Економија
(Видео) Митева: Речиси милион евра од продажбата на струја можеле да останат во ЕЛЕМ ако Ковачевски не им ја продаваше евтино на странски трговци
АД ЕЛЕМ преку продажба на евтина струја во ноќните часови по цена половична од берзанската за еден и пол месец овозможила речиси 1 милион евра заработка на трговци со струја. Овие двајца трговци на струја, чии податоци можеме да ги видиме од официјалните статистики за продажба на ЕЛЕМ, „ЕТМТ енерџи“ и „Данске комодитис“ ДООЕЛ, чии линкови водат до СДСМ или сестрински партии до СДСМ, струјата што ја купувале под берза од АД ЕЛЕМ ја продавале со 60 % маржа. Во услови на криза овие две компании, поради неукоста и криминогеноста на АД ЕЛЕМ, нижат дебели профити наместо истата струја АД ЕЛЕМ да им ја понуди на македонското стопанство или на општините за осветление“, рече Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
„Каква е врската помеѓу ЕЛЕМ, албанската енергетска компанија КЕШ, компанијата ‘ЕТМТ енерџи’ и компанијата од Тирана, ‘Енертејд’? Дополнително, каква е врската помеѓу АД ЕЛЕМ и ‘Данске комодитис’? За овие прашања СДСМ нема одговор. Дополнително е сомнително тоа што АД ЕЛЕМ има сопствено претпријатие за трговија со струја, ‘ЕЛЕМ трејд’, кое може да се јави како купувач на струјата на АД ЕЛЕМ, а потоа и препродавач на домашни и странски пазари.
Несфатливо е зошто во ек на енергетска криза, кога се бара мегават-час повеќе, АД ЕЛЕМ не ја врши трговијата сама, туку тоа им го остава на трговци што нижат милиони. Зошто, наместо добивката од 1 милион евра, што ја направиле двете фирми купувачи на струјата на АД ЕЛЕМ, да остане во претпријатието, таа се одлеала кон странство? Се поставува основан сомнеж за однапред договорена работа и свесно внесување на АД ЕЛЕМ и Македонија во целост во оштетена положба.
Овој случај ќе биде предмет на детаљна истрага по промената на власта затоа што преку ваквото несовесно работење, кое резултира со зделки и заработка на милиони евра на трговци, штетата е на грбот на стопанството, кое во овие моменти на енергетска криза плаќа струја и до 800 евра за мегават-час. Фирмите затвораат, луѓето остануваат без работа, сметките за струја се од месец на месец непредвидливи, а само власта е таа што заработува“, нагласи Митева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.