопатот навремено беше завршен, овие дополнителни трошоци ќе беа избегнати и ќе можеа овие средства од буџетот на РМ да бидат прераспределени за други проекти од интерес на граѓаните. Но, нема план, нема стратегија, СДСМ има само желба за удобна власт. СДСМ магично успеа да ја удвои цената на чинење на автопатот при никаков прогрес на терен. И, нормално, должината на автопатот остана иста“, истакна Митева.
Според неа, власта постојано се жали во реализирање на овој проект, сѐ се тоа, како што рече Митева, оправдувања.
„Најнапред тврдеа дека трасата е промашена, Зоран Заев не ретко го говореше тоа, дури и од собраниската говорница и тоа им беше главната причина за неработење. Потоа, во 2019 година, министерот Благој Бочварски го демантира Заев, самиот себе, па и цел СДСМ, и изјави дека трасата не била погрешна. Потоа, откако оваа теза доживеа неуспех, продолжија со тезата дека проектот не бил доволно добар и дека на некои места треба да се допроектира автопатот, а забораваат дека ревидираниот проект и тогаш и сега беше ист. И притоа на нивната приказна за допроектирање тие можеа да бараат оправдувања во 2017, па можеби и во 2018 година, но како тоа и во 2021 година сѐ уште говорат за допроектирање на автопатот“, рече таа.
Според Митева, никој повеќе не верува дека СДСМ ќе успее да го заврши овој автопат. Зоран Заев и оваа Влада не се способни, сметаат од нејзината партија.
„Овој автопат го почна со изградба претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ и овој автопат ќе го заврши идната влада предводена од ВМРО–ДПМНЕ. А криминалното и неспособно владеење на СДСМ ќе биде само лошо сеќавање“, нагласи Митева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Рекорден трговски дефицит во 2023 година во износ од 436 милиони евра
Дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, преку фејсбук-објава извести за рекорден трговски дефицит во 2023 година за земјоделско-прехранбени производи во висина од 436 милиони евра.
„Рекорден трговски дефицит во 2023 година во износ од 436 милиони евра. Еве како СДС го уништува македонското земјоделство, Македонија со СДС стана земја увозно зависна од храна. Негрижата за македонските земјоделци и тотално погрешните земјоделски политики на СДС ги принудија земјоделците да го напуштат полето, а со тоа македонските граѓани да јадат увозни земјоделски производи, Македонија од земја извозник стана земја увозник на храна под власта на СДС. Земјоделците ќе имаат вистински партнер во новата влада на ВМРО-ДПМНЕ и заедно ќе го вратиме македонското земјоделство во онаа препознатлива состојба, а Македонија повторно ќе биде земја извозник на храна“, рече Трипуновски.
Економија
Надворешен долг, побарувања и меѓународна инвестициска позиција во четвртото тримесечје од 2023 година
Објавено е редовното статистичко соопштение за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција.
На крајот на четвртиот квартал од 2023 година:
На 31.12.2023 година, нето надворешниот долг изнесува 4.458 милиони евра (или 32,6% од проценетиот БДП). Нето надворешниот долг на земјата, во четвртиот квартал од 2023 година, е зголемен за 305 милиони евра, или за 7,3%. Од аспект на структурата, приватниот нето-долг и натаму има поголемо учество во вкупниот нето-долг со 67%.
Во текот на четвртиот квартал од 2023 година, негативната нето меѓународна инвестициска позиција (МИП) е зголемена за 160 милиони евра и изнесува 8.500 милиони евра, односно 62,2% од проценетиот БДП за 2023 година.
Најновото соопштение за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција е достапно на следниот линк.
Економија
Во вториот квартал од 2025 година стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот ќе остане 1,5 отсто, одржана седница на Советот на Народната банка
Советот на Народната банка, на својата редовна седница, одржана на 28 март 2024 година, врз основа на редовната квартална оцена на системските ризици, донесе одлука за задржување на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките во Република Северна Македонија во висина од 1,5%, којашто ќе се применува и во вториот квартал од 2025 година. Одлуката се заснова врз оцените за постепено стабилизирање на нагорните циклични системски ризици и постојана стабилност на банкарскиот систем. Исто така, ги зема предвид условите од окружувањето коешто и натаму е неизвесно и придружено со ризици, што е причина за претпазливо спроведување на макропрудентните мерки заради натамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот сектор. Со одржувањето на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот се придонесува за спречување и за намалување на можните ризици.
Народната банка ќе продолжи со внимателно следење на системските ризици и ќе ја преоценува висината на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот на редовна квартална основа. Притоа, имајќи ја предвид природата на противцикличниот заштитен слој на капиталот и насоките на релевантните европски институции, Народната банка може да ја оцени потребата за зголемување на стапката, при раст на ризиците и неизвесностите од окружувањето, во услови на поволни остварувања на банките. Во случај, пак, на значително остварување на ризиците во билансите на банките, може да се оцени и потребата од делумно или целосно ослободување на овој заштитен слој на капиталот, како поддршка во работењето на банките при евентуални неповолни сценарија.
Советот на Народната банка на седницата разгледа и други материјали поврзани со работата на централната банка.