Економија
Винската индустрија со огромни штети поради Ковид-19, неопходна е помош за да се спречи колапс
Кризата предизвикана од Ковид-19 предизвика сериозни нарушувања на глобалниот вински пазар, а истовремено направи и огромни штети врз македонската винска индустрија.
Податоците на „Вина од Македонија“ (ВОМ), во кое членуваат најголемите производители и извозници на вино во земјата, покажуваат дека кризата од Ковид-19 пад предизвика пад на продажбата на вино на домашен пазар и до 80 %, пред сѐ, поради намалениот промет во угостителскиот и туристичкиот сектор, каде што се остварува најголем дел од потрошувачката на пакувано вино. Дополнително, обидите на големите производители на вино од Италија, Шпанија и од Франција да се ослободат од големите резерви предизвикаа намалување на цените на виното на клучните извозни пазари, особено на налевното, и тоа повеќе од 40 %, што создаде дополнителен притисок за намалување на цената на македонското вино што се пласира на странските пазари и намалување на вкупниот девизен прилив од извозот на вино.
Драстичното намалување на продажбата на вино на домашниот пазар и намалувањето на цените на виното на главните извозни пазари сериозно ја влошија финансиската стабилност и ликвидност на македонските винарници, што го доведоа во прашање редовното производството на вино и реализацијата на годинешниот откуп на грозје и претставува потенцијален проблем и за лозарите и за државата.
Во вакви крајно отежнати околности македонските производители и извозници на вино се принудени да ги приспособат своите деловни планови вклучувајќи ја и ценовната политика за откуп на грозјето кон условите што ги диктира пазарот и ситуацијата предизвикана од ковид-кризата. Производителите на вино, а особено извозниците на налевно вино, се соочуваат со големи ценовни притисоци на светско ниво, што ја прави откупната цена нереална и невозможна без интервенција од државата. Дополнително, намалената побарувачка, како на домашно така и на светско ниво, влијае и на потребите од количини грозје, со што се става во прашање откупот на целата реколта.
За да се избегне целосниот колапс на македонската винска индустрија и лозарството, здружението „Вина од Македонија“ во периодот од март до јули 2020 иницира повеќе средби со претставниците на надлежните институции, на кои беа презентирани конкретен сет мерки, кои требаше да обезбедат вистинска поддршка и поттик за целокупниот македонски вински сектор по примерот на мерките за поддршка што ги применуваат владите во другите земји – големи производители на вино. Но, и покрај презентираните аргументи од страна на здружението, Владата досега не донесе одлука во врска со ова прашање.
Ставот на „Вина од Македонија“ е дека за да може да се откупи целокупната количина грозје од годинешната берба по дефинирани цени, ќе биде неопходна директна финансиска поддршка од државата.
Доколку не се размислува рационално и не се дејствува бргу и одлучно, постои реална опасност за целосен колапс на македонската винска индустрија, која обезбедува годишен извоз од речиси 50 милиони евра и обезбедува работа и социјална сигурност за приближно 30.000 индивидуални земјоделски стопанства, 12.000 сезонски работници и повеќе од 2.500 вработени во 74 регистрирани домашни винарски визби.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.