Економија
Вицегувернерката Митреска: Македонската економија ја минува ковид-кризата со посилни фундаменти во споредба со глобалната финансиска криза од 2008 година
Вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, учествуваше на 86. издание на „Ист жур фиксе“ – настан во организација на Централната банка на Австрија, кој оваа година, поради околностите поврзани со пандемијата, се одржа во виртуелен формат. На настанот фокусот секогаш е ставен на актуелни теми и прашања за централнобанкарската заедница, а годинешното издание беше на тема „Сѐ за Ковид-19 – геополитички, економски и макрофинансиски перспективи на земјите од Западен Балкан“.
Како говорник на втората сесија на која се дискутира за последиците од Ковид-19 врз макрофинансиската стабилност, вицегувернерката Митреска даде осврт на случајот на македонската економија. Притоа, во рамките на своето излагање, таа укажа на посилните фундаменти и помалите ранливости со кои македонската економија ја минува ковид-кризата, споредено со периодот на глобалната финансиска криза од 2008 година. Според неа, тоа е видливо преку повеќе сегменти, вклучително и преку посилната надворешна позиција на економијата, повисокото ниво на девизните резерви, како и преку отпорноста на банкарскиот систем.
Во своето излагање вицегувернерката стави акцент и на каналите преку кои ковид-кризата се пренесува во домашната економија укажувајќи на каналот на доверба и очекувања како битен фактор за намалувањето на потрошувачката и инвестициите. Понатаму, таа се осврна на каналот на трговските врски и намалената надворешна побарувачка, како фактори што имаат неповолен ефект врз извозот, а во услови на вклученост на економијата во глобалните производствени синџири.
„Сепак, податоците покажуваат дека овие ефекти се краткотрајни и во услови на отворање на економиите тие постепено се исцрпуваат. Всушност, структурата на економијата и на извозната база, во кои доминираат стоките, а не услугите, претставува компаративна предност во овој период, што може да овозможи побрзо закрепнување на кус рок во однос на некои други економии“, посочи Митреска.
Посебен акцент стави и на дознаките, кои со оглед на специфичноста на кризата бележат намалување.
Во однос на монетарната политика и регулаторните промени вицегувернерката посочи дека од почетокот на ковид-кризата Народната банка ги релаксира монетарните услови. Намалувањето на основната каматна стапка, обезбедувањето дополнителна ликвидност, реактивирањето на неконвенционалната мерка на задолжителната резерва, но и овозможувањето регулаторна флексибилност, со цел намалување на финансискиот товар за компаниите и граѓаните, се дел од преземените мерки што Митреска и ги посочи во дискусијата на настанот.
„Целиот овој пакет-мерки овозможи релаксирање на финансиските услови и олеснување на пристапот до финансирање, со што се ублажува ефектот од ковид-кризата врз домашната економија“, истакна вицегувернерката.
На крајот на излагањето таа ја нагласи и исклучително високата неизвесност присутна кај економиите, со оглед на здравствениот карактер на кризата, како и потребата од внимателно следење на сите текови.
Учеството на овој значаен меѓународен настан вицегувернерката Митреска го искористи и за одделни дискусии со свои колеги од регионот и Европа, кои во најголем дел беа фокусирани на размена на искуства од досегашното справување со ковид-кризата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.