Економија
Вински експерти и љубители на виното го одбележаа Св.Трифун во „Стоби“
Стотици гости меѓу кои и амбасадорите на Холандија, Италија и Унгарија, претставници од бизнис – секторот, вински витези и експертиприсуствуваа на свечената прослава на празникот Св.Трифун во винаријата „Стоби“.
Настанот почна со литургија и закројување на лозите по што следуваше музичко шоу на кое присутните дeгустираа ексклузивни вина од богатата палета на една од најголемите винарии во Македонија. На прославата настапија: триото на реномираната џез-пејачка Марија Димитриевиќ; новата надеж на домашната сцена Антониа Гиговска која беше и финалист на шоуто „Пинкови ѕвезди“ и џез-бендот „Д свингерс“.
На денешниот настан ексклузивен гостин беше и претставникот од компанија Schermer од Холандија која воедно е првата дистрибутерска фирма со која „Стоби“ има потпишано договор. Прославата на Св. Трифун е заокружување на регионалната промоција на ексклузивните вина од линијата Private Reserve. Оценувајќи ја изминатата година како успешна, менаџментот на „Стоби“ се надева дека и во 2017 ќе продолжат да се развиваат со исто темпо.
„На крајот на 2015 година промовиравме нови премиум вина и минатата година бевме фокусирани на нивно претставување во земјава и во странство. „Акација“, „Аура“, „Аксиос“, „Аминта“, „Вердо“ и „Веритас“ се „најдоброто од најдоброто“ создадено од стручниот тим на винаријата и задоволни сме дека наидоа на одличен прием од вљубениците на виното, како и од енолозите и винските стручњаци“, објаснува Ана Јорданова, главен вински уредник во „Стоби“.
Лани беа организирани настани во Србија и Босна каде се дегустираа новите вина на „Стоби“, заедно со македонски специјалитети подготвени на модерен начин.
„Концептот не беше да го понудиме најдоброто од нашата винарија туку од нашата земја и тоа пред одбрана публика. Миксот на нашето вино и вкусната храна се покажа како добитна комбинација. Минатата година учествувавме и на повеќе натпревари на кои добивме повеќе пофалници и медали, но најдраг ни е златниот медал за црвеното вино „Аминта“ на престижниот BIWC (The Balkans International Wine Competition)“, појаснува Јорданова и додава дека денешната прослава е можност да ги соберат сите свои соработници и пријатели на исто место, да го одбележат Св. Трифун и да посакаат и 2017 да им биде исто така бериќетна.
„Стоби“ е модерно конципирана македонска винарија, лоцирана во општина Градско, веднаш до античкиот локалитет Стоби, од каде што го добива и своето име. Произведува повеќе од 15 различни типови на вино од кои дел се продаваат и на европскиот и американскиот пазар.
Севкупниот капацитет на „Стоби“ е 4,5 милиони литри висококвалитетно македонско вино годишно, распределено во четири категории – премиум, елит, класик и традиционални. Производството се базира исклучиво на сопствените лозови насади, кои се простираат на површина од 600 хектари./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.