Економија
(Видео) Шекеринска во посета на РЕК Битола: Вложуваме 20 милиони евра во нови филтри за заштита на животната средина
Заменик претседателката на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски го посетија РЕК Битола. Со менаџментот на комбинатот тие разговараа за тековните проекти во најголемиот производител на електрична енергија во земјава и за активностите коишто обезбедуваат намалување на трошоците за производство, а зголемување на количеството произведена струја.
„Изминатава година многумина создаваа паника кај нашата јавност дека либерализацијата на пазарот со електрична енергија ќе значи зголемување на цената на струјата којашто ја плаќаат граѓаните и индустријата. Тврдевме дека тоа не е точно и со последните одлуки и на Владата и на Регулаторната комисија се покажа дека со домаќинско работење можно е да постигнете тројна цел: задржување на цената на електричната енергија, зголемување на производството на електрична енергија за сметка на поранешниот увоз и воведување на евтината тарифа на струјата. Притоа, сите овие три работи беа возможни само ако домаќински и професионално се работеше во електраните, а особено во клучната електрана којашто го носи целото производството во нашата држава, а тоа е РЕК Битола. Еден дел од парите коишто останаа, сега можеме да ги инвестираме во еколошки проекти. Оваа година веќе, РЕК Битола покажа дека зборот важи. Започната е постапката за реконструкција на електростатските филтри на комбинатот. Овој е рецептот што го користиме како Влада и овој е рецептот кој го бараме од менаџмент тимовите низ цела држава. Ние и понатаму ќе продолжиме да даваме поддршка на ваквите политики. Тие се добри за комбинатот, добри се за електраните, меѓутоа пред се и над се, се добри за граѓаните на оваа држава”, рече Шекеринска.
Раководството на комбинатот ја информираше заменик претседателката на Владата, Шекеринска за постапката за избор на изведувач за реконструкција на електростатските филтри.
„Заврши првата фаза од јавната набавка за реконструкција на електростатските филтри на која се пријавија девет компании. Од нив, седум продолжуваат во следната фаза. Сакаме да потенцираме дека се работи за сложен проект во секоја смисла, финансиски тежок над 20 милиони евра, во чија реализација не сакаме да ги направиме грешките од минатото, како при модернизацијата на котлите, на пример. Но, за нас, зборот важи и наскоро ќе го добиеме и изведувачот на работите за реконструкција на електростатските филтри. Тоа е најголемиот еколошки проект во РЕК Битола, со огромно значење за Битола, Новаци, Могила и останатите населени места”, рече директорот на РЕК Битола, Васко Ковачевски.
Според директорот на РЕК Ковачевски, во првите шест месеци од годинава, оствареното производство на електрична енергија е за 16 % поголемо од планираното. Споредбено со истиот период лани, производството е зголемено за 77 %. Во меѓувреме, како што рече Ковачевски, трошоците за производство во периодот јануари – јуни годинава, се за 650 милиони денари пониски од предвидените.
На средбата на заменичката на претседатеот на Владата и министерка за одбрана Шекеринска и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Димковски со менаџерскиот тим на РЕК Битола беше посочено дека и годинава, како и лани се реализираат ремонти на трите блокови со што се подобруваат производствените перформанси на постројките. Ремонтот на Блок 1 и Блок 3 е завршен, а од 15 август до 15 ноември следува капитален ремонт на Блок 2.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.