Економија
(Видео) Со поддршка од Програмата за рурален развој Волково ќе добие кружен тек и нов пат до Кучково
Денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, заедно со градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски, директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, и Ваљон Салиху од кабинетот на градоначалникот на Град Скопје беа на увид во градежните работи на кружниот тек во село Волково. Овој проект се реализира со финансиска поддршка од Програмата за рурален развој.
Вкупната инвестиција за изградба на кружниот тек во Волково е 6 милиони денари, од кои 3,5 милиони денари се финансиска поддршка од Платежната агенција, преку Програмата за рурален развој, а останатите се од буџетот на општината.
„Изградбата на овој кружен тек е од витално значење на жителите од Волково и неколку населени места во овој реон. Со неговата изградба ќе се подобри пристапот на жителите од селата Волково, Орман, Никиштани и Кучково и ќе се олесни транзитот и сообраќајот кон Град Скопје и магистралниот пат за Косово. Истовремено со изградбата на кружниот тек во Волково се зголемува безбедноста во сообраќајот и за возачите и за пешаците“, изјави министерот Димковски.
Општина Ѓорче Петров освен за овој, конкурираше со уште два проекта, со кои ќе реализира инфраструктурни инвестиции, за кои е предвидено да добие вкупна финансиска поддршка од 19 милиони денари.
„Преку Програмата за рурален развој, во овој реон ќе се гради и локалниот пат од село Орман преку Волково до Кучкуво, а ќе се прави и пристапен пат до земјоделски парцели. Овие проекти ќе овозможат економски развој, како и развој на руралниот туризам. Финансиските средства за трите проекти се обезбедени со Програмата за рурален развој, а општината за овие проекти ќе треба да плати само данок на додадена вредност“, изајви директорот Бабовски.
Според Салиху, со изградбата на кружниот тек ќе се реши сообраќајниот хаос во Волково, каде што во иднина ќе биде олеснето движењето кон последната станица на автобуската линија број 22, која е една од најкористените линии во јавниот градски превоз, од што бенефит ќе имаат околу 10.000 жители на општина Ѓорче Петров кои живеат и работат во Волково, Кучково, Орман, Никиштани.
Градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Наумоски, посочи дека ова е само уште еден проект што е ветен за реализација.
„Изградбата на кружниот тек е во прва фаза. Заради безбедно одвивање на сообраќајот и учесниците во сообраќајот, започнуваме со изградба и на пристапниот пат до заобиколницата, патот кон Кучково и реконструкција на самиот мост, каде што се одвиваат тековните градежни активности, бидејќи досега на ова место се создаваше тесно грло. Во овој период од околу две и пол години, во овој рурален реон кој веќе се урбанизира, се вложени над 3,5 милиони евра“, изјави градоначалникот Наумоски.
Владата за околу 200 инфраструктурни проекти кои пристигнаа од сите општини од државата, обезбеди 38 милиони евра, како финансиска поддршка, преку мерките наменeти за општините од Програмата за рурален развој. Сите проекти опфаќаат капитални инвестиции во локалната патна, водоводна и канализациска мрежа, изградба и реконструкција на мостови, пазари, паркови, спомен-обележја и друг вид инвестиции, кои ќе придонесат за подобрување на условите за живот во секоја општина во државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.