Економија
(Видео) Трипуновски: Николовски да преземе одговорност за дезинформациите за кочанскиот ориз
Власта на СДСМ продолжува да ги понижува македонските земјоделци. Последни на удар на криминалниот картел на власта се најдоа производителите на ориз. Пред речиси еден месец Агенцијата за храна, а веднаш потоа и Државниот инспекторат за земјоделство, излезе со став и информација дека наводно во Македонија е произведен и се продава ГМО-ориз. Без да се направат конечните анализи дека навистина се работи за ГМО, од таму посочија дека станува збор за генетска модификација произведена во Кочанско. И кога веќе ја направија штетата, сега излегуваат со информација дека според суперанализите што се направени, оризот не бил генетски модифициран, изјави Цветан Трипуновски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, со ваквата постапка Агенцијата за храна и Државниот инспекторат за земјоделство им нанесоа штета на производителите на ориз од Кочанско. И покрај тешкиот пласман на оризот од ланската реколта, кој стои неоткупен, и додека трае жетвата на годинешната реколта, им се нанесе огромна штета на земјоделците и воопшто на пласманот на кочанскиот ориз како бренд.
„Овој потег на власта создаде страв и паника кај граѓаните да престанат да купуваат кочански ориз и поради тоа значително да се намали продажбата, односно откупот на оризот во Република Македонија. Тоа не е ништо друго, туку директен удар врз џебот на македонскиот земјоделец. Прашуваме дали ваквиот чекор беше заради одредена нарачка и профит на бизнис-кругови блиски до власта, кои се увозници на ориз? Дали СДСМ отвора пат за поголема заработка на свои бизнис-кругови на сметка на македонските земјоделци кои произведуваат ориз во Република Македонија, а воедно мака мачат со продажбата од годинешната реколта не само поради ниските цени туку и поради откупот што го нема?“, вели тој.
Според Трипуновски, за овој несериозен потег со кој му се наштети на македонскиот земјоделец и на брендот „кочански ориз“, мора да се понесе одговорност. Одговорност мора да има од директорите на Агенцијата за храна и Државниот инспекторат за земјоделство, неминовно е и одговорност мора да понесе и министерот Љупчо Николовски и крајно време е да си поднесе оставка пред целосно да го опустоши македонското земјоделство. Со СДСМ земјоделството е на колена. Криза со пласманот имаше и со градинарските производи и со пласманот на праски, лубеници, сливи, пченица, а сега власта создаде криза и со откупот на ориз. Овој хаос во македонското земјоделство не смее да продолжи. Земјоделците повеќе не смее да бидат понижувани и омаловажувани. СДСМ покажа дека не знае и не може да се грижи за македонското земјоделство. СДСМ мора да си замине за македонскиот земјоделец да почне да напредува“, додава тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Рекорден трговски дефицит во 2023 година во износ од 436 милиони евра
Дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, преку фејсбук-објава извести за рекорден трговски дефицит во 2023 година за земјоделско-прехранбени производи во висина од 436 милиони евра.
„Рекорден трговски дефицит во 2023 година во износ од 436 милиони евра. Еве како СДС го уништува македонското земјоделство, Македонија со СДС стана земја увозно зависна од храна. Негрижата за македонските земјоделци и тотално погрешните земјоделски политики на СДС ги принудија земјоделците да го напуштат полето, а со тоа македонските граѓани да јадат увозни земјоделски производи, Македонија од земја извозник стана земја увозник на храна под власта на СДС. Земјоделците ќе имаат вистински партнер во новата влада на ВМРО-ДПМНЕ и заедно ќе го вратиме македонското земјоделство во онаа препознатлива состојба, а Македонија повторно ќе биде земја извозник на храна“, рече Трипуновски.
Економија
Надворешен долг, побарувања и меѓународна инвестициска позиција во четвртото тримесечје од 2023 година
Објавено е редовното статистичко соопштение за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција.
На крајот на четвртиот квартал од 2023 година:
На 31.12.2023 година, нето надворешниот долг изнесува 4.458 милиони евра (или 32,6% од проценетиот БДП). Нето надворешниот долг на земјата, во четвртиот квартал од 2023 година, е зголемен за 305 милиони евра, или за 7,3%. Од аспект на структурата, приватниот нето-долг и натаму има поголемо учество во вкупниот нето-долг со 67%.
Во текот на четвртиот квартал од 2023 година, негативната нето меѓународна инвестициска позиција (МИП) е зголемена за 160 милиони евра и изнесува 8.500 милиони евра, односно 62,2% од проценетиот БДП за 2023 година.
Најновото соопштение за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција е достапно на следниот линк.
Економија
Во вториот квартал од 2025 година стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот ќе остане 1,5 отсто, одржана седница на Советот на Народната банка
Советот на Народната банка, на својата редовна седница, одржана на 28 март 2024 година, врз основа на редовната квартална оцена на системските ризици, донесе одлука за задржување на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките во Република Северна Македонија во висина од 1,5%, којашто ќе се применува и во вториот квартал од 2025 година. Одлуката се заснова врз оцените за постепено стабилизирање на нагорните циклични системски ризици и постојана стабилност на банкарскиот систем. Исто така, ги зема предвид условите од окружувањето коешто и натаму е неизвесно и придружено со ризици, што е причина за претпазливо спроведување на макропрудентните мерки заради натамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот сектор. Со одржувањето на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот се придонесува за спречување и за намалување на можните ризици.
Народната банка ќе продолжи со внимателно следење на системските ризици и ќе ја преоценува висината на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот на редовна квартална основа. Притоа, имајќи ја предвид природата на противцикличниот заштитен слој на капиталот и насоките на релевантните европски институции, Народната банка може да ја оцени потребата за зголемување на стапката, при раст на ризиците и неизвесностите од окружувањето, во услови на поволни остварувања на банките. Во случај, пак, на значително остварување на ризиците во билансите на банките, може да се оцени и потребата од делумно или целосно ослободување на овој заштитен слој на капиталот, како поддршка во работењето на банките при евентуални неповолни сценарија.
Советот на Народната банка на седницата разгледа и други материјали поврзани со работата на централната банка.