Економија
(Видео) Финансиска инјекција од 10 милиони евра за изградба на пречистителна станица во Скопје
Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, и министерката за финансии, Нина Ангеловска, учествуваа на панелот „Градење на просперитетна иднина“, во рамките на Самитот што се организира од светски познатиот магазин „Економист“.
Вицепремиерот Анѓушев во воведното обраќање на панелот потенцира дека стремежот на секоја Влада е раст и развој на економијата, а тоа е возможно само доколку се обезбеди стабилноста на државата и владеење на правото преку кое се обезбедува сигурност во направените инвестиции. Со веќе извесното полноправно членство во НАТО и очекуваната препорака за започнување преговори за членство во ЕУ, се обезбедува потполна политичка стабилност на Северна Македонија, која ќе се рефлектира со дополнителни позитивни резултати во економијата и повисок животен стандард на граѓаните.
„За инвеститорите да чувствуваат сигурност во нивните инвестиции, го донесовме Законот за финансиска поддршка на инвестициите, со што овозможивме транспарентна и еднаква поддршка на домашните и странските инвеститори. Сега веќе никој не мора да преговара со кого било од Владата за да добие финансиска поддршка, едноставно Законот тоа го овозможува за сите кои инвестираат и на тој начин компаниите имаат предвидливост и сигурност во направените инвестиции“, нагласи Анѓушев.
Вицепремиерот посочи дека економијата бележи континуиран раст, во вториот квартал од 2017 година, кога БДП бележеше негативна стапка од -1,8%, во изминатите две години растот на БДП е постојано со позитивни стапки, а во последните два квартали се забележани стапки на раст од 4,1% и 3,1%, стимулирани од раст на реалниот сектор.
„Креираме услови за развој на реалната економија, преку 250 компании се поддржани со мерките за стимулирање на технолошкиот развој и иновации на компаниите, а со тоа и подигнување на нивната конкурентност и продуктивност. Како резултат на работата на реалниот сектор бележиме раст на индустриското производство, во август од 9,8% во однос на истиот период лани, додека досега во оваа година бележиме раст на индустриското производство од 5,5%. Невработеноста од 21,7%, за само две години се намали на рекордно ниски 17,5%, преку креирање на нови над 54 илјади работни места, а во исто време бележиме ефективен кумулативен раст од над 10% на просечната нето-плата“, посочи Анѓушев.
Како заеднички предизвик на сите земји во регионот се детектира недостиг на квалитетна сила, како и одливот на младите стручни кадри во развиените европски земји. Заминувањето на младите е состојба со која се соочуваат сите балкански земји. Станува збор за феномен, бидејќи е склоп од повеќе фактори: историски, политички и економски.
„Поради ова, мора да работиме на подобрување на условите за живот во нашите земји, подобро образование, подобро платени работни места, подобри услови за живот и формирање семејство, подобар здравствен систем. Со други зборови, мора да ги унапредиме нашите економии, да може да генерираат раст кој ќе води кон живот со повисок квалитет и подобри стандарди. Република Северна Македонија, а верувам и другите земји од Западен Балкан, издвојуваме значајни средства преку мерки за вработување, за доквалификација, за самовработување и слично. Пример, во нашата земја за оваа намена се издвојува над 1 милијарда денари, околу 18 милиони евра оваа година. Но, ова е само еден дел од реформата. Ние спроведуваме реформи и во образованиот систем преку воведување на стручно образование и поврзување на образованието со приватниот сектор, односно ивршување практична настава директно во компаниите и стекнување практични вештини и знаења, со што младите луѓе ќе можат полесно да најдат подобро платена работа, а ќе се задоволат и потребите на компаниите за наоѓање квалитетен работен кадар. Економијата се гради со фабрики, машини и хали, но нема економија без луѓе“, додаде вицепремиерот.
Анѓушев посочи дека очекува уште подобри резултати во економијата во третиот и четвртиот квартал во 2019 година, како сумарен резултат на отворање на преговорите за членство во ЕУ, веќе извесното полноправно членство во НАТО, како и поради имплементација на Владините мерки за поддршка на стопанството.
За време на панелот, претставникот на Европската инвестициска банка, Матео Ривелини, објави дека ЕИБ донесе одлука да додели грант во висина од 10 милиони евра, за пречистителната станица во Скопје, како форма на поддршка на реформите кои се спроведуваат во Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.