Економија
(Видео) Спасовски во Лондон: ЕБОР е наш значаен партнер
Техничкиот премиер, Оливер Спасовски, и членовите на владината делегација, министерката за финансии, Нина Ангеловска, и министерот за економија, Крешник Бектеши, во рамките на работната агенда на еднодневната работна посета на Лондон, по повод учеството на самитот за Западен Балкан на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), оствари средба со претседателот на ЕБОР, Сума Чакрабарти, на која присуствуваше и директорката на ЕБОР за Југоисточна Европа, Шарлот Руе.
На средбата заеднички беше констатирано големото задоволство од досегашната соработка, а од страна на ЕБОР беше најавена нивната намера да иницираат потпишување меморандум за соработка за поддршка на ЕБОР на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ.
„Го поздравуваме ангажманот на ЕБОР во поддржување со финансиски средства на нашите напори за успешно исполнување на потребните критериуми и приближување кон ЕУ. Очекуваме дека оваа поддршка ќе продолжи“, истакна Спасовски и додаде дека главниот приоритет на владите од регионот е да го забрзаат економскиот раст на земјите од регионот, како и на регионот во целина.
Спасовски изрази благодарност за поканата за учество на инвестицискиот самит на ЕБОР, што претставува чин на континуираната и силна поддршка на Банката за подигање на стандардот и за унапредување на квалитетот на животот на граѓаните на Северна Македонија.
Како придобивка од соработката со ЕБОР се економскиот напредок на земјата и создадената позитивна клима за странски инвестиции, што беше потврдено и со највисокото ниво на инвестиции во 2018 и 2019 година кога достигнаа вредност од 740 милиони евра.
„Поддршката на ЕБОР, во координација со владините економски политики за раст, го поттикна и растот на индустриското производство во земјата 8 отсто од формирањето на оваа Влада, што поттикна раст на компаниите и отворање нови работни места, со што стапката на невработеност се намали 9 отсто, што е историски рекорд за земјата“, рече премиерот Спасовски на средбата со највисоките функционери на ЕБОР во Лондон.
На средбата на владината делегација на Северна Македонија во ЕБОР во Лондон беше потенцирано дека главни области во кои се очекува поддршката од Банката во насока на зајакнување на економските реформи се јакнење на капацитетите на човечкиот капитал со мерки за зголемување на родуктивноста и инвестициите во образованието, како и поддршка на конкурентноста на компаниите за рамноправно учество на глобалните пазари.
Како приоритетни области за заедничка соработка и поддршка остануваат финансирањето на големите инфраструктурни проекти, инвестиции во обновливи извори на енергија и гасификацијата, како и поддршката на зелената економија, односно давањето предност на незагадувачките и енергетски ефикасните индустрии, како и придобивките од четвртата индустриска револуција, односно дигитализацијата на услугите за зголемена ефикасност на ресурсите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.