Економија
(Видео) Николовски: Со измените на Законот за вино до развој на малите винарници, зголемено производство и извоз на вино
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска во Кавадарци им порача на лозарите дека со измените и дополнувањата на Законот за вино ќе се создадат услови за развој на малите семејни винарници, ќе се воведат нови вински производи, што ќе придонесе и за поголеми приходи за винарските визби и за лозарите, поголем извоз на вино и девизен прилив.
„Лозарството е стратешка извозна гранка и веќе има позитивни резултати, лани имаме зголемен извозот на флаширано вино за 9 отсто и зголемен извоз. Денеска со лозарите разговаравме за измените на Законот за вино кој наскоро ќе влезе во владина процедура кои се во интерес на лозарите. Измените се усогласени со европските регулативи со сите засегнати страни. Дел од измените се однесуваат на воведување на нови вински производи како органско вино и ароматизирано вино, особено е интерес за малите винарници односно за зголемување на производството на вино кај малите винарници. Во измените на законот за малите винарници нема да е потребно вработување на енолог, туку ангажирање со соодветен договор, тоа е едно барањата и го прифативме. Кај физичките лица, тие не мора да бидат со високо образование како што беше досега, може да имаат средно земјоделско училиште. Со низа на измени во Законот за вино го поттикнуваме производството, малите винарници, физичките лица кои може да произведуваат и да продаваат, а со тоа ќе се зголеми целокупното производство и извозот“, изјави министерот Николовски.
Сите мерки што се преземаат, рече Николовски, се во насока на развој на оваа гранка. Како што истакна, пред почетокот на новата производствена реколта, лозарите ги добија субвенциите за основната мерка за одржување на лозови насади.
„Се исплатија 9 милиони евра на 15.208 лозари. Развојната категорија на лозари добиваат повисоки субвенции од 20 отсто за одржување на лозови насади, се воведе нова субвенција од 12.000 денари по хектар за реконструкција и промена на сортименот, а минатата година се воведе дополнителна мерка од 1 денар за предадено грозје за сортите вранец и смедеревка. Минатата недела Платежната агенција исплати 77 милиони денари на 2.048 лозари по основ на долгот што винарските визби го имаат кон лозарите за предаденото грозје во периодот од 15 август 2014 година до 15 ноември 2016 година. Решивме еден долгогодишен проблем што ги тиштеше лозарите, ги вративме назад парите кај лозарите за да можат повторно да инвестираат во лозовите насади“ додаде Николовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.