Економија
(Видео) Трипуновски: Поради Заев и лошите политики во земјоделството, тутунот ќе остане неоткупен
Поради Заев и неговите лоши политики во земјоделството, 7 милиони килограми тутун ќе останат неоткупени, а со тоа егзистенцијата на илјадници семејства виси на конец. Хибридниот режим удира врз секоја гранка на економијата, обвини Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Изминатиов период алармиравме дека со дозволата за увоз на тутун ќе се наруши домашниот биланс и дека ќе се јават проблеми при откупот. Но, надменоста на СДСМ не дозволи да нè послушаат и за личен профит им ја загрозија егзистенцијата на илјадници семејства во Република Македонија. Во сите тутунарски региони во државата има пријавено некаде над 7 милиони килограми недоговорен тутун за кој директна вина носат Владата на СДСМ и МЗШВ бидејќи замижеа кога им се намалуваа договорите на тутунарите. Со оваа динамика на откуп најголем дел од тутунот ќе остане неоткупен“, изјави Трипуновски.
Тој нагласи дека дополнителен проблем за тутунарите е тоа што тутунот го предале по историски најниски цени. А оној што ќе остане, во огромен дел нема да може ниту да го продадат.
„Има уште половина месец до крајот на откупниот период, а оваа количина ќе остане неоткупена. Власта не им помага на тутунарите, цело време ги лаже и не успеа ниту да се договори со откупувачите, барем да им обезбедат амбалажа за вишокот тутун, а не, пак, да се покачи откупната цена, како што изминатиот период им ветуваа на тутунарите.
Хибридниот режим на СДСМ уште еднаш го одби нашиот предлог за зголемување на субвенцијата за предаден килограм затоа што не сака решение и не сака да им помогне на тутунарите, туку само работи за својот и бизнис-интересот на луѓето блиски до нив“, додаде тој.
Трипуновски со апел да престане да се користи земјоделството како монета за поткусурување и профити за неколку играчи блиски до врвот на власта. Внимавајте што правите, на пат сте целосно да го уништите земјоделството во Република Македонија, предупреди тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.