Економија
(Видео) Сугарески: Инвестираме 140 милиони евра во Пелагониja за изградба на патишта, гасовод и водоводи
„Капиталните инвестиции во Пелагонискиот Регион се приоритет број еден. Само во ресорот транспорт реализираме педесетина проекти или инвестиции од 146 милион евра. Завршивме со рехабилитација на петнаесетина регионални патишта, шест проекти за водоводи и канализации, а ја изградивме и пругата од Битола до Кременица“, истакна министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, при денешната посета во општина Битола.
Тој заедно со градоначалничката на општина Битола, Наташа Петровска, градоначалничката на општина Могила, Јасмина Гулевска, и директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов, изврши увид во реконструкција на регионалниот пат Битола – Тополчани – Прилеп.
Министерот Сугареси потенцира дека примарен фокус на Владата на Република Северна Македонија е подобрување на животот на граѓаните и подобрување на економијата во целина преку изградба и реконструкција на патната мрежа низ државата, гасификација на земјата, изградба на комуналната и железничката инфраструктура.
„Денеска вршиме увид во изградба на капитални проекти што се реализираат во Пелагонискиот Регион. Еден од нив е и рехабилитација на регионалниот пат Прилеп – Тополчани – Битола, инвестиција од речиси еден милион евра. Само во Пелагонија работиме на педесетина проекти, и тоа: изградба на магистралниот гасовод од Неготино преку Прилеп до Битола, првата фаза од експресниот пат Градско – Дреново. Оваа недела почнуваме со реконструкција на постојната делница од Фариш до Дреново и тука најавувам дека ќе се работи со многу силно темпо, почнавме со проектирање за изградба на експресен пат Битола – Меџитлија, ќе се рехабилитираат патишта и во Крушево, Ресен и Прилеп, во тек е нивно проектирање, и уште многу други со кои ќе го подобриме животот на граѓаните“, изјави Горан Сугарески, министер за транспорт и врски.
Реконструкцијата на регионалниот пат Битола – Тополчани – Прилеп е во должина од 15 километри, инвестиција од 960 илјади евра, средства обезбедени од буџетот на ЈП за државни патишта. Според директорот Китанов, во наредниот период следува силен инвестициски циклус во патната инфраструктура.
„Овој пат е прв од третиот пакет патишта, што се вкупно 13, и кои на секои два дена ќе се воведуваат во работа во цела држава, а се со вкупна должина од 100 километри. Она што е важно за Битола и регионот е изградбата на експресниот пат до Маџитлија и обиколница што во моментот се проектира, а исто така на Градежниот факултет се наоѓа и проектот за изградба на автопат од Битола до Прилеп. Во тек е и тендер за заштитената ограда на обиколница, така што ЈП за државни патишта ги соборува сите рекорди во изградба и реконструкција на над 500 километри патишта“, изјави директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов.
Капиталните проекти се од огромно значење за Пелагонија бидејќи ќе го засилат економскиот развој на регионот, истакнаа градоначалниците на општините Битола и Могила.
„Подобрена е конекцијата од Битола кон Демир Хисар и Новаци. Денеска почнува санација на патот кон Могила. Сакам да спомнам дека санирани се патиштата кон Братин Дол и Драгош. Ова потврдува колку се работи со зголемен интензитет за разлика од претходно. За нас е многу важна изградбата на експресниот пат до Меџитлија, која е најавена за в година“, изјави Наташа Петреска, градоначалничката на општина Битола.
„Рехабилитацијата на патот Битола – Тополчани – Прилеп е од огромно значење за 6 општини и 22 илјади жители на општина Могила. Со него значително ќе се подобри руралното живеење“, изјави Јасмина Гулевска, градоначалничката на општина Могила.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.