Економија
(Видео) Трипуновски: Фирма за пелети блиска до Николовски купува дрва десетпати поевтино од народот
Слабата реализација на ЈП „Македонски шуми“, кое оваа година не обезбеди ниту 20 % од потребната дрвна маса, што e далеку од потребната количина, ако се земе предвид дека во државата речиси 50 проценти од домаќинствата огревното дрво го користат како главен енергент, покрај тоа што има цел да ги насочи купувачите кај одредени приватни стоваришта, ја вивна и цената на дрвната маса во плафон, што резултира со поскапување на цената и на пелетите, истакна на денешната прес-конференција Цветан Трипуновски, претседател на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на ВМРО-ДПМНЕ.
Власта, додава тој, и во пелетите виде бизнис, „па гледаме како се распродава дрвна маса по цена 10 пати пониска цена од пазарната на фирми блиски до власта за потоа да направат пелети и да инкасираат милионски добивки“.
„Ова е еден од договорите што ЈП ‘Македонски шуми’ го склучила со фирмата ‘Еколајф’ ДООЕЛ за сеча во Свети Николе, фирма што важи за блиска до Љупчо Николовски. Со овој договор ЈП ‘Македонски шуми’ продава 3.165 кубни метри дрвна маса за цена за кубен метар од 300 денари за кипарис и 525 денари за црн бор. Доколку власта навистина водеше грижа за граѓаните, тогаш ова дрво, наместо да им се понуди на граѓаните со ниски примања, кои не може да си дозволат да се снабдат со доволна количина огревно дрво, за полесно да ја поминат зимата, се дава на фирма блиска до власта и Николовски“, посочи Трипуновски.
Очигледно е вели тој, дека на власта не ѝ е приоритет народот, кој не може да си купи дрва и едвај преживува, туку бизнисот и процентите.
„Вкупната цена на дрвната маса од договорот е 1.578.250 денари за 3.165 м3, и според пресметките, ќе се добие околу 650.000 килограми пелети. Ако оваа количина ја помножиме со цена од 30 денари за килограм пелети, доаѓаме до сума од 19.500.000 денари. Дополнително, истата фирма има добиено договор за сеча во Делчево за 35.000 метри кубни дрво, од што би се добиле над 7 милиони килограми пелети, или ако се земе предвид дека просечната цена на еден килограм пелети е околу 30 денари, фирмата ќе инкасира над 200 милиони денари“, дополни Трипуновски.
Според него, само со овие два договора власта овозможува чиста заработка од над 3 и пол милиони евра за фирмата „Еколајф“, блиска до Љупчо Николовски и СДС.
Го повикува Јавното обвинителство да отвори случај и да утврди зошто ЈП „Македонски шуми“ не обезбедило доволно дрвна маса во своите складишта?
„Зошто реализацијата е речиси 4 пати помала од времето кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт? Дали зад сето ова се крие бизнис со цел вештачко кревање на цената на огревното дрво и на пелетите и овозможување бизнис за фирми блиски до власта? Дополнително, Николовски, наместо да бега, мора да одговори зошто ги остави граѓаните и домаќинствата на самиот почеток од грејната сезона без огревно дрво, а прашање е дали воопшто и ќе го има до крајот на зимата. Одговорност мора и ќе има кога тогаш!“, потенцира Трипуновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.