Економија
(Видео) Рокот за доделување под закуп земјоделско земјиште до 3 хектари е до 11 јануари
За три недели завршува јавниот повик за доставување понуди за давање под закуп земјоделско земјиште во државна сопственост до 3 хектари. Најдоцна до 11 јануари в година сите заинтересирани за овој јавен повик треба да достават комплетна документација со пријава за апликација, односно за интерес до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
За разлика од огласите за кои МЗШВ ги објавува расположливите парцели, со овој јавен повик Министерството им овозможува на земјоделците доколку имаат информации каде има слободна земја, самоиницијативно да пројават интерес преку изготовка на геодетски елаборат и прибирање на сите потребни документи пропишани со јавниот повик. Единствено, земјоделците треба да внимаваат земјиштето да не е предмет на денационализација и да не е веќе дадено под закуп.
Овој јавен повик е наменет за целокупното земјоделско земјиште во државата или за 34 региони. Целта на овој повик е да се стави во функција целото располжливо земјоделско земјиште, особено оние парцели од 4, 5, 6, 7 и 8 класа, а кои може да се искористат за производство.
„На овој начин создаваме поволни услови, сите земјоделци што веќе се занимаваат со земјоделство, оние што сакаат да го прошират своето производство или да почнат агробизнис, да склучат договор со МЗШВ и да дојдат до земјиште. Целта на повикот е да се стави во функција секоја педа земја, која може да овозможи земјоделско производство. Со воведување на оваа олеснителна процедура им овозможуваме на сите заинтересирани со свој пројавен интерес да добијат државно земјоделско земјиште и на тој начин директно да се зголемат површините со обработливо земјоделско земјиште, а со тоа и производството на земјоделски производи“, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопамнство, Љупчо Николовски.
Земјиштето за кое ќе биде склучен договор ќе треба да се искористи за подигање долгогодишни насади, оранжерии, долгогодишни насади со лешник, маслинарници, други земјоделски култури за период до 15 години, ливади за период до 15 години, за брзорастечки дрвја, за рибници и за спортско-рекреативни активности и рурален туризам.
Инаку, овој процес се одвива паралелно со континуирани јавни огласи за издавање државно земјоделско земјиште и претставува една силна заложба на Владата и на МЗШВ максимално да се зголеми обработената земјоделска површина во државата. Паралалено со јавниот повик тече и огласот за давање под закуп државно земјоделско земјиште над 3 хектари, кој, меѓу другото, е наменет за инвестиции во преработувачки капацитети.
Министерот Николовски посочи дека вака комбинарани, јавниот повик и инвестицискиот оглас, кој е особено важен за решавање на откупот на земјоделски производи, ќе дадат силен инпут во земјоделството и дека ова е само дел од стратегијата на МЗШВ за ставање во функција секоја педа земјиште затоа што зголемувањето на обработливите земјоделски површини и инвестициите во системите за наводнување што се реализираат се клучни за зголемено и конкурентно земјоделско производство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Рекорден трговски дефицит во 2023 година во износ од 436 милиони евра
Дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, преку фејсбук-објава извести за рекорден трговски дефицит во 2023 година за земјоделско-прехранбени производи во висина од 436 милиони евра.
„Рекорден трговски дефицит во 2023 година во износ од 436 милиони евра. Еве како СДС го уништува македонското земјоделство, Македонија со СДС стана земја увозно зависна од храна. Негрижата за македонските земјоделци и тотално погрешните земјоделски политики на СДС ги принудија земјоделците да го напуштат полето, а со тоа македонските граѓани да јадат увозни земјоделски производи, Македонија од земја извозник стана земја увозник на храна под власта на СДС. Земјоделците ќе имаат вистински партнер во новата влада на ВМРО-ДПМНЕ и заедно ќе го вратиме македонското земјоделство во онаа препознатлива состојба, а Македонија повторно ќе биде земја извозник на храна“, рече Трипуновски.
Економија
Надворешен долг, побарувања и меѓународна инвестициска позиција во четвртото тримесечје од 2023 година
Објавено е редовното статистичко соопштение за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција.
На крајот на четвртиот квартал од 2023 година:
На 31.12.2023 година, нето надворешниот долг изнесува 4.458 милиони евра (или 32,6% од проценетиот БДП). Нето надворешниот долг на земјата, во четвртиот квартал од 2023 година, е зголемен за 305 милиони евра, или за 7,3%. Од аспект на структурата, приватниот нето-долг и натаму има поголемо учество во вкупниот нето-долг со 67%.
Во текот на четвртиот квартал од 2023 година, негативната нето меѓународна инвестициска позиција (МИП) е зголемена за 160 милиони евра и изнесува 8.500 милиони евра, односно 62,2% од проценетиот БДП за 2023 година.
Најновото соопштение за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција е достапно на следниот линк.
Економија
Во вториот квартал од 2025 година стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот ќе остане 1,5 отсто, одржана седница на Советот на Народната банка
Советот на Народната банка, на својата редовна седница, одржана на 28 март 2024 година, врз основа на редовната квартална оцена на системските ризици, донесе одлука за задржување на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките во Република Северна Македонија во висина од 1,5%, којашто ќе се применува и во вториот квартал од 2025 година. Одлуката се заснова врз оцените за постепено стабилизирање на нагорните циклични системски ризици и постојана стабилност на банкарскиот систем. Исто така, ги зема предвид условите од окружувањето коешто и натаму е неизвесно и придружено со ризици, што е причина за претпазливо спроведување на макропрудентните мерки заради натамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот сектор. Со одржувањето на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот се придонесува за спречување и за намалување на можните ризици.
Народната банка ќе продолжи со внимателно следење на системските ризици и ќе ја преоценува висината на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот на редовна квартална основа. Притоа, имајќи ја предвид природата на противцикличниот заштитен слој на капиталот и насоките на релевантните европски институции, Народната банка може да ја оцени потребата за зголемување на стапката, при раст на ризиците и неизвесностите од окружувањето, во услови на поволни остварувања на банките. Во случај, пак, на значително остварување на ризиците во билансите на банките, може да се оцени и потребата од делумно или целосно ослободување на овој заштитен слој на капиталот, како поддршка во работењето на банките при евентуални неповолни сценарија.
Советот на Народната банка на седницата разгледа и други материјали поврзани со работата на централната банка.